Модерното време и западната цивилизација се во нераскинлива корелација. Дури може да се каже дека Западот го диктира темпото на развој на модерното време. Духот на модерното време во голем дел е во каузалност со научите и технолошките напредоци на Западот. Истата таа цивилизација преку нејзиниот напредок се стреми да прерасне во универзална цивилизација преку иреверзибилниот напредок во последните пет века. Доколку го анализираме Западот, пред сè како концепт, а дури потоа како географска средина, ќе видиме дека се засновува врз три принципи: “неговата рационалност, неговиот парадигматски и неговиот утопистички карактер. Подвлекувајќи дека овие три елементи не се својствени само за Западот, тие се поврзани со се што е човечко. Ги поседува секој народ, секоја цивилизација, но никој друг освен Западот од нив не направи spiritus movens односно свој движечки дух.”(Vlajki, 2012).
Западната цивилизација меѓу другото е заснована и врз Кантовите учења, поточно на одржување на мирот преку концептот на меѓународни договори. Како два најважни елементи кои треба да ги поседува една империја, за да обезбеди “светски мир”, Кант ги нагласува јазикот и религијата. Всушност, токму овие два конститутивни империјални фактори овозможија во извесна мера Римското Царство да прерасне во една универзална монархија. Латинскиот јазик и христијанството. Според Кант при желбата за остварување на светскиот мир, а и при поривот за остварување на амбициите на одредени лидери или пак држави за светска доминација, природата е единствената “пречка” за постигнување на таа цел. Според него, постојат две средства која таа ги користи да го спречи мешањето на народите и да ги одвои едни од други. Тоа се разните јазици и разните религии. Но колку што може оваа јазично-културна разновидност да биде претставена како поткрепа за бројни конфронтации, толку пак од друга страна, истата таа поделба може да придонесе да се изгради свет на заедничко коегзистирање. Според зборовите на Кант, различноста сепак “обединува со средствата од заеднички личен интерес, наспроти концептот на космополитски права кој не ги спречува насилствата и војните.”(Kant 2006). И токму врз принципот на лична корист и личен интерес беше изграден западниот модел на светска доминација, преку поставување на темелите на слободниот пазар и либералниот поредок.
Денес западната цивилизација и нејзината култура не поседуваат ни еден од кантовите универзални интегративни елементи, односно ниту јазик ниту религија. “Западната цивилизација е заплеткана од партикуларните интереси на Вестфалските нации држави. Во одредени историски моменти тоа и претставувало предност во вид на империјално ширење на одделни европски сили. Меѓутоа, во еден сеопфатен поглед, западната цивилизација е многу кревка и тоа најмногу поради своевиден процес на “историска вавилонизација”. Таа својот “мир” го одржува исклучиво преку кантовиот концепт на меѓународни договори кои немаат никаква длабока традиционална, духовна или универзалистичка длабочина.”(Vlajki, 2012)
Поради тоа, западната цивилизација како свој универзален интегративен елемент на кој го темели новиот меѓународно правен поредок, е она што Кант го нарекува “трговски дух”. “Бидејќи, меѓу сите овластувања (средства) подредени на државниот авторитет, моќта на парите најверојатно е најрелевантна, државите се принудени (додуша не од мотиви на моралот) да промовираат благороден мир и, каде и да е во светот, има закани за избивање на војна, ќе го спречи тоа преку преговори, исто како да се членови на траен сојуз.“ (Kant, 2006).
Според поранешниот потпретседател на Светска Банка и основачкиот директор на Bibliotheca Alexandrina, Исмаил Серагелдин, моменталниот светски поредок проаѓа низ пет контрадикции. Првата контрадикција во моменталниот светски поредок се должи на фактот што целиот сет на концепти и идеи кои се доминанти денес се во целост западна креација. Поголем дел од остатокот од светот ги прифаќа но не учествуваше во создавањето и имплементирањето на истите. Втората контрадикција се однесува на муслиманскиот фанатизам. Сили кои ја вознемируваат стабилноста и поредокот на земји од Индонезија до Нигерија. Истите тие денес претставуваат закана за Европа и Америка односно за целиот свет. Тие всушност имаат за цел да го поништат моменталниот светски поредок – “линиите нацртани во песок по Sykes – Picot договорот” и да воспостават религиозна држава заснована врз варварска, фанатистичка идеологија. Истите тие убиваат повеќе Муслимани отколку не-Муслимани.
Предизвикот овде е од идеолошка природа која потсетува на подемот на тоталитарните идеологии, како што беше комунизмот во 19-от и 20-от век. Трета контрадикција е самата природа на државата. Надворешната политика која се засновува врз “soft power” не може да биде ефективна и да дава резултати во време на криза, и недостатокот на посветеност на членките на ЕУ кон една унифицирана стратегија. Четвртата контрадикција е онаа меѓу политиката и економијата. Петтата контрадикција е очигледната застареност на ОН дизајнот и отсуство на друг алтернативен дизајн на форум каде што големите сили дискутираат за големите прашања и носат решенија а не само декларативни одлуки и согласности. (Serageldin, 2016).
Слично на него Фергусон зборува за четирите клучни компоненти (кои тој ги нарекува црни кутии кои треба да бидат отворени) на нашата цивилизација: демократија, капитализмот, владеење на правото и цивилното општество, и истите тие, кои претставуваат стожер за западните институции, се дегенерирани. (Ferguson, 2013)
Западната цивилизација преку нејзината супериорност создаде дух кој своевремено беше синоним за највисоките дострели во уметноста, книжевноста, филозофијата, медицината, економијата, политиката. Но иако “западниот дух создава напредок, (во исто време) е и разорен и смртоносен. Со помош на аналитички методи, тој доведува се до безживотна состојба и без престанок ја уништува својата сопствена традиција, како би можело секогаш да се граба само напред. Со својата супериорност тој ги уништува другите цивилизации, нивните општества и народи создавајќи ропство, (нео)колонијализам, како и други облици на владеење секаде каде што успева да доминира.”(Vlajki 2012).
Според тоа, се поставува прашањето дали надмоќноста на Западот се должи на неговата културна супериорност и вековна валидност, или пак можеби на неговата воена моќ? Според Хантингтон: “Западот го освои светот не со супериорноста на своите идеи или вредности или религија (на која беа преобратени неколку припадници на други цивилизации), туку преку својата супериорност во примената на организирано насилство. Западњаците често го забораваат овој факт; незападњаците никогаш.” (Huntinghton 1996). Според Мајкл Лудерс, “поделбите не постојат поради вера и идеологија, туку поради поделба на моќ и ресурси. “Борба на култури” не постои. Единствената борба е за “чинија месо.”(Liders, 2016).
Од друга страна пак, според тврдењата на Мајк Пирс, “примарната причина за повеќето сегашни конфликти во кои сега е вовлечен Западот, не е религијата, ниту надворешната политика туку културата”. Културата, продолжува Пирс е “коренот на кој индивидуалните конфликти за особени аспекти на западните политики честопати се само симптоматични и која им дава еден аспект на огорченост и страв. Тоа е “судирот на цивилизациите” што главните учесници ги прави толку непомирливи – а конфликите што се резултат на тоа потенцијално далеку посмртоносни. Чистите интереси може да “се спогодат”: меѓутоа културите не можат да ги донесат до компромис нивните клучни особини без да престанат да постојат.” (Пирс, 2014).
(Продолжува)
Извори:
Immanuel Kant, Toward Perpetual Peace and Other Writings on Politics, Peace and History, Yale University Press, 2006.
Пирс, Мајк, Зошто Толку Напад кон Запад – Корените на Глобалното Непријателство, Метаноја, 2014.
Хејбер, Ферн, Хони, Отаде Постмодерната Политика – Лиотар, Рорти, Фуко, Институт за Демократија, Солидарност и Цивилно Општество, Скопје, 2002.
Huntinghton, P., Samuel, The Clash of Civilizations, and the Remaking of World Order, Simon & Schuster, 1996.
Ferguson, Nial, The Great Degeneration – How Institutions Decay and Economies Die, Penguin Press, New York, 2013.
Vlajki, Emil, Bednici Modernizma, Filip Višnić, Beograd, 2012.
Liders, Mihael, Ko Seje Vetar – Šta su Zapadni Politićari Uradili na Orijentu, Laguna, Beograd, 2016.

ИВАН ИВАНОВ
Д-р Иван Иванов е доцент по политички науки.
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
