Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

ЧЕКАЈЌИ ГО ДАТУМОТ

Се чини дека, кога се работи за напредок на државите-кандидати, државите-членки се многу порешителни во дефинирање на препреките, отколку во нивно надминување. Истовремено, се создава перцепција дека доколку една држава-кандидат има билатерален проблем со држава-членка, останатите членки не се особено енергични да се избегне користењето на правото на вето од страна на државата-членка.

Крајот на едно, и почетокот на друго претседателство со Советот на ЕУ ги обновува дискусиите за (не)добивањето датум за почеток на преговорите за полноправно членство. Се навраќаме на повеќекратните позитивни извештаи од Европската комисија (почнувајќи од 2009 година), сите констатирани реформи, исполнети услови, задоволени барања, итн. Најпосле,и после сите направени отстапки, потпишани билатерални договори со соседните држави и внатрешни компромиси – датумот е неизвесен.

Политиката на проширување е веројатно највидливата придобивка од процесот на европско обединување започнат пред повеќе од 70 години, особено за граѓаните на државите од пост-комунистичка Европа. Унијата декларативно не ја напушта определбата за продолжување на овој процес, но реалноста е дека сите држави кои се дел од преговорите, и оние што чекаат да ги започнат – се наоѓаат во своевиден ќорсокак. После повеќе од седум години преговори, Србија има отворено 18 од 34 поглавја, а затворено само две. Последното поглавје е отворено на крајот на 2019 година. Црна Гора, пак, после девет години преговори, има отворено 30 од 34 поглавја, за затворено само три. За нив последното поглавје е отворено во јуни 2020 година. Турција пак, после 16 години преговори, има отворено 16 поглавја, а затворено само едно. Последното поглавје е отворено во 2016 година. Овие податоци укажуваат на значително подолго времетраење на преговорите од предвиденото, и од просекот на преговорите на државите кои станаа членки на ЕУ во претходните циклуси на проширување. Доколку пред неколку години проценките беа дека преговорите меѓу Македонија и ЕУ ќе траат меѓу три и пет години, сега тие проценки се движат меѓу 10 и 12 години.

Овие можни сценарија секако не придонесуваат за зголемување на ентузијазмот кај македонските граѓани за членство во ЕУ, и заедно со други фактори го зголемуваат евро-скептицизмот. Принципот на условеност во процесот на проширување претпоставува дека напредокот на државата-кандидат зависи од исполнување на зададените услови, што сликовито се објаснува со т.н. “политика на стап и морков“. Сепак, своевидната блокада на проширувањето ги доведува во прашање искреноста во овој пристап на државите-членки, како и реалните можности за ново проширување воопшто, барем во догледно време.

Спречувањето на почетокот на преговорите со Македонија и Албанија во 2019 година од страна на Франција беше објаснето со потребата за нова методологија на проширувањето, како и поголема улога на државите-членки во процесот. Во 2020 година, пак, бугарското вето беше причина за ново одложување на почетокот на преговорите. Дилемата за заеднички напредок на Македонија и Албанија, или пак за нивно раздвојување, е уште една причина за блокирање на процесот. Се чини дека, кога се работи за напредок на државите-кандидати, државите-членки се многу порешителни во дефинирање на препреките, отколку во нивно надминување. Истовремено, се создава перцепција дека доколку една држава-кандидат има билатерален проблем со држава-членка, останатите членки не се особено енергични да се избегне користењето на правото на вето од страна на државата-членка.

Внатрешните политички состојби во повеќе држави во ЕУ можат да влијаат негативно на расположението за прием на нови членки, особено после мигрантската криза, растот на евро-скептичните партии, како и исполнетоста на агендата со други приоритет – здравствената криза, економските предизвици, итн. Намалените шанси за почеток на преговорите ги демотивираат државите-кандидати и нивните граѓани, што во суштина ќе значи и демотивираност за достигнување на европските стандарди во повеќе области. Од своја страна, тоа ќе овозможи и помала контрола врз властите во овие држави во борбата против корупцијата, реформите на администрацијата, модернизацијата на судството, заштитата на животната средина, здравството, итн. Механизмот на преговорите овозможува близок мониторинг на реформските процеси во сите поглавја, а нивното одложување го одложува и потребниот напредок.

ВАСКО НАУМОВСКИ

Д-р Васко Наумовски е поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен македонски амбасадор во САД

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...