Членството во ЕУ носи придобивки за секоја држава што ќе стане членка, најмногу во областа на економијата, слободното движење, усвојувањето на високи стандарди во многу области, итн. Оттаму, напорите за зачленување во ЕУ се асоциират со економски развој и зголемување на животниот стандард. Сепак, се чини дека кога ЕУ се обидува да навлезе во начинот на којшто нејзините држави-членки регулираат одредени општествени прашања – се појавува отпор кон своевидното мешање во внатрешните работи. Ова е особено видливо до некои држави од Централна и Источна Европа, кои имаат повеќедецениско искуство со контрола од страна на поранешниот Советски сојуз. Неслучајно, честопати притисокот од Брисел се споредува со притисокот во минатото токму од Москва.
Односите на Унгарија со голем дел од останатите партнери од Европската унија, а особено со европските институции, во изминатите години поминуваа низ различни фази, пришто се засилуваа тензиите и меѓусебните критики. Темите поврзани со “протерувањето“ на Централно-европскиот универзитет (основан и финансиран од Џорџ Сорос), обвинувањата за притисок врз медиумите, различниот став кон имигрантите, односот кон ЛГБТ-заедницата – се само дел од прашањата заради кои ЕУ го критикува владеењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан. На почетокот на оваа година партијата на Орбан ја напушти и европската политичка асоцијација на којшто припаѓаше – Европската народна партија, после повеќемесечно заладување на односите. Истовремено, унгарската влада не штеди критики кон европските институции и некои држави-членки, настојувајќи да ги одбрани своите традиционални и конзервативни ставови за горенаведените теми.
После увојувањето на законот со којшто се забрануваат т.н. ЛГБТ содржини во училиштата и детските телевизиски програми, ЕУ покрена постапка за кршење на правото на ЕУ, оваа позиција ја поддржа и Европскиот парламент со своја резолуција, а се разгледува и можноста за суспензија на европските фондови наменети за Унгарија. Орбан пак, најави дека законот ќе биде ставен на референдум во Унгарија, со што би ги зацврстил позициите во однос на ЕУ. Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и Кина, итн. Орбан и неговата влада, пак, остануваат доследни на заштита на христијанскиот морал, семејството, заштитата од странски влијанија во образованието, и заштита на националните интереси кога постои судир со ЕУ. Орбан неодамна ја обвини ЕУ за “злоупотреба на власта“, како и “правен хулиганизам“.
Холандскиот премиер Марк Руте на крајот на јуни го повика Орбан да ја започне постапката за излез на Унгарија од ЕУ, бидејќи не ги прифаќа европските вредности во областа на правата на ЛГБТ заедницата. Орбан пак, одговори дека овие критики “смрдат на колонијалното минато“, додавајќи дека ниту една држава нема право да одредува какви ќе бидат законите на друга држава.
Еден неодамна објавен текст во весникот “Унгарска нација“, којшто се смета за неофицијално гласило на тамошната влада, ја отвори темата за излез на Унгарија од ЕУ. Насловен како “Време е да зборуваме за ‘Унгзит‘“ (кованица слична на ‘Брегзит‘ – процесот на излез на Велика Британија од ЕУ), авторот ги нагласува сите разлики меѓу ЕУ и Унгарија, “илјадниците рани“, “знаците на империјализмот“, “арогантното третирање“, итн. Се анализираат и разликите во однос на традиционалните религиозни и семејни вредности, кон коишто се наклонети Унгарците, за разлика од Европјаните, кои се стремат да создадат “безлично светско општество“. Авторот на текстот, Тамаш Фриц, е дел од повеќе асоцијации блиски до партијата на Орбан, со што се засилува перцепцијата дека отворањето на оваа тема во унгарските медиуми е координирано од самата унгарска влада.
Во пресрет на парламентарните избори догодина, Орбан е соочен со обединување на опозициските партии, со што му претстои тешка битка за мнозинство во идниот парламентарен состав, за разлика од неприкосновената позиција во изминатите 11 години. Несомнено, унгарската опозиција ќе добие поддршка од своите партнери во ЕУ, но и партијата на Орбан ги зацврстува односите со партиите на Ле Пен, Салвини, најавувајќи нова десничарска алијанса во Европа. Вкупно 16 партии од повеќе европски држави минатиот месец потпишаа декларација во која се критикува правецот во кој се движи ЕУ. Тие се залагаат за почитување на традициите, културата и историјата на европските држави, јудејско-христијанските вредности, семејството како основна единица на нацијата, и слично.
Односите на Унгарија предводена од Орбан и Европската унија дополнително ќе се заоструваат во наредните месеци, пришто ЕУ ќе се обиде да изврши дополнителен притисок, користејќи ги внатрешните механизми поврзани со финансиската помош, додека пак, унгарската влада ќе се обиде оваа ситуација да ја искористи за добивање на поголема поддршка кај унгарското гласачко тело. Дискусиите за излезот на Унгарија од ЕУ веќе не се табу тема, и веројатно ќе бидат дел и од внатрешната политичка сцена во оваа држава. Наредните потези ќе покажат и дали се работи само за тактички потег за зголемување на влогот во битката со европските институции, или пак за сериозна намера на орбановата влада. Разврската во голема мера ќе зависи и од поддршката што владата ќе ја добие на најавениот референдум, и секако резултатите од претстојните парламентарни избори.
ВАСКО НАУМОВСКИ
Д-р Васко Наумовски е поранешен вицепремиер за европски прашања и поранешен македонски амбасадор во САД
-
ВАСКО НАУМОВСКИ#molongui-disabled-link
-
ВАСКО НАУМОВСКИ#molongui-disabled-link
-
ВАСКО НАУМОВСКИ#molongui-disabled-link