Connect with us

Hi, what are you looking for?

Европа

ПОСЛЕ ИЗБОРИТЕ НЕМА ВЛАДА ВО СОФИЈА, ВЕТОТО ОСТАНУВА

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да ја зголеми мотивацијата за натамошни реформи за исполнување на европските стандарди во повеќе области. Во спротивно, разочарувањето кај македонските граѓани, предизвикано од неуспехот на власта да ги исполни дадените ветувања за “европска Македонија“, ќе предизвика натамошен пад на поддршката за членство во ЕУ, а со тоа и оддалечување од суштински реформи и европеизација на Македонија.

Надежите дека после повторените парламетарни избори во Бугарија ќе се формира влада, а со тоа и ќе се овозможат разговори за деблокада на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ се покажаа како нереални. Пост-изборната ситуација во Бугарија дополнително се усложнува после неуспехот да се формира влада предводена од партијата “Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов. Минималната разлика во резултатот на јулските избори ја доведе оваа партија на првата позиција според бројот на гласови, за разлика од априлските резултати кога беа зад ГЕРБ на Бојко Борисов. Сепак, и тогаш, и сега, ИТН не успева да создаде парламентарно мнозинство, што е последица на фрагментираната политичка сцена, разликите меѓу т.н. партии на протестот, и веројатно недоволното политичко искуство на челниците на ИТН.

Имено, партиите со кои ИТН беше во можност да создаде мнозинство во парламентот, “Демократска Бугарија“, “Исправи се, ние доаѓаме“, како и “Бугарската социјалистичка партија“ изразија сомневање во вистинските намери на ИТН во преговорите за нова влада. Иако од страна на ИТН беа нарекувани “партија на статус-кво-то“, БСП даде начелна поддршка на ИТН, условувајќи ја истата со пишан документ за владините приоритети, но и изземање на предложениот министер за внатрешни работи. Овие барања беа делумно прифатени од ИТН, но беа придружени со арогантни изјави дека сите партии мора да го поддржат предложениот состав без персонални промени. Останатите две новосоздадени партии одбија да поддржат состав кој е дефиниран без консултации со нив, и со тоа беа обвинети од ИТН дека се предавници, и дека ја изневериле заедничката идеја за промена на власта на ГЕРБ.

На крајот од процедурата, предложениот мандатар се повлече, и со тоа се отвора патот претседателот Румен Радев да го додели мандатот на второ и трето-пласираните партии, ГЕРБ и БСП. Додека ГЕРБ најави дека веднаш ќе го врати мандатот, БСП ќе се обиде да обезбеди мнозинство за поддршка на актуелната техничка влада, и продолжување на нејзиниот мандат како политичка влада во наредните месеци. Ова сценарио е малку веројатно, имајќи предвид дека ГЕРБ и ИТН (кои заедно имаат 128 од 240 пратеници во парламентот) најавија дека ќе гласаат против таквиот предлог.

Со тоа се отвора патот за нови, трети по ред годинава, парламентарни избори, кои би се одржале во октомври оваа година, можеби и заедно со редовните претседателски избори. Радев веќе ја има обезбедено поддршката од БСП и ИТН, со што ги зајакна сопствените шанси за реизбор и втор претседателски мандат.

Што значи ова за македонските напори за почеток на преговорите за членство во ЕУ? Декларацијата поддржана од сите политички партии во бугарскиот парламент се уште е обврзувачка за техничката влада, со што се намалуваат шансите за промена на бугарската позиција. Иако притисокот врз Бугарија од Вашингтон и Брисел ќе се зголемува, континуираната предизборна кампања оневозможува фокусирање на ова прашање од страна на властите, особено што сега, покрај нови парламентарни, се приближуваат и претседателските избори.

За жал, прашањата поврзани со билатералните односи се злоупотребуваат на политичките сцени и на двете страни од границата, со што можноста за напредок до крајот на годината е сведена само на теоретски претпоставки. Дури и после новите избори, поддршката на партиите ќе остане слична, односно можностите за создавање на парламентарно мнозинство веројатно ќе останат ограничени. Најавите за заминување на Борисов од челното место во ГЕРБ, и доаѓање на нов лидер (се споменуваат имињата на пораншниот министер за надворешни работи Даниел Митов и поранешниот вице-премиер Томислав Дончев), може да придонесе за зголемување на поддршката на ГЕРБ. Тоа, заедно со евентуалното разочарување на гласачите од бескрајните тактизирања на ИТН, отвора можност за нов обид на ГЕРБ повторно да се врати на власт, заедно со партиите со кои го формираше мнозинството во изминатите години.

Имајќи ги предвид сите овие околности, се зацврстува блокадата на македонската евро-интеграција, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да ја зголеми мотивацијата за натамошни реформи за исполнување на европските стандарди во повеќе области. Во спротивно, разочарувањето кај македонските граѓани, предизвикано од неуспехот на власта да ги исполни дадените ветувања за “европска Македонија“, ќе предизвика натамошен пад на поддршката за членство во ЕУ, а со тоа и оддалечување од суштински реформи и европеизација на Македонија.

ВАСКО НАУМОВСКИ

Д-р Васко Наумовски е поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен македонски амбасадор во САД

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...

Свет

Една од слабостите на актуелниот меѓународен поредок е отсуство на функционални механизми кои би биле советодавно тело на големите сили и преку кое тие...