Интервју со Моника Зајкова, пратеничка во Собранието и потпретседателка на Либерално-демократската партија
Вие сте една од помладите пратенички во Собранието. Како ги оценувате можностите за вклучување на младите во политиката, каква е нивната перцепција, и што мислите дека треба да биде приоритет во охрабрувањето на младите да се занимаваат со политика?
Оваа генерација на млади имаат можности за вклученост, но сеуште недоволна затоа што нивната вклученост во поголеми процеси на креирање на одлуки зависи од волјата на партиските лидери. Она што треба да биде мотив или охрабрување на нас младите е дека не можеме и не смееме да дозволиме да бидеме неми набљудувачи на процесите и политиките околу нас, но да создаваме и иницираме активности и политики кои ќе влеат промени. Младите треба да се гледаат како носители на промените во секое општество. Колку поголема поддршка си дадат едни на други во делот на вклученост и креирање на младински политики толку поголем успех ќе оствариме. Лично, се залагам за иднина во која имаме поголем број на активни млади вклучени во градењето на вредности, политики и промени кои се конструктивни, не само за нив, но и за државата и идните генерации по нас. Да не седиме со скрстени раце, туку да преземеме чекори кои ќе бидат конкретни и ќе изградиме подобро општество за сите нас.
Како ја оценувате состојбата во Собранието? Дали неговото функционирање е на соодветно ниво за ефикасен политички дијалог меѓу различните партии претставени во законодавниот дом?
Доколку ги согледате истражувањата ќе забележите колку е соодветно нивото на дијалог. Тука се поставува отворено прашањето, кога последен пат сте погледнале културна дебата без меѓусебни партиски или лични обвинувања и деградирања, во која би имала разговор за идеи, спротиставени аргументи? Оттука сметам дека треба секој од нас лично да поработи на градење на тој дијалог. За моменталната состојба на Собранието нам ни претставува должност како пратеници да обезбедиме поголема функционалност. Граѓаните од нас очекуваат ефикасност при донесувањето на одлуки. Филибастерингот претставува пратеничка алатка која ја користат парламентите во вековни демократии, но тогаш кога пратениците ќе увидат дека на мала врата некои се обидуваат да протнат решенија кои се спротивни на граѓанскиот интерес, како и за контрола на власта. Но кај нас за жал оваа алатка се злоупотребува најчесто за да се направи притисок заради популизам и за оние решенија преку кои нема простор за користење на истата. Ако ние, како политичари имаме време за дебата и објаснување, граѓаните немаат ни ден за залудно чекање. Наместо да се фокусираме на блокада и ситни партиски поени потребно е да се фокусираме на функционалност. Должност ни е да овозможиме функционалност на Собранието во кое ќе имаме издржана, аргументирана дебата и квалитетни законски решенија кои се имплементираат.
Меѓу темите за кои имате јасни ставови се легализацијата на користењето на канабис за рекреативни цели. Сметате ли дека македонското општество е подготвено за ваков чекор? Кои се всушност придобивките од декриминализација на рекреативната употреба на канабисот?
Либерално-демократската партија е првата политичка партија која што ја има ставено во програмата декриминализација и легализацијата на канабис. Апсурдно е кривично да се гонат лицата кои консумираат канабис рекреативно, односно за лична употреба. Не смееме повеќе да бидеме неми на третманот на консументите. Добро показател е што Владата конечно се отвори кон нашите заложби и формираше работна група која треба да обезбеди решенија со кои ќе се овозможи декриминализација, депенализација, па и легализација на канабисот.
Не може да дозволиме само затоа што законодавецот во КЗ не ја регулирал личната употреба, но само одредил помала количина, лицата коишто рекреативно го користат канабисот, да бидат претресувани, омаловажувани, малтретирани и стигматизирани.
„Легализацијата на канабисот носи многу придобивки пред се од аспект на унапредување на човековото право на избор, но и од економски и медицински аспект.
Поточно, широка листа на болести кои се третираат со канабис; намалена употреба на тешки дроги; контрола на квалитет и продажба; избегнување директен контакт меѓу уживателите на канабис и дилерите на тешки дроги; намалување, па и елиминирање на црната економија;
зголемен БДП од угостителски и услужни дејности; определена количина која се смета за легален посед и број на одгледувачки стебла за лична или медицинска употреба кои се сметаат за легални. Органите на прогон нема да ги трошат своите ресурси на гонење на уживателите, но на гонење на вистинскиот криминал, бенефит за земјоделците, бенефит за индустријата.
Оттука ако ги погледнеме сите позитивни и негативни страни од овие процеси декриминализација, депенализација и легализација, натежнуваат првите и секое отворање на нова дискусија без конкретни чекори е само тапкање во место и губење на време за имплементација на регулатива од која би имале повеќе придобивки отколку негативни ефекти.
Вашето искуство вклучува и активности во меѓународната партиска соработка. Какви се односите со сестринските партии на ЛДП во ЕУ, и како таа соработка може да придонесе во остварување на надворешно-политички цели?
: ЛДП е полноправна членка на Алијансата на либерали и демократи во Европа (АЛДЕ), Либералната Интернационала, а воедно соработува со либерални фондации како Фридрих Науман, Борис Дивкович, Централната Интернационална Фондација од Шведска. Нормално дека кога сте рамноправни членки во вакви Алианси можете да придонесете за остварување на надворешно политички цели, но главниот епилог сепак зависи од политиките кои ги води државата. Секој од нас ги користи овие мрежи со цел да лобира за подобри позиции и поддршка на својата земја на патот кон евроинтеграциите. Но не зависи се од успешноста на лобирањето и поддршката. Ние, како либерал демократи добиваме безусловна поддршка од страна на нашите партнери во делот на подобри позиции за земјата во рамки на Унијата. И можеби либералите се единствените кои усвоија Резолуција за Западен Балкан со барања за итен почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија и одвојување на билатералните и историски прашања од процесот за пристапување.
Лично сметам дека премногу надежи вложивме во барањето на доследност на политичките пораки и ветувања од ЕУ. Ние како земја дефакто припаѓаме на Унијата, и географски и историски и цивилизациски, но таа припадност мора да ја потврдиме низ соодветна манифестација на општествен, културен, институционален, економски и севкупен прогрес кој треба да се случи кај нас, дома. Притисокот кон меѓународниот фактор за обезбедување на тамошната поддршка единствено може да расте пропорционално со растот на споменатите општествени сегменти во нашата држава.
Кои се Вашите очекувања од претстојните локални избори? Дали создавањето на нова коалиција, надвор од коалицииите со една од двете големи партии, може да придонесе за поголема поддршка на, условно речено, помалите политички партии?
Граѓаните се тие кои треба да имаат можност за избор. Граѓаните сакаат да гласаат и со тоа да изберат друга опција надвор од традиционалните партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Токму ние ќе им дадеме таква опција, конечно да гласаат за граѓанскиот центар. Факт е дека тоа не значи дека “големите“ партии ќе добијат онолку колку што тежат, бидејќи тие во своите коалиции вклучуваат етнички партии, други свои сродни партии од левицата и десницата така што тие сеуште ќе имаат на свое конто еден поширок спектар на гласачи. Целта е да им дадеме на граѓаните можност за избор, а не да бидеме нечија мерилка. Доста е од лево или десно бараме поддршка за нов граѓански концепт кои може да донесе свежина на македонската политичка сцена. Нудиме концепт кој нема да е црн или бел, затоа што граѓаните се уморни од такви концепти. Потребни се либерални вредности и прогресивни политики во ова општество кои ќе дојдат до израз а само така ќе бидеме рамо до рамо со останатите држави во Европа. Секој граѓанин кои смета дека треба да даде шанса на ваков концепт може да се приклучи.
Затоа ЛДП предлага доколку е потребен праг за отворени листи тој да биде 3% од бројот на добиени гласови од листата на конкретна партија. На пример ако партијата добие 10.000 гласови, сите кандидати што освоиле минимум поддршка од 300 гласови може да станат советници. Колку од нив ќе влезат во Совет, ќе зависи од бројот на освоени гласови на партијата. Доколку гласовите се поделат на сите кандидати од листа за Совет и никој нема над 300 гласови тогаш во Советот ќе влезат кандидатите согласно распоредот направен од предлагачот.
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link