Сојузот на демократски држави се врати на сцената. Неговата главна цел е да и се спротивстави на Кина. Ова беше и тема број еден на неодамнешното патување на Џозеф Бајден во Европа. Потребата да се оживеат сојузите на САД по ерата на Трамп има смисла. Но, новиот фокус носи ризици.
Џефри Сакс од Универзитетот Колумбија напиша дека „не ни треба групата Г7“. Но, која е причината за ваквото тврдење? Дали има смисла најмоќните економии во светот да координираат политики во области на заеднички интереси и споделени вредности? Оваа дилема е исклучително важна кога и самата демократија е во рецесија, моќта се оддалечува од САД и нејзините сојузници и се повеќе се движи кон Кина.
Подемот на Кина е најважната стратешка реалност. Оваа година, според ММФ, таа ќе генерира 19 проценти од светското производство измерено според паритетот на куповната моќ, за разлика од 7-те проценти во 2000 година. Сепак, економски најмоќните држави остануваат на врвот. Нациите кои се дел од групата Г7 ќе генерираат 31 процент од светското производство во 2021 година.
И во трговијата, Г7 сè уште генерира 31 процент од светскиот извоз на стоки и апсорбира 36 проценти од светскиот увоз, наспроти 15 и 12 проценти на Кина. Економски најмоќните демократии генерираат 55 проценти од светскиот извоз и апсорбираат 57 проценти од светскиот увоз.
Овие држави имаат и најпродуктивни економии во светот според производството по глава на жител, додека Кина е само на 75-то место. Тие се дом на најголемиот дел од водечките светски компании, најголемите меѓународни финансиски пазари, водечките универзитети и највлијателните медиуми. САД ја имаат и најмоќната војска во светот. Покрај сите нејзини неуспеси, идеалот за либерална демократија останува привлечен за најголем дел од светската популација.
Оттука, логично е економски најмоќните држави да ги координираат регулативите во области како што се финансиите, дигиталната технологија и конкуренцијата на нивно тло. Тие, исто така треба да ги бранат своите основни вредности, како што е слободата на изразување и да се спротивстават на мешањето однадвор, особено од страна на Кина.
Финално, демократските и економски најмоќни држави имаат свои вредности и интереси, како и способност да ги заштитат особено ако дејствуваат заедно. Но, да му наметнуваат на остатокот од светот што да прави е погрешно и нереално.
Како што пишува Иан Морис од Универзитетот Стенфорд во својата провокативна книга „Војна! За што е добра?” Европејците водеа петстотини години војна против остатокот од светот. Децении по распадот на Советскиот Сојуз дополнително беше поткопана довербата во компетентноста и вредностите на Западот преку лудориите со „војната против тероризмот“ во Авганистан и Ирак, глобалната финансиска криза, излегувањето на Велика Британија од ЕУ и изборот на Доналд Трамп .
Во коминикето Г7 зборува за заедничка посветеност на „меѓународната соработка, мултилатерализмот и градењето на отворен и отпорен светски поредок заснован на правила“. Денес, ова предизвикува само потсмев. Бајден се надева дека Трамп бил девијацијата што му се случила на светот,но заборава да спомене дека тој сè уште може да се врати.
Доколку обновениот демократски сојуз сака да добие на тежина, потребни се кохерентни и разумни политики. Највпечатлива е неодложната задача за вакцинирање на светот против Ковид-19. Групата Г7 признава дека „завршувањето на пандемијата во 2022 година ќе бара вакцинирање на најмалку 60 проценти од глобалното население“. Ова би значело најмалку 9,4 милијарди дози. Но, тие се обврзаа да споделат само 870 милиони дози во текот на следната година.
Исто така, се наведува дека „Од почетокот на пандемијата, тие инвестирале 8,6 милијарди долари за набавка на вакцини, вклучувајќи 1,9 милијарди долари од последниот состанок во февруари. Ова претставува инвестиција во над 1 милијарда дози“ иако сите знаеме дека ќе биде потребно многу повеќе.
Г7 забележува дека потрошeни се над 12 милијарди американски долари за поддршка на своите граѓани и деловни активности. Имајќи ги во предвид колосалните расходи како последица на пандемијата, Г7 го презема планот на ММФ за вакцинирање на светот до средината на 2022 година по цена од 50 милијарди американски долари.
Дополнително, тие имаат и подолгорочни планови во рамки на новиот сојуз против Кина. Секако дека економско најмоќните држави имаат право да ги заштитат своите основни вредности. Но, главната закана за нив не доаѓа од Кина, туку од многу поблиску.
За жал, нивните елити, а не Кина, ја предизвикаа оваа штета. Во меѓувреме, мора да се препознае огромната потреба за глобална соработка во зачувување на мирот и заштита на човештвото од глобални закани, како што се пандемии и еколошки катастрофи.
Скоро исто толку важно е да се детектира што е она што го турка кинескиот народ уште подлабоко во прегратките на нивниот комунистички режим, а е претставено како непрекинато непријателство од демократски најмоќните држави. Се чини дека на долг рок, само довербата во нивните вредности на отвореност и слобода можат да ја променат Кина.
Да, демократиите имаат должност да ги бранат основните економски и стратешки интереси. Но, тие исто така треба да останат што е можно поотворени за трговија и нови идеи. Санкциите нема да ја променат Кина. Само кинескиот народ може да го стори тоа. Западот мора да им даде причина да започнат со промените.
Добро е да се види дека постои обновен обид за соработка. Но, овие држави мора да избегнат и некои опасни стапици. Ако сакаат да водат, потребни им се многу покохерентни идеи отколку оние кои ги што покажаа на Г7. Покрај тоа, исклучително е важен обидот да избегнат конфликт со Кина затоа што тоа може да биде катастрофално погубно за нив.
Сакале или не, соработката е неопходна за прогрес на човештвото. На долг рок, пред сè, економски најмоќните држави мора да погледнат кон себе ако сакаат да се спасат. Кина не е најголема закана за нивните интереси и вредности: единствениот непријател се самите тие.
ЕЛЕНА ЗАРКОВСКА
Елена Зарковска е магистер по финансии и финансово право
-
ЕЛЕНА ЗАРКОВСКА#molongui-disabled-link