Connect with us

Hi, what are you looking for?

Општество

НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР, АМА НЕМА НИТУ БИЗНИС

Неспорно се наметнува прашањето зошто не постои специјализиран трговски суд? Факт е дека на секоја Влада врвен приоритет е економскиот напредок. Голем дел од тие надежи се во странските инвестиции. Континуирано со години, државава добива ужасни оценки за судството, од страна на меѓународните институции и од странските инвеститори.

Пред некој ден ги пополнував прашалниците за Doing Business извештајот на Светска Банка, и тоа во повеќе области. Тоа го правам неколку години по ред, освен минатата, кога Светска Банка го стопираше овој извештај поради нерегуларности во податоците. Поконкретно манипулација со податоците за Азербејџан, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Кина, или како што пријавиле вработените кои работат на извештајот “поради огромен притисок да се промени нивното рангирање“.

Добар дел од прашалниците содржат прашања кои се однесуваат на електронски услуги и функционирање во судовите и органите на државната управа, а беше додаден и дел кој се однесува на справувањето со последиците од Ковид-19 и дали и како се овозможиле услуги кои ќе овозможат функционирање на судовите и процесите. Нормално, овие поглавја ги завршив со леснотија и многу брзо со кликање на „НЕ“ на сите прашања. При тоа, прашањата се формулирани на начин што не се остава простор за субјективни гледишта и коментари, а факт е дека објективната слика кај нас е исклучително неповолна. Сето ова ме наврати повторно на темата на реформите во правосудството, од која се имав целосно откажано, поради флоскулите на политичарите и тапкањето во место, кое всушност е регресивно, а не пасивно, од причина што, нели, panta rei.

Длабоко сум уверен, и така и сум поставен во кариерата, дека човек има одреден капацитет во кој може да биде максимално стручно реализиран, па оттука, не верувам во „адвокати за сè“ и се држам до мојата специјалност во трговското право, па моите ставови и гледишта се во таа насока. Факт е дека минатата година, веднаш откако беше прогласена вонредната состојба, се воведоа рестриктивни мерки и во судовите, што резултираше со целосно затворање на судовите, и тоа од крајот на март, па речиси до крај на јуни. Потоа, нормално дојде судската ферија (15 јули – 15 август), па конечниот исход беше дека судовите целосно не работеа половина година. Некој од судовите во помалите градови одржаа онлајн судења, но за истото, има само делумна правна основа, па имајќи предвид дека во правото формата е важна колку и содржината, од чисто процесен аспект, е многу дискутабилна легалноста на таквата постапка. Од друга страна, надлежните органи, не најдоа за сходно да се направат било какви интервенции, со што ќе се овозможи судството да функционира во услови на пандемија. Го земам како пример Основниот граѓански суд Скопје – Трговскиот оддел, од причина што, според официјалната државна статистика, скопскиот регион има најголеми економски движења, секако овде се и државните органи и институции, па очекувано и надлежниот суд има најголем товар на предмети.

Неспорно се наметнува прашањето зошто не постои специјализиран трговски суд? Факт е дека на секоја влада врвен приоритет е економскиот напредок. Голем дел од тие надежи се во странските инвестиции. Континуирано со години, државава добива ужасни оценки за судството, од страна на меѓународните институции и од странските инвеститори. Постигнувањето на такви цели е едноставно невозможно, без здрав и модерен правосуден систем, кој подразбира пред сè независност, стручност, компетентност и интегритет. Како што истакнав и претходно, дека невозможно е адвокат да биде стручен во сите области, истото се однесува и важи дури и повеќе за судиите. Трговското право, со сите свои специфики, бара сериозна стручност и постојано надградување, како и познавање од сродни науки и области кои се задолжителен дел, како што е материјално-сметководствено работење и финансии.

Системските грешки многу лесно може да се идентификуваат, како на пример Законот за парничната постапка, кој ги дефинира стопанските спорови како „спорови од меѓусебните стопански односи во кои двете странки се правни лица“ односно критериум за насочување на предмет во стопанското одделение е двете странки (тужител и тужен) да бидат правни лица. Па така, на пример спор помеѓу двајца содружници во трговско друштво, кои се физички лица, и кој по својата природа е материја од Трговското право, по правилата на постапка и на судот, ќе биде распределен во Граѓанскиот оддел на судот, каде што би го судел судија кој работи на општо Граѓанско право. Ваквите нелогичности доведуваат до правна несигурност и неизвесност уште пред да започне самиот спор. Воедно, лично сметам дека е неблагодарно и самите судии да бидат ставени во таква позиција да судат на материја која не им е позната или многу малку им е позната.

Од друга страна, специјализирани трговски судови, би поставиле основа за специјализирање и стручно усовршување на судиите и стручните соработници, што значително ќе ја зацврсти правната сигурност и ќе овозможи објективно правораздавање. Во таква поставеност, задолжително е сериозно и без штедење инвестирање во човечкиот капитал во поглед на стручното усовршување. Искрено, не можам да се сетам кога последен пат сум наишол на обука за правници која сериозно ќе навлезе во одредена материја и која со задоволство ќе ги спои сите чинители во една област, како на пример трговското право.

Впрочем, од оваа временска дистанца, укинувањето на Стопанските (трговски) судови во 1995 година се покажа како погрешно, но тоа е грешка која што може и, по мене, мора да се исправи. Која е оправданоста во еден поранешен социјалистички систем да функционираат специјализирани судови, а истите да ги нема во денешниот систем кој се стреми кон функционална пазарна економија? Компаративно, речиси во цел регион и Европа постојат специјализирани трговски судови, со сериозен капацитет.

Доколку тргнеме од реалната фактичка состојба, во која имаме законска обврска за многу едноставно тонско снимање на рочишта, а тоа во пракса не постои, како и тоа дека во Трговскиот (стопански) оддел во најголемиот суд во државата Основниот граѓански суд Скопје се уште постојат столчиња и клупи од времето на социјализмот, тогаш, можеби моите барања и очекувања се преголеми. Но, доколку тргнеме од тоа кон што целиме и каде одиме, тогаш очекувањата за модерно судство, не само што се нормални, туку и зачудува леснотијата на работење во услови кои одамна го надминале своето време.

Дигитализацијата на судовите и не е толку голем предизвик, колку што надлежните немаат капацитет за да го спроведат. Лично, работејќи со и застапувајќи компании од ИКТ секторот, секојдневно го гледаме развитокот на индустријата и способноста сè повеќе и повеќе процеси да се дигитализираат. Секојдневен пример од пракса за сериозното потфрлање во оваа област е кога на пример судска такса која е платена електронски, треба да се поднесе во судот со потпис и печат од банката!? Која е поентата на електронското плаќање!? Она што е суштински важно е дека дигитализацијата на процесите сериозно влијае на намалување на корупцијата од едноставна причина што целосно се елиминира физичката интеракција помеѓу странката и давателот на услугата. Воедно, електронското поднесување на документи има свој запис и меморија, па се знае точно кој, во кој момент, какви документи има поднесено. Со тоа се елиминира секоја можност за влијание или интервенција во списите на предметот (на пример, не може да „снема“ документ за лична идентификација, па да се отфрли тужбата како неуредна).

Оттука, дигитализацијата сама по себе, освен што носи модернизација, суштински ќе влијае на длабоките рани на правосудството и значително ќе ги намали, па дури може и да елиминира одредени аномалии, како што се влијание во предметите и корупција. Можеби свесноста за ова самото по себе е причина да не се влезе во толку потребните и барани реформи. Доколку е така, треба да бидеме свесни и подготвени дека кога нема правда, нема мир, ама нема ниту бизнис.

ДРАГАН ЛАЗАРОВ

Драган Лазаров е адвокат

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...