Connect with us

Hi, what are you looking for?

Свет

ХЕГЕМОНСКИ ИНТЕРЕГНУМ

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие ставови делумно се производ на перцепцијата дека кризата на капитализмот е и криза на целокупното човештво и дека која и да е кризата која ќе го погоди хегемонскиот центар на моќ, таа ќе се одрази и врз остатокот од светот.

“Цивилизациите умираат од самоубиство, а не од убиство.” (Арнолд Тојнби)

Постојат бројни дефиниции за поимот “интерегнум” а воедно и бројни интерпретации кои биле производ на различни историски контексти. Во зависност од потребите, самиот термин и неговата примена нуделе објаснувања на моментални, времени  и непостојани случувања, предизвикани од најразлични симптоми, трендови, историски премрежја, личности и слично. Најопшто, интерегнумот претставува временски интервал кој означува прекин на еден одреден континуитет. Тој временски интервал меѓу две времиња (на она што било и на она што доаѓа) најчесто се користи при дефинирање на временскиот простор од крајот на владеењето на еден суверен владетел до доаѓањето на власт на друг, односно неговиот наследник. Токму во таа временска празнина постои суспензија или прекин на егзекутивното владеење или контролата од страна на еден управител.

Еден од клучните автори кои ја отсликуваат оваа состојба, е марксистичкиот италијански филозоф Антони Грамши. Грамшиевиот интерегнум не отсликува никаква транзиција и нормален период на нејзино спроведување. Напротив, тој се задржува на состојба на криза, во која авторитетот е прекинат, но сепак постои продолжување на владеењето. Во тој случај се поставува прашањето на легитимност и колку всушност владеачката класа поседува поддршка за нејзиното владеење. Во неговите “Затворски Белешки”, Грамши ќе отслика период кој е карактеристичен за секој привремен период, растргнат меѓу две реалности: “Доколку владејачката класа го изгуби консензусот, односно не “предводи” туку е само “доминантна”, која демонстрира сила преку принуда, што точно го посочува фактот дека големите маси се оддалечуваат од своите традиционални идеологии и не веруваат повеќе во она што верувале претходно. Оваа криза се состои токму во фактот дека старото умира, а новото не може да се роди; во овој интерегнум се појавуваат мноштво морбидни симптоми”. (1971)

Едeн од најзначајните социолози и филозофи на 21от век, Зигмунт Бауман, третирајќи го интерегнумот на нашата ера, ќе заклучи дека не е возможно да се издржи долго време во оваа состојба, бидејќи ова е време во кое старите начини по кои се одвивале работите повеќе не се функционални или пак се неефикасни, додека пак новите инструменти сéуште не се измислени а уште помалку испробани. Според Бауман, неолибералната револуција резултираше со изразита дискрепанца и со се повозможниот “развод меѓу моќта (капацитетот за завршување на работите) и политиката (можноста да се одлучува кои работи се потребни и треба да се направат)” (Bauman, 2014).

Според него, нашата моментална криза пред се е криза на средства, односно таа e криза на територијален суверенитет. Имено, проблемите со кои се соочуваме се продуцирани глобално, додека пак “инструментите кои се користат за политички акции и нивно решавање, оставени од градителите на националните држави, беа скратени до мера на служење на потребите на националните држави; со тоа тие докажуваат исклучителна неспособност, кога треба да се решаваат глобалните предизвици” (Ibid).

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие ставови делумно се производ на перцепцијата дека кризата на капитализмот е и криза на целокупното човештво и дека која и да е кризата која ќе го погоди хегемонскиот центар на моќ, таа ќе се одрази и врз остатокот од светот. Од друга страна, тоа се должи на фактот што меѓународната политика и меѓународните односи денес се предводени (барем до сега) од еден центар на моќ кој можеме да го лоцираме во ликот на Западната цивилизација. Целта на Западот по Втората Светска војна беше да прерасне во хегемонска сила која потаму имаше за цел да прерасне во империја.

Но и покрај успешното реализирање на “западната идеја”, токму интерегнумот на нејзината доминација беше создаден во моментот кога концептите на хегемонија и империја започнаа да се одалечуваат еден од друг, односно од својот центар. Кризата на западната доминација, преку Европа, но секако повеќе САД, достигна свој зенит во моментот кога тие ја загубија својата хегемонска улога, но сакаа да продолжат со сопствениот империјалистички нео-либерализам, кој за многумина антикапиталисти  всушност е деспотска имеперијална сила, но со прочовечен лик. Со други зборови, позајмени од Грамши и Бауман, кризата настана тогаш кога се разниша консензусот на доминирање и владеење, односно авторитетот ја изгуби моќта, но продолжи да владее; и во моментот кога моќта и политиката се разделија една од друга.

Денес теоретичарите на модерната политичка мисла полемизираат околу две тези: дали за западната надмоќност има алтернатива (и дали воопшто е потребна хегемонска сила) и дали самиот Запад е свесен за својата ерозија и е подготвен да го отстапи приматот на друг центар на моќ? Се поставува и прашањето дали моменталниот интерегнум, ќе биде во корист на Западната цивилизација, односно дали Западот со внатрешните реформи и внатрешата “псеудоморфоза” ќе опстои на забот на времето и ќе ја продолжи својата “хегемонија” или пак целокупниот светски поредок ќе изнајде нова не западна парадигма, или пак ќе постои симбиоза изродена од повеќе центри на моќ.

Роберт Кејган, расправа дека, “постои општо чувство дека крајот на Американската доминација не мора да значи и крај на моменталниот либерален меѓународен поредок. Очекувањето, ако не и претпоставката, е дека добрите квалитети на тој поредок како што се демократија, просперитет, мир меѓу големите сили, може да го трансцедентира залезот на Американската сила и влијание. Икенбери сепак смета дека: основите на либералниот меѓународен поредок ќе преживеат и ќе напредуваат”(Kagan, 2012).

Слично на теоријата на Тојнби дека ниту една империја не замира од убиство туку од самоубиство, Џон Адамс расправал дека ниту демократиите никогаш не траат долго. “Таа брзо се истрошува, исцрпува и убива. Сеуште не постоела демократија која не би извршила самоубиство. Тоа самоубиство е пред се резултат од размазеноста од колку било што друго.” (Croizer, Michel, Huntington, 1975). Токму таа размазеност во форма на декадентно стагнирање е неизбежен елемент како за империите, така да и за демократските држави и супер сили. Истиот Адамс пред два века кажа “Власта секогаш мисли дека има голема душа и широки погледи отаде разбирањето на слабите. Ова е длабокиот корен на комбинацијата на дивјаштво и себе оправдување што го заразува империјалниот менталитет – а во одредена мера, и секоја структура на авторитет и доминација” (Chomsky, 2007).

Последните случувања во Авганистан, окарактеризирани како големо повлекување кое според теоретичарите сигнализира крај на американската ера, (Wright 2021) како да го разнишува триумфалниот оптимизам и еуфоријата на самопрогласениот незапирлив наплив на универзијализацијата на либералната демократија, што како уште еден морбиден симптом, претставува до сега можеби најголемата цигла во ѕидот на интерегнумот на хегемонскиот поредок.

(продолжува)

ИВАН ИВАНОВ

Д-р Иван Иванов е доцент по политички науки.

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Една од слабостите на актуелниот меѓународен поредок е отсуство на функционални механизми кои би биле советодавно тело на големите сили и преку кое тие...