Повлекувањето на странското воено присуство во Авганистан беше еден од чекорите кои во изминатите 20 години постојано се одложуваше. Намерата да се оспособи авганистанската војска до тој степен што ќе може да им се спротивстави на талибанските структури, преку постојани инвестиции во обука и опрема, имаше за цел да овозможи излез од долгодишната замка во која се најдоа меѓународните сили. Имено, неуспехот целосно да се поразат талибанските сили, во текот на изминатите години, ја наметна потребата за преговори со нив. Администрацијата на поранешниот американски претседател Трамп во 2020 година постигна договор со нив за повлекување на американските војници до почетокот на мај 2021 година. Новоизбраниот претседател Бајден го помести тој рок до крајот на август, надевајќи се дека регуларната авганистанска војска ќе биде во можност да го одржува мирот и редот во државата. Проценките на САД беа дека дури и талибанските сили да се обидат да воспостават контрола врз државата, ќе поминат неколку месеци додека тоа се реализира.
Наместо тоа, беа потребни само шест дена за Талибанците да влезат во Кабул, и да воспостават целосна контрола врз цела територија и сите институции. Единствената точка која останува под контрола на американските сили се аеродромот во Кабул, додека се изврши евакуаација на дипломатите, странските работници и Авганистанците кои работеа за странските мисии и компании. Изненадувачки, авганистанскиот претседател пребега во Таџикистан уште пред Талибанците да стигнат до Кабул, армијата речиси и да не пружи никаков отпор, а населението остана да живее во неизвесност што ќе донесе повторната власт на Талибанците во Авганистан, после 20 години меѓународно присуство предводено од САД.
Потсетувањата на историските искуства на странските сили во Авганистан се неизбежен дел на секоја анализа на актуелната состојба. Почнувајќи од битките на Александар Македонски (кој го основал градот Александрија, денес Кандахар – адаптација од “Искандар“), инвазиите на Арапскиот калифат (7-9-от век) и Монголската империја (13-от век), и Англо-авганистанските војни во 19-от и почетокот на 20-от век. Во поновата историја забележително е деветгодишното присуство на советските воени сили како поддршка на авганистанската комунистичка власт, кое заврши во повлекување во 1989 година. Граѓанската војна во Авганистан продолжи до 1992 година, но нестабилноста продолжува со внатрешни конфликти меѓу структурите кои тогаш го поразија комунистичкиот режим. Растот на талибанското движење започнува со воспоставување контрола на провинцијата Кандахар во 1994 година, а веќе во 1996 година врз целата територија, заедно со Кабул. Нивната власт трае до почетокот на американската инвазија во 2001 година, откако ги одбија барањата на САД да го екстрадираат Осама бин Ладен (после нападите од 11 септември 2001 год.). Власта на Талибанците ги засолнуваше структурите на Ал Каеда, што во суштина беше и повод за американската воена интервенција, поддржана од сојузниците од НАТО.
И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта на империите“. Ниту Англичаните, ниту Советите, а сега ниту Американците, не успеваат да ги поразат вооружените структури кои имаат поддршка кај локалното население, и се повлекуваат со големи човечки и материјални загуби.
Брзото воспоставуаање на контрола од страна на Талибанците само ја потврди претпоставката дека и покрај сите напори, авганистанските власти не се способни да го одржат редот и мирот во државата, а ниту пак постои јасно изразена волја кај нив за борба со Талибанците. Апелите на Бајден дека Авганистанците “мора да сакаат да се борат“ го изразуваат и разочарувањето кај американската власт од брзото предавање на власта, иако повлекувањето беше најавено повеќе од една година претходно. Исто така, во насока на оправдување на овој чекор, Бајден потсетува дека целта на военото присуство на САД во Авганистан беше пораз на структурите на Ал Каеда, а не изградба на нова авганистанска нација.
Се чини дека е навистина тешко да се оправда присуство на странски воени сили кои би трпеле загуби во борба со Талибанците, кога истовремено локалните сили немаат желба за истото. Американското присуство значи крај на една ера, но истовремено ги отвора прашањата за целисходноста на слични операции во други делови на светот. Се поставуваат и прашањата: Дали доколку наместо 20, Американците останеа во Авганистан уште 10 години – разврската ќе беше различна? Дали некогаш воопшто може да се поразат Талибанците на целата територија, кои се неспоредливо посилни на специфичниот географски терен, и со силни традиционални врски со локалното население? Уште колку американски и сојузнички жртви се потребни за да се одржи мисијата во Авганистан?
И покрај погрешните проценки на САД дека Талибанците нема толку брзо да ја преземат контролата, малку е веројатно да се иницира нова воена мисија во Авганистан. Дополнително, отпорот кај американската јавност кон нови интервенции во странство (придружено со нови жртви) оневозможува одлуки за слични акции, барем во блиска иднина.
Европа, од своја страна пак, стравува од нов бегалски бран, овојпат од Авганистан. Немирот кај европските лидери и јавноста, предизвикан од хаотичните сцени на аеродромот во Кабул, во суштина ја отсликува и неподготвеноста на Европа за соочување со нови безбедносни предизвици, слични на бегалската криза пред неколку години. Потпирањето на САД како гарант на безбедноста во Авганистан, но и во други случаи, само ја нагласува неопходноста за фокусирање кон создавањето на една јасна и цврста заедничка безбедносна политика на ЕУ, која навремено ќе ги пресретне ризиците, како на пример актуелната авганистанска криза.
ВАСКО НАУМОВСКИ
Д-р Васко Наумовски е поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен македонски амбасадор во САД
-
ВАСКО НАУМОВСКИ#molongui-disabled-link
-
ВАСКО НАУМОВСКИ#molongui-disabled-link
-
ВАСКО НАУМОВСКИ#molongui-disabled-link