Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

ТРНЛИВИОТ ПАТ ДО НЕЗАВИСНОСТ (ПРВ ДЕЛ)

Со оглед на етаблираноста на претходниот социјалистички систем, наспроти општите прилики во либерална Словенија, како и во останатите источноевропски држави, имплементирањето на демократските плуралистички идеи во Социјалистичка Македонија не се реализира воопшто мирно или без потреси.

Во втората половина на 2021 година општеството и граѓаните ќе одбележат три децении од прогласувањето на независноста на Република Македонија. Во контекст на овој значаен јубилеј, оваа анализа има за цел на еден непристрасен и коректен начин да фрли дополнително светло врз овој период од нашата најнова национална историја.

Во Социјалистичка Република Македонија (СРМ) непосредно пред почетокот на процесите на политичката плурализација во доцните 80-ти години од 20 век, единствениот политички субјект што го има монополот врз политиката и врз институциите е Сојузот на комунистите на Југославија (СКЈ), односно неговите составни делови во федеративните единици на оваа држава. Како дел од СКЈ, пак, монополот на политичката власт во СРМ е во рацете на Сојузот на Комунистите на Македонија (СКМ).


Посебно влијание врз процесите на политичка плурализација во Социјалистичка Македонија имаат случувањата во најлибералната република на СФРЈ – Словенија, каде уште во раните 80-ти години од 20 век под влијание на бранот на либерализација и на демократизација што ги имаше зафатено државите од Источна Европа, а посебно Унгарија и Полска, се формирааат истоветни политички движења и организации. Ваквата појава која се случува во Словенија, а која ќе ги зафати и останатите југословенски републики во теоријата се означува и како „Словенечки синдром“. Овој „синдром“ има свое големо влијание во насока на натамошно забрзување на процесите на демократизација во Социјалистичка Македонија.


Во тој период при преодот од 80-тите кон 90-тите години од 20 век, кога сè уште правно не е санкционирано постоењето на партиите како легални ентитети, се јавуваат разни иницијативи со политички цели, кои носат имиња какви што се „движење“, преку примерот на Движењето за семакедонска акција (МААК), или „лига“, преку примерот со Лигата за демократија (ЛД). Во имињата на овие политички облици на здружување веројатно свесно се избегнува употребата на зборот „партија“ поради извесни стравувања од можна негативна реакција од страна на социјалистичките институции, бидејќи сè уште единствен легитимен политички субјект е СКМ. Во оваа смисла треба да се истакне дека на сличен начин се одвиваат процесите на плуралистичкото политичко демократско „отворање“ и во останатите републики на СФРЈ.


Теренот за почеток на преодот кон политичкиот плурализам во останатите републики од Федеративна Југославија го подготвува Сојузот на комунистите на Словенија (СКС), кој носи ваква одлука во јули 1989 година, односно четири месеци пред тоа да го направат македонските комунисти. Во секој случај, важно е да се истакне дека ваквите одлуки на комунистичките раководства во сите југословенски републики, вклучувајќи ја и СРМ, се под силно влијание на драматичните тектонски движења поврзани со распадот на комунизмот во Источна Европа кои се случуваат во истиот временски период.


Како поткрепа на споменатото, во 1989, годината кога се одржува овој конгрес на СКМ, полските комунисти го легализираат антикомунистичкото движење „Солидарност“ (јануари) и започнуваат формални разговори со неговите претставници (февруари), кои резултираат со стекнување правен статус на ова политичко движење (април) и одржување на парламентарни избори во јуни 1989 година на кои победуваат антикомунистите, со што после 42 години се избира првиот антикомунистички премиер во оваа држава.


На три месеци пред конгресот на СКМ во Социјалистичка Македонија, милиони граѓани на Естонија, на Латвија и на Литванија одржуваат секојдневни континуирани протести за слобода и за независност, формирајќи непрекинат „синџир“ од луѓе долг повеќе од 600 километри. На два месеца пред Десетиот конгрес на СКМ, финализира и процесот на демократска транзиција на Унгарија, додека на еден месец пред овој настан комунистичкиот лидер на Демократска Република Германија (ДДР), Ерих Хонекер, е принуден да го напушти челното место на партијата, чин кој е вовед во процесите кои ќе резултираат со обединувањето на Германија во 1990 година.


Во деновите пред одржувањето на овој конгрес на СКМ, во Бугарија, после 45 години комунистичка власт, претседателот на партијата се повлекува, а на негово место доаѓа нова личност која го менува името на овој субјект во Бугарска социјалистича партија (БСП). Конечно, на денот кога се одржува Десетиот конгрес на СКМ, и комунистичката партија на тогашна Чехословачка објавува дека ќе се откаже од монополот врз политичката власт, а на изборите што се одржуваат во декември истата година ќе биде избрана и првата антикомунистичка влада после 40 години.


Со оглед на етаблираноста на претходниот социјалистички систем, наспроти општите прилики во либерална Словенија, како и во останатите источноевропски држави, имплементирањето на демократските плуралистички идеи во Социјалистичка Македонија не се реализира воопшто мирно или без потреси. Тоа се должи, генерално, на пет факти:


Прво, поради несигурноста и отсуството на изградена стратегија на СКМ во однос на тоа како да се постави наспроти вкупните процеси на плурализација и демократизација кои ја зафатија Источна Европа, но и Федеративна Југославија чиј дел е Социјалистичка Македонија;


Второ, поради отсуството на единствен став, односно поради силната поделеност во СКМ во однос на ова прашање;


Трето, поради фактот што Македонија нема позначајно историско искуство со демократскиот плурализам, со постоењето на претставничката демократија и со функционирањето на пазарната економија како резултат на фактот што немаше заокружена државност, односно затоа што македонскиот народ беше под разни ропства во периодот пред создавањето на СФРЈ, односно на СРМ;


Четврто, како резултат на претходното, во Македонија не постоеше политичка и општествена елита (наспроти постојната социјалистичка, н.з.) која ќе инсистира поагресивно во насока на воспоставување на политичкиот плурализам;


Петто, во корелација со претходната точка, СРМ нема ниту посилна политичка демократски ориентирана емиграција која има воспоставено поцврсти меѓународни релации и која има капацитет похрабро да го понесе процесот на заокружување на демократската транзиција на државата, нешто што беше поизразено во овој период во Словенија и особено во Хрватска.


Во оваа смисла, во контекст на претходната констатација, несигурноста, отсуството на изградена стратегија и поделбите во СКМ, како партија која требаше да го изведе процесот на демократска трансформација на Македонија, најмногу доаѓа до израз пред и за време на одржувањето на Десеттиот конгрес на овој дотогаш единствен политички субјект, кој се одржува во ноември 1989 година.

(продолжува)

АЛЕКСАНДАР СПАСЕНОВСКИ

Д-р Александар Спасеновски е универзитетски професор

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...