Доколку имаме на ум дека без плурализам не е можно да има демократија, и дека повеќепартискиот систем е столбот на демократското општество, тогаш ќе разбереме колку сме ние млади во споредба со Европа, но и со регионот, барем во делот на политичките партии и нивното постоење и делување. Не сум сигурен колку добро ја разбираме суштината и значењето на политичките партии и колкави импликации има во општеството искуството, или неискуството, кое го имаме со нив.
Етимологијата на терминот „партија“ доаѓа од зборови кои значат поделба или одвојување, кога една или повеќе групи се делат од целината. Во балкански манир ова звучи страшно бидејќи меѓусебните односи на политичките партии на овие простори подразбираат омраза, освета и уништување на противникот. Но вистинското значење на терминот е поделба на граѓаните во посебни групи – партии, поделени според нивната идеологија, вредности и уверувања. Сите тие заедно ја пополнуваат политичката карта во една земја, и тоа е темелот на демократското општество.
Политичките партии за прв пат ги сретнуваме во античка Грција каде партиите кои произлегувале од атинските региони учествувале во работата на граѓанскиот совет – буле, кое е некаков еквивалент на денешното собрание, додека слободните граѓани биле дел од собрание во кое можеле да учествуваат сите полнолетни граѓани.
Директните предходници на современите политички партии во Европа ги наоѓаме во 18-от, 19-от и почетокот на 20-от век (мислам на постоечките партии чии зачетоци се подалеку во историјата). Секако, повеќето политички партии во Европа се созддадени во втората половина од 20-от век, но тука ни се важни оние со подалечен историјат и континуитет, заради кои европските држави имаат искуство во партиско организирање.
Во Англија, на пример, политичките партии се создаваат уште во 18-от век, додека денешните политички партии кои се сѐ уште активни во Англија се создале во 19-от век. Конзервативната партија била создадена во 1867 година, додека Лабуристите биле создадени во 1900 година.
Се чини дека САД го имаат најстариот континуитет во партиско организирање. Таму зачетоците се во 1780 година, кога политиката се делела помеѓу приврзаниците на Томас Џеферсон и Александар Хамилтон, односно на демократите и републиканците.
Во Франција партиското оформување започнува во 18 век, кога партиите биле поделени во клубовите на јакобинците и жирондистите. Интересно е што термините „десница“ и „левица“ кои се однесуваат на политичкиот спектар потекнуваат токму од Франција, кога Наполеон побарал од своите приврзаници во парламентот да седнат од десната страна, а останатите на левата.
На Балканот политичкото организирање во партии не било нешто непознато во 19-от век, тоа започнало со создавањето на балканските држави и траело се до промената на системите.
Па така, во соседна Србија политичките партии се појавуваат уште во 19-от век, една од нив била т.н. „Народна Радикална Странка“ која била основана во 1881 година. Несомнено, најпознат политичар кој произлегол од оваа партија, а воедно и нејзин идеолог, бил Никола Пашиќ кој бил премиер на Србија и на Кралството СХС во четири наврати, и важи за еден од најистакнатите српски политичари во поновата историја на Србија. После бројни расколи во партијата на Пашиќ, и нејзината забрана во времето на СФРЈ, истата се обновила во 1990 година. Од оваа партија во 2008 година се одделува фракција која прераснува во нова политичка партија под името „СНС“, а нејзин претседател е Александар Вучиќ – актуелен претседател на Република Србија. Покрај радикалите, во минатиот век постоела и „Напредна странка“, како и „Демократска странка“, која била основана во 1919 година а обновена во 1989 година по падот на железната завеса. „Демократската странка“ сѐ уште е активна на политичката сцена.
Исто како и во Србија, и во Бугарија се создавале партии по создавањето на државата во 19-от век. Во Бугарија се чини дека социјалистите имаат најдолг континуитет од сите останати балкански политички партии, со краток период на забрана. БСП – Бугарската социјалистичка партија била основана во 1891 година, и неколку пати го менувала името. По државниот преврат во 1923 година БСП била забранета. Во времето на Втората светска војна БСП делувала под името БКП – Бугарска комунистичка партија. Еден од најистакнатите политичари кои произлегуваат од БСП е Георги Димитров. По војната БКП е непречено на власт во Бугарија сѐ до 1989 година кога дел од реформските сили во партијата го отстрануваат диктаторот Тодор Живков од позицијата генерален секретар на ЦК на БКП. Во 1990 година партијата го враќа старото име БСП и под тоа име делува до ден денешен во политичкиот живот во соседна Бугарија.
Најстарите политички партии во регионот доаѓаат од соседна Грција, тие се создадени во првата половина од 19-от век кога Грција, како и споменатите две држави, била монархија. За време на владеењето на кралот Ото, во 30-те години од 19-от век, во Грција се создале политички партии кои носеле имиња според големите сили, па така, биле создадени француска партија, руска партија и британска партија, секоја се залагала за приближување и соработка со државата кон која била наклонета самата партија. Во почетокот на 20-от век била создадена Либералната партија чиј основач и претседател бил најголемиот грчки политичар, наречен и „татко на модерна Грција“, Елефтериос Венизелос. Сите овие политички партии во Грција се супстрат на политичките партии кои се појавиле по падот на хунтата, како што се „Нова демократија“, „ПАСОК“ и др.
Впечатливо е дека во повеќето пост-комунистички држави во кои политичките партии биле забранети за време на режимот, денес политичката култура и меѓупартиските односи се на најниско ниво, како да станува збор за живот или смрт. Додека во државите како Франција, Англија, САД и другите од Западна Европа таков вулгарен однос не постои, едноставно, таму немало периоди на суспендирање на политички партии и прогон на политичките неистомисленици а со тоа изостанало акомулирањето на гнев и омраза.
Да се вратам на Македонија за да го објаснам денешниот однос помеѓу партиите и односот спрема државата. Македонците пред создавањето на државата немале никакво искуство со политички партии и самостојно организирање во истите. За трагедијата да биде уште поголема по создавањето на македонската држава во 1944 година општеството веднаш влегло во еднопартиски систем во кој не постои партиско организирање. Дискутабилно е користењето на терминот „политичка партија“ во еднопратиски систем. Како што кажав на почетокот, самиот термин „партија“ е одделување на нешто од целината, одделување на група луѓе со една идеологија наспроти кои стои друга група на луѓе (политичка партија) со друга идеологија, во случајот на комунистичките партии спроти нив не стоел никој. Оние кои ќе застанеле на другата страна од комунистичката партија биле државни непријатели кои требало најбрутално да се прогонуваат. Можеби тука лежи одговорот за денешната омраза и поделеност во Македонија.
Македонското општество станува повеќепартиско во 1990 година, односно само 30 години плурализам Тоа не е никакво искуство во однос на другите држави, но тоа не ја оправдува омразата и осветољубието помеѓу партиите. Длабоките поделби помеѓу СДСМ – која произлегува од Сојузот на комунисти на Македонија и ВМРО ДПМНЕ – која произлегува од историското ВМРО, се поделби кои извираат од времето на СФРЈ кога Сојузот на комунисти бил владејачка гарнитура, додека разните вмровски групи кои се супстрат на денешното ВМРО ДПМНЕ биле илегални движења жестоко прогонувани од страна на власта.
Во државите од Источна и Централна Европа како што се Полска, Чешка, Словачка, Унигарија и други, ваквите поделби и омраза беа залечени со процеси на лустрација. Денешниот успех на овие држави не се должи само на лустрацијата туку во помирувањето кое го носи тој процес и нормално делување во политичкиот живот. Кај нас, во Македонија, и она кое беше спроведено како лустрација по промената на власта беше поништено, што доведе до уште поголема збрка – кој е жртва а кој насилник. Во Македонија и понатаму ќе продолжат длабоките поделби кои влијаат деструктивно на општеството во кое се бара егзекуција на политичкиот противник како што тоа било во времето на Југославија. На нас останува дали ќе се де-југословенизираме, доколку сакаме да се европеизираме и да изградиме стабилна држава со извесна иднина.
НИКОЛА СРБОВ
Никола Србов е магистер по историски науки
-
This author does not have any more posts.