Европската економска област (ЕЕО) е основана на 1 јануари 1994 година, врз основа на договорот меѓу земјите-членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и Европската заедница, односно Европската Унија. Овој договор дозволува Исланд, Лихтернштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар на ЕУ без редовно членство во ЕУ. За возврат, тие се обврзани да ги усвојат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар, освен законите поврзани со земјоделството и рибарството. Притоа, една од членките на ЕФТА, Швајцарија, не се приклучила на ЕЕО.
Кон крајот на 1980-тите, земјите-членки на ЕФТА, предводени од Шведска, почнале да ги разгледуваат можностите да се приклучат на тогашната Европска заедница. Во меѓувреме, Жак Делор, (кој тогаш бил претседател на Европската комисија), бил противник на идејата за проширување на ЕЕЗ, плашејќи се дека тоа ќе ја спречи способноста на Заедницата да ги заврши реформате на внатрешниот пазар и да ја основа монетарната унија. Оттука, во јануари 1989 г. Делор предложил да се основа Европски економски простор (ЕЕП) кој подоцна бил преименуван како Европска економска област(ЕЕО).
Договорот за ЕЕО бил потпишан во Порто, на 2 мај 1992 г. од страна на седумте земји-членки на ЕФТА и Европската заедница (ЕЗ) со нејзините тогашни 12 земји-членки, а ЕЕО официјално била формирана во 1994 година. На 6 декември 1992 г. швајцарските гласачи ја одбиле ратификацијата на договорот, ефективно замрзнувајќи ја апликацијата за членство во ЕУ која била подадена истата година. На 1 јануари 1995 г. три поранешни членки на ЕФТА – Австрија, Финска и Шведска – станале членки на европската Унија, а учеството на Лихтернштајн во ЕЕО било одложено до 1 мај 1995 г. Денес, договорни страни на ЕЕО се ЕУ и нејзините 27 земји-членки, плус Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.
Права и обврски во ЕЕО
Според членовите 88-91 од Договорот за основање на ЕЕО, главниот орган на ЕЕО е Советот кој е составен од претставници на Европската комисија и по еден претставник на земјите-членки на ЕФТА. Покрај него постои и Заеднички комитет на ЕЕО со кој наизменично претседаваат претставникот на ЕУ и на ЕФТА. Во членот 95 се предвидува и формирање мешан парламентарен комитет, а членот 96 предвидува формирање консултативен совет, составен од еднаков број членови од ЕУ и од ЕФТА. Исто така, членот 100 предвидува дека во донесувањето разни мерки може да учествуваат експерти на ЕФТА, а постои и Суд на ЕФТА. Тоа е наднационален суд замислен како пандан на Европскиот суд на правдата.
Претседателот на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус вели дека нивниот предлог за формирање на Европска економска зона меѓу земјите од Западниот Балкан како привремено решение за убрзување процес за проширувањето на ЕУ не е идеално сценарио, но е многу добар пат напред за земјите и многу подобро од статус кво ситуација.
Важно прашање е зошто нивната иницијатива не се придружи на огромното мнозинство на државите членки и земјите од Западниот Балкан за да се изнајде алтернатива во моменталнната ситуација на разочараност и безидејност. Затоа на Македонија и е потребна национална стратегија која исто така може да функционира без да се случи тоа. И тоа ќе ги прави идните вета во процесот помалку веројатни. Вака секогаш се случувало во процесот на европската интеграција.
За предлогот за Европска економска зона, како пример се посочува соработката на ЕУ со Норвешка, која не е членка. Крајната цел е секоја балканска земја која ги пресретнува условите да биде поврзана блиску до ЕУ како Норвешка, во таканаречената Европска економска зона. Самото зачленување во Европската економска зона е добра работа. Норвешка која е богата земја сѐ уште ѝ плаќа многу на ЕУ за тоа да биде дел од Европската економска зона, бидејќи нуди предности за нејзините граѓани и економија. Се разбира, Западниот Балкан не е богат и му треба помош за да ја стигне, па затоа ЕУ треба да ги зголеми грантовите и помошта, и да му дозволи да се приклучи на единствениот пазар. Бидејќи стабилен, демократски, просперитетен Балкан е во интерес на ЕУ“.
Македонски маратон на километри или статус кво со Е.У?
Предлогот на Гералд Кнаус за пристапување на Македонија и другите земји од регионот во Европската економска зона
Претседателот на Европската иницијатива за стабилност Гералд Кнаус, тврди дека Европската економска зона што ја предлага тој за Македонија и другите земји од регионот е подобра од сегашното статус кво и тој изразува увереност дека „со овој предлог европската интеграција на балканските земји ќе напредува”.
„Ние предлагаме Европската Унија да отвори пристапни преговори со шест земји од Западен Балкан за пристапување на европскиот единствен пазар, најголем во светот, со својата слобода на движење на луѓето, капиталот, добра и услуги. Ние предлагаме да се промени начинот на кој овие разговори се одвиваат, да ги направиме фер и трансформативни. Крајната цел е секоја балканска земја која ги пресретнува условите да биде поврзана блиску до ЕУ како Норвешка, во т.н. Европска економска зона. Самото зачленување во Европската економска зона е добра работа. Норвешка која е богата земја се уште и плаќа многу на ЕУ за тоа да биде дел од Европската економска зона, бидејќи нуди предности за нејзините граѓани и економија. Се разбира, Западниот Балкан не е богат и му треба помош за да ја стигне, па затоа ЕУ треба да ги зголеми грантовите и помошта, и да му дозволи да се приклучи на единствениот пазар. Притоа, како „многу позитивни” ги потенцираме искуствата на Финска и Шведска – кои биле дел од Европската економска зона (ЕЕА) пред да станат полноправни членки на ЕУ.
На неодамнешната средба кај претседателот Стево Пендаровски, лидерите на сите парламентарни партии искажаа заеднички став дека нема да прифатат никакво друго алтернативно решение освен полноправно членство во ЕУ. Дали тука е направена грешка?Дали треба да се прифати оваа иницијатива?
Предлогот на Кнаус временски коинцидира и со иницијативата на српскиот претседател Александар Вучиќ за економско поврзување на регионот („Мал шенген”) во која беа поканети и Македонија и Албанија. Поканата на Вучиќ токму до овие две земји непосредно пред француското „не“ за нивни преговори со ЕУ, остави сомнеж дека одредени процеси не се случајни. Фактот дека во „Малиот шенген” е планирано да бидат повикани и останатите земји од „балканската шесторка“, на дел од аналитичарите им наликува на обид да се воспостави некаква „балканска вежбална” или “предворје“, кое потоа полесно би се вклопило во разни предлози за „интегративното напредување“ на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и предлогот на Кнаус.
„Неуспешноста“ изведена од земји кои глумат реформи
Иако неговите намери се искрени, предлогот на Гералд Кнаус е штетен и во многу нешта погрешен! „Процесот на реформи е долг и мачен, зашто промените кои ги посакуваме, кои бараме и секако ни требаат, се огромни. Промените се поврзани со целокупната општествена трансформација. Своевремено, амбасадорката на Грција во Македонија, Александра Пападопулу, зборувајќи за пристапувањето кон ЕУ велеше: “Не станува збор само за промена на законите, туку за промена на менталитетот”. Колку побрзо тоа го разбереме, толку подобро за нас. Граѓаните имаат нереални очекувања од пристапувањето, а државите од Западниот Балкан потрошија премногу време во кое реално беа атрактивни за Унијата, а таа, имајќи го предвид бројот и интересите на државите-членки можеше поедноставно да одговори на предизвиците.
Но, денес состојбата е поинаква. Непријатен момент е тоа што како аргументи за тезата: „Политиката на проширување не дава резултати”, се земаат примери на држави кои глумат реформи. Во Западниот Балкан има држави кои одлучно се зафатија за реформирањето на своите општества. Но, има држави кои тоа повремено го прават и држави кои само повремено прикажуваат дека нешто прават. Сите држави се во различна фаза на пристапувањето и токму поради тоа резултатот од политиката и во процесот е различен. Не е точно дека политиката за проширување е неуспешна или не дава резултати. Искуството покажува дека резултатот не изостанува, тогаш кога политичката елита во самата држава е посветена на постигнувањето на резултатот. Државите-членки, или државата-членка, кои зборуваат за неуспехот на политиката, го земаат примерот на најмалку посветените или најмалку определените држави од регионот, за да го изведат заклучокот. Од друга страна, токму овие држави од регионот зборуваат дека процесот нема крај или дека не претставува соодветно решение. А токму оваа теза ја зема Кнаус како основа за својата анализа и го аргументира предлогот за ЕЕЗ.
Според него, без конкретна цел т.е. перспективата за зачленување (која ќе биде јасно искажана), секој процес ќе биде неуспешен. „За Западниот Балкан интегрирањето и членството во ЕУ нема алтернатива! Со променета методологија на процесот на проширување шансите само со политичка, а не и конструктивна одлука е безпредметна. Комисијата има и други различни алатки кои може да ги употреби за спречување на назадувањето и за водење на целиот процес, но тоа мора да го стори веднаш и без промена на целите утврдени на Самитот во Солун во 2003 година. Она што е најкорисно во овој момент, (освен да се продолжи со реформските чекори и да се покаже дека државите од Западниот Балкан се менуваат), е да се размислува за стратегии и да се употреби огромното мнозинство на држави-членки кои гледаат дека политиката за проширување е добра. Тоа мнозинство може да биде силна поддршка за правилна реформа на политиката. Замената на нашите стратегиски определби, или пак определбите на другите држави од Западниот Балкан се сосема погрешни и за многу нешта штетни.
Од друга страна, Кнаус е уверен дека „ова ќе биде историска понуда што ќе го трансформира Балканот”. Открива дека за неколку часа добил пораки за предлогот од министри за надворешни работи, парламентарци и претставници на ЕУ, кои изразиле интерес. Ако се тоа истите оние кои изјавуваа дека е направена „историска грешка“, допрва може да почне „мешањето на картите“. ЕУ во моментов не е подготвена да вети проширување на никого. Сепак, ЕУ треба да биде подготвена да дозволи секоја од земјите од Западен Балкан да се обиде да ги исполни барањата за ЕЕА.
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК
Никола Блајбершник е делегат на меѓународната асоцијација “Пламен на мирот“
-
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК#molongui-disabled-link
-
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК#molongui-disabled-link
-
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК#molongui-disabled-link