Connect with us

Hi, what are you looking for?

Европа

МАКЕДОНИЈА – ЕВРОПСКА ЗЕМЈА И БЕЗ ЕУ?

Во последните триесет години опсесијата со придобивките од интеграцијата и пречките за интеграција во Европската Унија толку ги има завладеано наративите на нашето општество и програмските определби на нашите институции, што се чини дека веќе имаме заборавено зошто воопшто нашата држава го одбрала зачленувањето во Европската Унија како една од своите стратешки определби.

Што и зошто Европа?

Определбата на нашата држава да тргне по патот на интеграцијата во ЕУ е мотивирана од убедувањето дека самиот процес на интеграција и зачленувањето во ЕУ ќе допринесе до тоа нашата земја да стане европска земја, и тоа преку трансформацијата на државниот апарат, општеството и економијата. Во овој опис намерно е изоставено било какво споменување на безбедносните интереси на државата, затоа што истите се доминантно гарантирани од САД, додека ЕУ игра само споредна улога во тој аспект.

Во последните триесет години опсесијата со придобивките од интеграцијата и пречките за интеграција во Европската унија толку ги има завладеано наративите на нашето општество и програмските определби на нашите институции, што се чини дека веќе имаме заборавено зошто воопшто нашата држава го одбрала зачленувањето во Европската Унија како една од своите стратешки определби. Сметам дека соочени со очигледната невозможност за зачленување во Унијата, треба да се потсетиме зошто воопшто сме ја одбрале оваа определба и да го преоцениме овој наши избор преку испитување на соодносот помеѓу: i) инвестицијата во време и енергија што се троши на тој процес; и ii) реалниот потенцијал од поврат на таа инвестиција.

За да се разбере целосно оваа наша определба, неизбежно треба да се даде одговор на две прашања.

Прво, што е тоа Европа и Европски држави? Инстинктивниот, но погрешен одговор, е дека Европа е континент на западниот крај на евро-азиската копнена маса, а европски држави се тие држави кои што се наоѓаат на овој континент. Но точниот одговор е дека Европа не е географски термин, туку политички термин кој што ги означува териториите каде што доминираат култури кои што се базирани на традициите на демократијата, човековите слободи, рационалната мисла, пазарната економија, социјалната држава и каде што населението има изразено чувство за се што е добро (етиката) и убаво (уметноста). Следствено на тоа, европска држава е држава во кој што индивидуата, општеството, државниот апарат и економијата се базираат на тие вредности.

Така, границата на Европа не е Урал, туку секаде каде што оваа култура се судира со другите помалку слободни или хумани цивилизации. Следствено на тоа, постојат држави кои се наоѓаат на континентот Европа, а кои што не се европски држави. Како и држави кои што не се на континентот Европа, а кои што се европски држави.

Второ, што е тоа Европска унија и дали Македонија може да биде европска земја без Европската унија? Европската унија во суштина е: i) економска зона за слободно движење на стока, услуги, капитал и луѓе; и ii) меѓународна организација на која што државите членки и имаат пренесено огромни овластувања во сферата економијата, внатрешната безбедност и делумно меѓународните односи. Како таква, Унијата дава огромни и неспорни економски и политички предности на земјите што членуваат во неа. Никој кој што малку има разбирање од политиката не би можел одговорно да тврди дека нашата држава нема интерес да влезе во Европската Унија, доколку ова беше возможно.

Сепак, неможноста на нашата држава да се интегрира во Европската унија не значи автоматски дека нашата држава не може да стане европска земја. Така, факт е дека Европската унија и самиот процес на интеграција би ја забрзала трансформацијата на нашите индивидуи, општеството, државниот апарат и економијата – од едни во кое доминираат ориенталните традиции и култура во едни во кои што доминираат европските традиции и култура. Од друга страна, дури и да не би постоела Европската унија нашата земја би требало да се стреми да стане европска. Така, покрај фактот дека без Европската унија овој процес е отежнат, тој не и невозможен.

Преоценување на стратешката определба за зачленување во ЕУ

Земајќи ги во предвид сите позитивни зборови за Европската унија кажани во претходните параграфи ќе се чини контрадикторно да се предложи преоценување на преоценување на стратешката определба за зачленување во ЕУ. Ова е особено нестандардно ако се земе во предвид дека таквиот предлог не доаѓа од индивидуа која што е „евроскептична“, туку индивидуа која што верува и се надева во успехот на ЕУ како една глобална сила и заштитник на Европа како единствена хумана култура во светот. Исто така, мотивот за ваквите предлози не доаѓа од некое желба за заштита на националната гордост во однос на блокадите на Бугарија. Мотивацијата за ваквиот предлог произлегува од два факта, кои што ќе ги образложам во следните параграфи.

Прва причина за ова преоценување е фактот дека постои практичната невозможност Македонија да започне преговори со ЕУ. Имено, нашата држава веќе една декада ги исполнува критериумите за отпочнување на преговори со ЕУ. Тој што го негира овој факт, индиректно кажува дека Европската Комисија – која што за нашата држава од 2009 година и дава препораки за почеток на преговори – не знае да си ја врши својата работа. Исто така, нашата држава направи огромни жртви со двата договори од 2018 година, а сепак од Европската унија не доби ништо за возврат.

Земајќи ги во предвид пошироките констелации на моќ и односи во и помеѓу државите членки се чини дека дури и државата да голтне уште еден болен компромис со Бугарија, тоа не е никаква гаранција дека интеграциските процеси ќе сe одблокираат. Да не заборавиме дека денеска преговорите се блокирани од Бугарија, но дека во 2019 година тие беа блокирани од Франција. Покрај Франција, постојат и други земји членки кои што номинално го поддржуваат отворањето на преговорите, но позади сцената вложуваат енергија тоа да се спречи. Па зарем некој верува дека држава како Бугарија која што низ својата историја секогаш се приколнувала кон доминантната сила, сега самостојно решава да пркоси на цела Европска унија. Оваа констелација на моќ и односи само ќе се влошува како што Франција се приближува кон претседателските избори во Април 2022 година, каде што евроскептичната Марин Ле Пен има сериозна позиција за победа. Поради тоа се чини дека што и да направи нашата држава, таа нема да добие зелено светло за почеток на преговорите.

Втора причина за ова преоценување е скапата цена која што се плаќа со неизвесноста, дефокусот, турбуленциите и разочарувањата кои што ги носи овој процес кој се чини дека не води никаде.

Нашето општество е континуирано присилувано да избира помеѓу евроинтеграцискиот процес и самопочитта која што доаѓа од правото на немешање во внатрешните работи на една суверена држава. Со игнорирањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и ревизионистичките изјави на одредени политичари од регионот, заедницата која што треба да е главен бранител на меѓународното право на нашата држава и вели: „за вас меѓународното право не важи. Додатно, дебатите околу тоа дали треба или нетреба да се прифатат болните компромиси создаваа длабоки и неизлечиви резови во општественото ткиво.

Овие проблеми не значат само некоја неконфорна позиција за политичките елити или населението, туку имаат сериозни практични импликации. Од една страна, неправдата од меѓународните односи се прифаќа како нешто сосема нормално во домашните меѓучовечки односи и луѓето меѓусебно почнуваат да се однесуваат како волци. Кога еден чувар на меѓународната правда како Европската Унија може тотално да биде толку слепа на неправдата, тогаш зошто една обична индивидуа да не може да биде неправедна? Од друга страна, поделбите и судирите на општеството во однос на болните компромиси го нарушуваат меѓусебниот дијалог и меѓусебно почитување т.е. ги уништуваат неформалните правила и институции кои што се неопходни за едно општество да може успешно да ги разрешува тековните конфликти и проблеми. Истовремено, ова поведение на ЕУ создава одбивност и омраза према европските вредности и култура, па се чини дека самиот процес на евроинтеграција не оддалечува од целта за која што воопшто процесот бил започнат.

Понатака, опседнатоста со психолошкиот “roller coaster” кој што не води од напнатост околу исчекување на одлуките некој европски самит кон разочараноста на новите блокади создава дефокус на општеството од неговите реални и непосредни проблеми – правосудниот систем, економскиот развој, животната средина, културата и слично. Просторот во медиумите и јавниот дискурс кој што во секое нормално општество им „припаѓа“ на овие теми е киднапиран од опсесијата со „датумот.“ Се сомневам дека има друго општество во Европа, кое што подетално го знае датумот за идниот ЕУ-самит. Ова покрај што го намалува просторот за дебата за реалните проблеми, исто така им дава џокер на политичарите сите проблеми да ги стават под тепихот на оправдувањата во форма на „ова е така затоа што не блокираат соседите.“

Ова бура на проблеми можеби и ќе беше прифатлива жртва, доколку започнувањето и завршувањето на преговорите за членство беа нешто реално. За жал, се чини дека тоа не е така.

Земајќи ги во предвид сите околности, проценувањето на нашата определба за зачленувањето во Европската унија треба да се врши многу трпеливо, темелно и внимателно. Сепак, со оглед на се помалите шанси за реализирање посакуваниот исход и цената која што ја плаќа нашето општество за држење на оваа фантазија во живот сите граѓани, општествени групи и институции се должни сериозно да се преиспитаат дали има смисла уште триесет години да преживуваме репризи на истиот филм? Или можеби Македонија има поголеми шанси да стане европска држава без „помошта“ на Европската унија?

ВЛАДО БОШЊАКОВСКИ

Владо Бошњаковски е адвокат

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...