Десеттиот конгрес на СКМ кој се одржува од 27 до 29 ноември 1989 година претставува меѓник во натамошниот развој на Социјалистичка Македонија како демократска држава наспроти делумно авторитарното минато.
За разлика од државите од комунистичкиот блок, каде процесите на демократска плурализација имаа огромна драматичност, во СРМ општествената клима во предвечерието на конгресот на СКМ е сосема обратна. Ваквата состојба од страна на одредени автори се толкува како знак дека Социјалистичка Македонија во тој период е конзервативна средина во која тешко би се извеле процесите на демократската плурализација. Сепак, иако со помала јавност, присутни се продемократски општествени активности, какви што се идеите за политичка и општествена рехабилитација на дел од противниците на политичкиот монопол на СКМ кои се маргинализирани и осуетени од системот, каков што е примерот со проф. д-р Славко Милосавлески.
Во однос на процесите на плурализацијата и демократизацијата, во рамките на СКМ се диференцираат две крила: конзервативно и либерално. Најистакнат претставник на конзервативното крило на СКМ е Михаил Данев, додека најистакнат претставник на либералното крило е Петар Гошев. Двете личности по повлекувањето на Јаков Лазаревски од раководната функција во СКМ во 1989 година влегуваат во трката за нов претседател, при што довербата ја добива Петар Гошев, кој е воедно и последниот лидер на оваа политичка структура во Социјалистичка Македонија.
Конзервативното крило на СКМ се залага за воведување на т.н. „непартиски плурализам“. Под овој термин тие подразбираат воспоставување систем во кој ќе продолжи да функционира СКМ како единствена партија во државата, но истовремено ќе се дозволи и постоење на т.н. „легално организирани групи за притисок“ кои ќе имаат својство на правно лице и кои, како организации кои обединуваат личности со различни идеолошки и програмски интереси, ќе настојуваат истите да ги остварат преку правно дефинираните начини на комуникација со државата која е водена од страна на СКМ. Ваквиот проектиран вид на „непартиски плурализам“ одредени автори го нарекуваат „куц“, односно „осакатен плурализам“, бидејќи со него се настојува да се направи компромис помеѓу две неспоиви нешта – политичкиот плурализам, кој подразбира постоење поголем број на политички партии кои во фер натпревар на избори се обидуваат да ја освојат довербата на граѓаните, наспроти политичкиот монизам, кој како авторитарен концепт подразбира постоење на една политичка партија која го има монополот врз институциите и врз државата.
Либералното крило на СКМ, пак, наспроти позициите на претставниците на конзервативното крило го инагурира концептот на демократски политички плурализам, кој наспроти тоталитарните идеологии го препознава постоењето на мноштво политички партии и интересовни групи кои ги артикулираат различните индивидуални и групни интереси, при што, истите, во согласност со правилата на демократијата, на општи и на непосредни избори се натпреваруваат за освојување на довербата на граѓаните за да раководат со државата.
На Десетиот конгрес на СКМ предност остваруваат идеите на либералите поради што се носи и одлуката за изградба на дотогаш Социјалистичка Македонија како „демократска, граѓанска и социјална држава“ и „за укинување на монополот врз власта на СКМ“. На тој начин се создаваат политичките претпоставки за отворање на процесот на политичка плурализација.
Во оваа смисла, напуштањето на комунистичкиот режим во СРМ може да се означи и со терминот „промена од горе“, бидејќи тоа се остварува без да има изразени масовни протести или револуции за воведување на политичкиот плурализам според примерите на Унгарија, односно на Бугарија наспроти неповолните, негативни примери со улични демонстрации во Полска, Чехословачка или Демократска Република Германија (Источна Германија).
Постапувајќи по одлуките на последниот конгрес на СКМ, лидерот на партијата Петар Гошев формира Комисија од експерти која треба да подготви платформи (документи/планови/стратегии) за востановување на политичкиот плурализам и пазарната економија во Македонија. Ова советодавно тело во најновата македонска историја ќе остане запаметено под називот „Гошева комисија“. Во него влегуваат претставници на професорско-научната фела, како и некои политичари и истото брои околу 30 члена. Дел од овие личности, подоцна ќе станат високи државни и политички функционери. Понатаму, меѓу другото, како резултат и на активностите на експертската комисијата, последната социјалистичка влада на Македонија предводена од Глигорие Гоговски ги носи сите потребни акти за спроведување на првите повеќепартиски избори во Македонија.
Во периодот од одржувањето на конгресот на СКМ до донесувањето на измените на Законот за општествените организации и здруженијата на граѓани, се појавува и првата форма на политичко организирање на 4.2.1990 година, во Скопје, кога е одржано конститутивното собрание на Движењето за семакедонска акција – МААК, по што следува основачкото собрание на Лигата за демократија, на 11.2.1990 година, исто така, во Скопје. Во овој период се одржуваат основачки собранија (или се донесуваат одлуки за формирање) на уште три партии, односно на Партијата за македонско работничко обединување, на 4.3.1990 година во Прилеп; Социјал-демократската партија на Македонија, на 18.3.1990 година, во Скопје, како и на Народнатата партија на Македонија, на 12.4.1990 година, во Скопје.
(продолжува)
АЛЕКСАНДАР СПАСЕНОВСКИ
Д-р Александар Спасеновски е универзитетски професор
-
АЛЕКСАНДАР СПАСЕНОВСКИ#molongui-disabled-link
-
АЛЕКСАНДАР СПАСЕНОВСКИ#molongui-disabled-link