Формулацијата “универзална цивилизација” влече корени од В. С. Најпол кој ја смета западната цивилизација како најприкладна за животот на луѓето. Имено тој е воодушевен од “убавината на идејата за потрагата по среќа”. Идеја која како што вели тој, е во срцевината на атрактивноста на цивилизација наспроти оние на периферијата.
Изјавата на Тони Блер во 2001 во која вели дека “нашите не се западни вредности; тие се универзални вредности на човековиот дух” според теоретичарите како Мајкл Пирс, претставува своевидно заладување на реториката. Наместо да бидат само западни карактеристики тие сега се единствените “дозволени вредности”. Не постои појасна изјава за “културен империјализам”. Според Пирс тоа е формула за војна без завршеток – “нашата култура ќе ја истиснува вашата сe додека не стане универзална”. “Нашите се фундаментални вредности што треба да се применат еднакво за сите” пренел весникот “Тајмс“ од Лондон по изјавата на Блер. (Пирс)
Но, илузорно е да се мисли дека супериорноста и универзалноста на западната цивилизација лежи во фактот што таа единствено е способна за потрагата и ширењето на среќата. Потрагата по среќа заедно со слободата и животот се трите добро познати стожери на американската декларација за независност кои претставуваат неотуѓиви права на секој граѓанин на САД. Но самата идеја за потрага по среќа не претставува оригинална американска творба, која единствено треба да се смета за придобивка на западната цивилизација и САД. Многу цивилизации и империи пред појавата на Западната доминација биле свесни за овој концепт. Извориштето се претпоставува дека лежи во Филозофијата на Епикур во чие сфаќање за светот лежи хедонистичката етика како основа за тоа дека човекот живее мудро. Епикур човекот го гледа како индивидуа, која за разлика од учењата на Платон и Аристотел не е пред се “политички субјект” или “ζῷον πολιτικόν“ и граѓанин на полисот, туку само индивидуа која е во потрага по среќа, која како приватно лице не треба да живее јавно туку примерно.
Западната цивилизација, во најголема мера САД се културолошки предводници и суперсила која во основа е сила на животен стил. Но и таа култура како што тоа Питирим Сорокин го објаснува, како да живее на стара слава. Европа и САД сè уште диктираат мнозина културолошки и општествени токови, но колку тие се оригинални и иновативни е доведено под прашање. Од друга страна, образовниот процес кој подоцна се одразува во општественото живеење, како да проаѓа низ процес на “инцестоидност”. Не постои судир на идеи а критиката на либералната идеjа и нејзините вредности од страна на десницата се доживуваат како закана на демократијата, слободата и човековите права. Системот кој посакува да биде инклузивен, страда токму од преголема доза на инклузивни тенденции кои немаат толеранција за она што е надвор од него. Тоа не треба да значи ускратување на правата на културните малцинства да ги остваруваат своите граѓански права и слободи. Токму спротивно. Но, она што загрижува е претенциозноста која води до тенденција дека единствено либералните идеи се универзални и валидни во овој глобален поредок, а се што е спротивно на тоа е реторградо и погрешно. Претенциозноста на либералните лидери кон создавање на свет и поредок кој нужно мора да е склон кон неолибералната логика, е повод за уште поголема дезинтеграција на самите општества, пред се внатре во своите демократии. Но дали универзализацијата на “вестернизацијата” е легитимен чин?
Една од слабостите на актуелниот меѓународен поредок е отсуство на функционални механизми кои би биле советодавно тело на големите сили и преку кое тие би соработувале за најважните прашања кои го преокупираат светот денес. Иако постојат многубројни меѓународни форуми, тие не нудат долгорочни стратегии, туку ги поткопуваат обидите да се дојде до нив сведувајќи ја сета активност на расправи за тактички прашања и декларативни заложби. Современата структура на меѓународните правила и норми, доколку сака да остане релевантна, не може да постои само во форма на декларации. Таа структура, според Кисинџер, мора да се негува како нешто што е резултат на заеднички убедувања. Доколку тоа не се случи, нема да има голема војна меѓу државите, туку создавање на сфери на влијанија, кое сега е присутно во одредени внатрешнополитички структури и видови на владеење. Секоја сфера на влијание ќе сака да ја провери својата моќ против другата сфера на влијание, прикажувајќи ја како нелегитимна. Конфликтот меѓу регионите кои се сфери на влијание на големите сили, може да претставуваат многу поголем проблем од конфликтите меѓу државите.
Околу универзалната цивилизација, Хантингтон ќе заклучи дека “оваа идеја може да се однесува на некои нешта што се длабоки, но ирелевантни, на нешта што се суштински но не се длабоки, како и на нешта што се ирелевантни и површни”. Воедно, универзалната цивилизација “може да се однесува на претпоставките, вредностите и учењата до кои во моментов се придржуваат многумина во западната цивилизација и некои во другите цивилизации.” Ова Хантингтон го нарекува “Култура на Давос”. Имено, како што и самиот тој нагласува, на сите учесници на форумот во Давос и впрочем истото она што им е заедничко на луѓето од западната цивилизација: политичката демократија, индивидуализмот и верувањето во пазарните економии. Учесниците на форумот, “ги контролираат буквално сите меѓународни институции, потоа голем дел од светските влади како и најголем дел од светските економски и воени капацитети… меѓутоа во светски рамки на колкумина им е е заедничка таа култура? Надвор од Западот веројатно ја споделуваат помалку од 50 милиони луѓе или 1% од светското население, а можеби и само една десетина од 1% од светското население. Оваа култура е далеку од универзална култура… оваа заедничка интелектуална култура постои, како што истакнува Хедли Бул, само на ниво на елити: нејзините корени се плитки во многубројни општества… дискутабилно е дали, дури и на дипломатско ниво, го опфаќа во себе тоа што своевремено се нарекло заедничка морална култура или множество заеднички вредности, за разлика од една заедничка интелектуална култура”. (Huntington)
Често “незападните“ земји се подложни на критика дека доколку не се подредат и прилагодат на самопрогласените универзални вредности, ќе претставуваат своевидна закана за слободниот свет или во најмала рака, уназадени и маргинализирани од модерните општествени текови. Каплан истакнува дека нациите во развој не секогаш имаат избор освен да се прилагодат на играта предводена од правилата на Западот. Но, според него, материјалната и идеолошката доминација на Западот, кои се доведени во прашање, даваат простор другите нации да ги прифатат западните правила на игра само доколку нивните домашни вредности и социоекономски поредоци се конвергираат со оние на Западот. Oдносно, доколку Западот сака да ја сочува својата позиција, потребно e унапредување на модернизацијата во земјите во развој се со цел создавање на хомогена заедница. Но, проблемот според Каплан е што либералната демократија, индустрискиот капитализам и секуларниот национализам, како дефинирачки стожери на Западот, не доживуваат своја реплика во развојните регионите кои се модернизираат. Тој заклучува дека земјите во подем како Кина, Турција, Индија и Бразил, кои поради сопствените традиции, домашни поредоци и идеолошки ориентации, носат свои културни и социоекономски обележја различни од оние на Западот. Разликата е евидентна и во нивните сфаќања за основите на политичката легитимност, природата на концептот за суверенитет, правилата за меѓународна размена, и односите меѓу државата и општеството. Каплан заклучува дека како нивната материјална сила зема се поголем замав, тие ќе бараат да се преиспита меѓународниот поредок, во смисла на тоа дека ќе бараат поредок кој ќе дава предност на нивните интереси како и на нивните идеолошки преференци. Самиот развој на овие земји во подем би претставувал алтернатива на Западниот пат, а не долгорочно “бајпасирање“ на патот кон глобална хегемонија. (Friedman)
Светот денес има потреба од повторна почетна основа за сопственото осознавање. Светот не се менува туку е веќе променет. Досегашните сфаќања и теории за меѓународната политика и покрај своите модифицирани ставови како да бледнеат поради новите предизвици на 21от век. Сведоци сме на постепено нагласување и осознавање на ориентализмот како сосотојба на будење на свеста на другите актери, кои историски гледано биле во состојба на потчинетост пред “универзалностa” на вредностите на западната цивилизација. Полека секој од тие актери почнува да ја кажува својата вистина градена врз други вредности и други принципи, различни од западните. Светот проаѓа низ голема трансформација, но без јасна цел кон која се движи. Современици сме на огромна промена која се случува во со човековата цивилизација. Но парадоксално е тоа што немаме на повидок јасна цел. “Морбидните симптоми” на Грамши денес се олицетворени и преку глобалниот тероризам, лажните вести, deeb web и “заспани теории” на кои им додаваме само нови префикси. Но истите тие морбидни симптоми се и предзнак и на нови симптоми кои алармираат на потребата од нови парадигми, тенденции и нови трендови. Но доколку постои начин да се модификуваат и изменат состојбите во меѓународните односи, тогаш прва на удар за трансформации ќе биде нивниот главен субјект, државата.
Државата е продукт на вонредна состојба. И како таква се додека постои конфликтност ќе постои и државата. Шмит вели дека суверен е оној кој носи одлука за вонредна состојба. Од таму, без вонредна состојба суверенитетот нема корист. Во контекст на хегемонијата и улогата на “светски полицаец”, се додека постојат конфликти САД како предводник на Западот ќе ја оправдува потребата од негова присутност во регионите каде што самиот тој без консензус презел обврска да го прави тоа.
Извори:
Huntinghton, P., Samuel, The Clash of Civilizations, and the Remaking of World Order, Simon & Schuster, 1996
Friedman, George, The Next Decade – Empire and Republic in a Changing World, Anchor Books, 2012
Пирс, Мајк, Зошто Толку Напад кон Запад – Корените на Глобалното Непријателство, Метаноја,
ИВАН ИВАНОВ
Д-р Иван Иванов е доцент по политички науки.
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link