Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

ТРНЛИВИОТ ПАТ ДО НЕЗАВИСНОСТ (ТРЕТ ДЕЛ)

Првичниот идеализам што беше резултат на фактот што конечно, после толку стремежи и жртви, започна да се реализира една дамнешна вековна заложба на граѓаните за создавање на независна татковина, набргу беше притиснат од реалностите на политиката.

Процесите на стекнување на независноста на СРМ преку раздружување од тогашната СФРЈ започнуваат во текот на 1990 година. Имено, политичката власт, следејќи ги случувањата во останатите републики на Федеративна Југославија презема соодветни чекори што одговараа на карактерот на приликите кои постојано се влошуваа. Така, републичките институции во летото и есента 1990 година донесуваат серија клучни одлуки со кои се отвора патот на македонската независност преку конструирање на новиот уставно-правен систем, кој почиваше на спротивни начела од дотогаш социјалистичко-федеративните.

На 20 септември 1990 година, Собранието на СРМ усвојува 25 амандмани на Уставот со кои се извршуваат првите промени во уставно-правниот систем. Беше укинат монополот на владеачката партија СКЈ (амандман LXVII), делегатскиот систем беше заменет со пратенички (амандман LXXIV), наместо извршниот совет беше конструирана владата (амандман LXXVI), а неместо претседателството на СРМ беше воспоставена функцијата претседател на Републиката (амандман LXXV).

Врз основа на споменатите измени, на 24 септември 1990 година, претседателот на законодавниот дом ги распишува првите демократски повеќепартиски избори, кои се одржуваат на 11 ноември истата година, а македонското собрание во овој состав се конституира на 8 јануари 1991 година.

Понатаму, на 27 јануари 1991 година, пратениците го избираат првиот демократски претседател на Републиката, Киро Глигоров, а на 20 март 1991 година беше избрана и првата демократска експертска влада на чело со Никола Кљусев. На овој начин беа поставени основите на новиот демократски систем на организација на државната власт.

Во меѓувреме, на 25 јануари 1991 година претставниците на граѓаните во Собранието, ја донесоа „Декларацијата за сувереност на Македонија “, со која, во членот 1 се изразува сувереноста согласно уставните определби за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самопределување вклучувајќи го и правото на отцепување.

Понатаму, на 7 јуни 1991 година, беше усвоен уставен амандман LXXXII со кој во името на СРМ се изоставува одредницата „социјалистичка“. Во оваа смисла, на 7 мај 1991 година, Претседателот на државата до пратениците доставува предлог за донесување на нов демократски устав кој беше изгласан на 17 ноември 1991 година, а на кој му претходеа референдумот за независност од 8 септември 1991 година и „Декларацијата по повод плебисцитарно изразената воља на граѓаните за суверена и самостојна држава Македонија“, донесена на седницата на Собранието на 17 септември 1991 година.

На овој начин беше заокружен новиот уставно-правен систем на Македонија, како демократска и самостојна држава. Конечно, на 19 декември 1991 година со донесувањето на „Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија“, започна и процесот на меѓународно признавање на веќе создадената македонска држава.

Првичниот идеализам што беше резултат на фактот што конечно, после толку стремежи и жртви, започна да се реализира една дамнешна вековна заложба на граѓаните за создавање на независна татковина, набргу беше притиснат од реалностите на политиката. Граѓаните на дел од поранешните југословенски републики беа втурнати во крвави меѓуетнички судири кои по својот размер можеа да се споредат со траумите од Втората светска војна. Наспроти овој негативен факт, новосоздадената Република Македонија, пак, како резултат на одмереноста на тогашното политичко лидерство, но и заради локалната геополитика, успеа да исчекори на патот кон независноста без ниту еден испукан куршум.

Меѓутоа, ваквиот несомнен успех, набргу беше потиснат од предизвиците што следуваа, поврзани со начинот на кој беше градена новосоздадената држава. Почнувајќи од проблемите при поставувањето на уставниот систем и трансформацијата на државната во приватна сопственост, преку спорот со Грција, недоразбирањата со Бугарија, меѓуетничкиот конфликт од 2001 и потпишувањето на Охридскиот договор, сé до блокадите на патот кон интеграцијата во Европската унија и НАТО – Република Македонија, иако со многу слабости, остава зад себе одредено досие. Граѓаните, пак, и науката имаат обврска да дадат соодветна историска оценка за колективното поведение во овие изминати 30 години.

(крај)

АЛЕКСАНДАР СПАСЕНОВСКИ

Д-р Александар Спасеновски е универзитетски професор

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...