Интервју со Габриела Илиевска, советник од “Поинаку“ во Советот на Општина Битола
Во пресрет сме на локалните избори. Според Вас, кои се суштинските проблеми со кои се соочува Битола, и кои треба да бидат приоритетните чекори на идната локална власт?
Секојдневните проблеми од комуналното живеење се приоритет за сите локални избори. Или, би требало да бидат, но, за жал, многупати се покажало дека партиската припадност, личните интереси и корупцијата биле пресуден фактор при определбата на гласачите.
Во Битола таквите секојдневни проблеми не можат да се добројат. Секое утро се соочувате со проблем каде да го фрлите ѓубрето бидејќи нема контејнер; Возилото не можете да го употребите кога ви треба, зашто соседот немал кај да паркира, па морал зад вас; Блокирана ви е улицата по која најбрзо се стига до работа оти веќе 7 месеци нема ни на повидок механизација, а истата стои ископана; Додека брзате на работа, камионот на „Комуналец“ е пред вас а од него тече дел од ѓубрето кое неподносливо мириса, ја валка улицата, а и вашата кола; Стигате на работа – нема паркинг, па мора, иако знаете дека не смеете, да ја поткачите колата на тротоар. Ова е дел од битолското секојдневие и примерите ги давам само колку да имате претстава за „нормалните секојдневни проблеми“.
Оние пак, суштинските, најмалку 7-8 години не се ни допрени: Битола има највисока стапка на заболени од малигни неоплазми во Македонија и е еден од најзагадените градови во Европа. Битола ја снабдува Македонија со две третини по потребните количини електрична енергија, а битолчани немаат најобичен планинарски дом кој изгоре пред осум години… да не зборуваме за модерен зимски центар. Битола има Национален парк, а до него води најлошиот пат во светот. Битола е претворен во град на пензионери, бидејќи секој втор ја напуштил заради низок економски стандард, но и заради немање основни услови за живот.
„Поинаку” засега делува само во Битола. Дали постојат размислувања за проширување на вашата структура и во други градови, и дали имате контакти и соработка со слични движења, здруженија и иницијативи од други делови на државата?
„Поинаку“ постои 4 години и е создадено од желбата да се спаси Битола. Многу има за работа во нашиот град… Целта ни е – прво дома да си суредиме! Ако во тоа успееме, можеби не ние, ама сигурна сум дека ќе сме пример и веќе сме, за други вакви локалпатриоти кои ќе ќе се обидат да го направат истото во нивните градови.
Контакти имаме премногу во овој период, бидејќи еве, можеби сепак, нашата работа од изминатите 4 години ги мотивирале граѓаните и во други градови. Мене ми е мило што тоа нè поврза и сè додека секој се бори за своето место каде живее, успехот е неминовен. И секако, моето мислење е дека не треба да се тера политика како во партиите: Еден ист лик напредува прво како советник, потоа како пратеник, па министер или директор, па можеби и премиер. Мислам дека не може една личност да има амбиции за сите видови политика.
Кој е Вашиот став за предложените законски измени во однос на отворените листи и потребниот број на потписи за поднесување на независни листи? Се трудат ли т.н. големи партии да оневозможат вистинска конкуренција на кандидати и идеи?
Доколку предлогот поминеше, тоа ќе беше обид за гушење на независните иницијативи. Очигледно дека големите партии го чувствуваат граѓанското незадоволство од целосната партизираност на општеството и се обидоа да се спасат, да останат „големи“ барем во уште овој изборен циклус. Никој не може да ме убеди дека собирањето потписи не е притисок врз граѓаните, особено врз оние кои се вработени во јавниот сектор. Гласањето е чин во кој тајноста на изјаснувањето е загарантирана, но ставањето потпис на шалтер е веќе сосема друга работа.
Нашето искуство како независени советници кажува дека буквално им пречевме – и на едните и на другите! На СДСМ бидејќи иако не бевме фактор на одлучување им пречеше нашиот огромен притисок кој беше секојдневен за секоја нивна лоша одлука и пракса, а на ВМРО-ДПМНЕ им пречеше тоа што нашата активност наидуваше на големо одобрување од граѓаните. Иницијативата за законските измени во политичкиот живот на локално ниво беше дочекана со воодушевување не само од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку и од другите помали партии кои со години како крлежи се закачени за големите, иако промовираат „демократија и отвореност“ кон граѓаните.
За да измислиш онакви измени кои се класичен удар на демократијата мора само едно да те води, а тоа е стравот од доаѓањето на некоја нова струја во политиката и нарушување на комфорот кој го имаат партиите. Замислете, ние денес имаме две партии на политичката сцена кои велат дека промовираат ново граѓанско движење. Како може партија да промовира граѓанско движење, а истата да користи ресурси од буџетот на државата, за себепромоција?
Независните граѓански листи немаат никаква финансиска поддршка од државата и сега по најновата измена, ако решат на нотар да собираат потписи за поддршка, треба трошоците сами да ги платат. Веќе реков дека најголем проблем се притисоците и начинот на кој ги плашат сите оние кои пројавиле желба да се приклучат кон некоја опција како нашата.
Како ја оценувате предизборната атмосфера во Битола? Со каков профил на кандидати ќе настапи „Поинаку”, и кои се Вашите очекувања?
Сега е време на анкети и секој си презентира своја анкета. Според последните „анкети” на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во Битола, двете партии ќе победат. Исто така, според нивните „анкети”, „Поинаку“ не е никаков фактор и нема поддршка од битолчани. И точно е – „Поинаку“ не е фактор, фактор се сите битолчани кои го поддржаа „Поинаку“. И фактор ќе бидат сите кои ќе го поддржат во иднина. Затоа единствената агенда и на власта и опозицијата е уништување и деградирање, насочено прво кон нас како актуелни независни советници, а потоа и кон сите други кои на некаков начин размислуваат поинаку.
„Поинаку“ како и претходно така и сега, ќе настапи со кандидати кои се препознатливи во нашиот град. Пред сè со луѓе кои се големи локалпатриоти, луѓе кои се непоткупливи, храбри и секако богати со идеи во областа во која се пронашле; Луѓе кои воопшто не е важно на кој идеолошка матрица припаѓаат дури и да биле партиски членови или активисти, најважно од сè е да им е Битола над сѐ. Нашите очекувања се „Поинаку“ да биде фактор во општинскиот совет и нашите проекти за Битола да бидат реализирани.
На секој изборен циклус имаме исклучително мал одзив, граѓаните не веруваат во политичарите, партиите како да не можат да привлечат гласови, особено меѓу младите. Каква е иднината на политичката сцена во Македонија? Дали е потребна нова понуда, и кои се плановите на “Поинаку” во тој контекст?
Најголемиот проблем во државата е инертноста на народот. Толку е разочаран од политиките што сметам дека нема сила која ќе го натера да мрдни. Големите очекувања кои ги имаа граѓаните од оваа власт родија големи разочарувања. За жал ни еден сегмент во државата не мрда, ни здравство, ни судство, ни образование… Доколку за брзо не се променат партиите и не се сфатат дека има промена на генерации и дека она што победувало во `94-та денес е смешно, мислам дека ќе имаме уште поголеми проблеми. И секако, напуштањето на идеологиите од страна на партиите е еден од најголемите проблеми.
Па „Поинаку“ е нова понуда! Начинот на решавање на локалните проблеми мора да се смени и тоа е нашата најбитна точка. Не може локалната самоуправа да се занимава со висока политика додека општината спие за сопствените проблеми. Исто така, мора да се стави крај на партизацијата на локалните самоуправи; Да се вработуваат и ангажираат професионалци, а не партиски послушници; Да се престане со популизам во јавните претпријатија, бидејќи сите тие пари кои се злоупотребуваат се пари на граѓаните. Замислете, ние имаме јавни претријатија кои прават настан и донираат, донираат наши пари за кои ние како граѓани ниту сме прашани.
Присутноста на „Поинаку“ (и, се надевам, на други вакви иницијативи, во наредните општински совети па и градоначалници) ќе помогне во отвореноста, транспарентноста, услужливоста и успешноста на општините.
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link