Младите мораат да размислуваат за својата кариера како за цел која можат да ја остварат преку континуирано стекнување нови знаења, вештини и искуства.
„Формалното образование создава човечки потенцијали за кои на пазарот на труд нема доволна побарувачка“, се зборовите кои најчесто ги слушаме од страна на професорите, аналитичарите и експертите, а бизнисмените се жалат дека тешко доаѓаат до стручни и квалитетни кадри и покрај високата стапка на невработеност во државава.
Очигледно досега преземените мерки и политики не ги даваат посакуваните резултати, пазарот на труд и понатаму има дисбаланси – или вишок или недостаток на одредени професии, а и негативниот тренд на одлив на мозоци не запира. За надминување на ваквата состојба, клучно е младите луѓе кои излегуваат на пазарот на труд да бидат сосредоточени со промените кои што се случуваат околу нас и да бидат насочени кон усвојување и стекнување на нови знаења. Фокусот треба да биде ставен на професии кои денес се создаваат и кои ќе бидат барани во блиската иднина.
Завршениот факултет веќе оддамна не е гаранција за работно место. Младите ќе се иселуваат се додека нашето образование не фати чекор со времето и пазарот на труд.
Поради неусогласеноста на пазарот на труд и образовниот систем, најголем дел од младите по завршување на своето високо образование имаат проблем со вработување. Невработеноста остава огромни последици врз личноста на младиот човек и неговата иднина. Истражувањата покажуваат дека негативните последици од невработеноста го погодуваат младиот човек на неколку нивоа: со секој поминат ден се забораваат стекнатите знаења и вештини и се намалуваат шансите за идно вработување, а се зголемува ризикот од сиромаштија. Невработените исто така се соочуваат со потешкоти во воспоставувањето на значајни врски со општеството, што во крајна линија доведува до социјална и политичка изолација. Од анализите може да се заклучи дека невработеноста е најприсутна кај младите кои припаѓаат на маргинализирани групи или живат во помалку развиени места во државата. Освен залудно трошење на средства и инвестирање во образување и обуки на кадарот, за државата ова значи и намалена основа за оданочување, но и „инвестиција“ во проектот “Македонија-земја на иселеници“.
Иако македонскиот пазар на труд се обидува да се придвижи и приближи до европскиот, проблемот се наоѓа во образовниот систем кој не е усогласен со движењата и трендовите ниту на домашниот, а уште помалку на европскиот пазар на труд. Нашиот образовен систем е сведен на учење на она што е во книга, не се охрабрува истражување, лично мислење, критичко размислување. Додека во поголемиот дел европски земји се случува постиндустриска трансформација која има огромно влијание врз преструктуирање на пазарот на труд ние создаваме професии од минатото.
Прилагодувањето е клучно
Оние кои влегуваат на пазарот на труд неминовно ќе се соочуваат со тектонските промени кои ги донесе Ковид кризата и забрзаната дигитална и постиндустриска трансформација. Во процесот на приближување и интегрирањето на Македонија во ЕУ очекувано ќе се наметне потреба за прилагодување на промените, но тешко е да се предвиди дали државниот образовен систем ќе успее да се прилагоди на истите. Во иднина се очекува да се зголеми побарувачката за специјализирани знаења и вештини кои постоечкиот домашен образовен систем во краток рок не може да ги испорача. На среден рок неминовно ќе дојде до прилагодувања, а до тогаш веројатно ќе расте процентот на иселени млади.
.