Connect with us

Hi, what are you looking for?

Општество

ЗАМИНУВАЊЕ НА КОНЗУЛИТЕ ОД БИТОЛА

Треба да се создаде национална и локална стратегија и план во склоп на МНР и oпштината Битола,  каде почесните конзули ќе бидат координирани со посебно дипломатско работно  тело во склоп на МНР. Само на тој начин ќе се промовира општината Битола, што ќе придонесе за доаѓање на нови инвестиции, а со тоа и отворање на нови работни места.

На 12 јануари 1851 година (пред 170 години) беше донесена одлука за отворање на конзуларно претставништво на австриската империја во Битола (Манастир), во прво време како вице-конзулат во конзуларниот регион на конзулатот Солун (Салоника), а дваесет години подоцна како ефективен конзулат, каде што Фридрих Вестермајер беше назначен за прв за вице-конзул. Така австрискиот вице конзулат беше првата конзуларна мисија во она што сега е територијата на Република  Македонија. Toa беше започнување на конзуларно-дипломатскиот период во Битола и тогашна Македонија, којшто одигра големо влијание врз опшествениот културниот и економскиот живот на населението. Се напушта традиционалната ориентална облека (ала турка) и се заменува со европски стил на облекување (ала франга). Тоа посебно се забележува во изгледот на градовите и архитектурата, каде засилено доминираат европските “ветрови”.

Битола од втората половина на 19 век, па се до првата деценија на 20 век (период на присуство на дипломатски претставништва) одржувала силни економски врски со Лондон, Лајпциг, Виена, Белград, Букурешт, Софија, Драч, Цариград, Александрија и др. Во колективната меморија на битолчани, засекогаш ќе остане врежан тој период. После поделбата на територијата на Македонија и поставувањето на граници (после Букурешкиот договор), ситуацијата се промени и Битола го загуби геостратешкото и дипломатско-економскиот примат што го имаше.

Со создавањето на независна и суверена Република Македонија повторно се создадоа услови за нови конзулати во Битола. Тогашните општински раководства точно знаеја дека со таа идеја градот, со помош на меѓународните контакти ќе се “отвори” кон светот. Во секој случај, присуството на странските дипломатски претставништва во Битола, без сомнение значело присуство на Европа во Битола. Традицијата на отворање на дипломатски конзуларни претставништва  продолжува во Битола со отворање на почесни конзулати. Така во еден период градот Битола има тринаесет конзуларни претставништва, од кои два генерални и единаесет почесни конзулати.

Целта и намерата за отворање на конзулатите е корисна за двете страни. Нашиот град како домаќин на овие дипломатски претставници има голем економски и меѓународен бенефит и афирмација како на Битола, така и на Македонија. Така започна еден нов период во животот на Битола со присуство на повеќе меѓународни мисии и претставништва, и посети на високи преставници на влади и претседатели на држави во градот. Битола се потсети на својот златен период и оптимистички се надеваше дека ќе започни еден нов подем и развој на градот и државата. Покрај отварањето на конзуларните преставништва во Битола се зголемија и збратимувањата на градот Битола со многу други градови од Европа и светот. Сето тоа ја зголеми соработката на локалните општински власти за афирмација на градот и дирекното лобирање за почеток на економска и бизнис соработка. Тоа доведува зголемување на економијата, нови вработувања и развој на градот и државата.

Познато е дека во тој понов конзулски и меѓународно богат живот на градот, допатуваа и пројавија интерес голем број на фирми и компани за отворање на сопствени производствени погони во Битола и нејзината околина. Зголемениот интерес за бизнис ја наметна потребата за подобра сообраќајна инфраструктура на градот како и отварањето на железничкиот пат меѓу Битола и Солун. Со тоа кај Битолчани повторно се јави оптимизмот дека градот станува еден економско-диплломатски центар (барем) приближно како во минатото.

За жал, од објективни причини на земјата, недоволната и несериозна стратегија од страна на владата на централно ниво, мешањето и дирекното влијание на работата врз локалните власти, како и ,,белата чума” на денешното време т.е. иселувањето, негативно почнаа да влијаат на ситуацијата во Битола.  Од страна на  државите и владите во овие неколку години наназад постои тенденција на затварање на почесните конзулати во Битола. Тоа доведува до негативна слика кон нашите партнери и збратимени градови, а на површина испливува и несериозноста на локалните и републичките власти во процесот на градење на меѓународното реноме на Битола. Од тие причини за три години се затвораат четири почесни конзулати. Тоа дава лоша слика за Битола и Македонија. Не знаеме со сигурност зошто се затвораат конзулатите, а не можеме да разбереме зошто локалните власти на Битола рамнодушно и незаинтересирано гледаат на оваа појава.  Тие веројатно воопшто не ја знаат симболиката на конзулатите, дека не е тоа само канцеларија и знаме на странска држава, туку дека е нешто многу посуштинско од тоа. Стратешкото значење на Битола е суштината на постоењето на дипломатските претставништва.

Отсуството на долгорочен план и стратегија на локалните власти за спречување на тој процес на затворање на конзулатите во Битола, надополнето со рамнодушноста на републичко ниво, го покажува нашиот однос кон меѓународната заедница. Некој мора да ја понесе одговорноста за ваквата ситуација. Нејасно е зошто нашето МНР не сакаше да помогне или да спаси некој од конзулатите при нивното затворање.  Дали постои свесна стратегија на владата  и самото министерство за  постепено затворање на конзулатите во Битола? Зошто министерот за надворешни работи  јавно  не се произнесе со своја изјава? Каква европска агенда пропагира владата со затворање и бркање на конзулите од Битола? Затоа, во блиска иднина, доколку некој од политичките чинители сакаат да ја добијат довербата на идните локални избори, веднаш ќе треба да овозможи враќање на старите и отварање на нови конзулати на Битола. Треба да се создаде национална и локална стратегија и план во склоп на МНР и oпштината Битола,  каде почесните конзули ќе бидат координирани со посебно дипломатско работно  тело во склоп на МНР. Само на тој начин ќе се промовира општината Битола, што ќе придонесе за доаѓање на нови инвестиции, а со тоа и отворање на нови работни места. Конзуларните претставништва и нивното присуство, се најголема гаранција во очите на странските инвеститори и услов за безбеден бизнис во Македонија.

НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК

Никола Блајбершник е делегат на меѓународната асоцијација “Пламен на мирот“

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...