Connect with us

Hi, what are you looking for?

Општество

ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА РЕТОРИКАТА

Придобивките од реториката се многубројни. Таа е важна за демократијата. Преку борба на спротивставени мислења се доаѓа до најдобрите решенија. Ова важи за секое сценарио: одлучување во политиката, меѓу менаџерите во правните субјекти, во војна, во неформалните разговори меѓу пријатели. Таа е подеднакво значајна за поединецот и за општеството. Реториката е важна за образованието и за воспитанието. Останале запишани голем број говори што се извор на мудрости и поука за сите идни генерации.

Дали можеме да си го претставиме светот без комуникација? Би било незамисливо постоењето на цивилизацијата без каква било форма на комуникација. Невозможно е да се случи речиси каква било промена во општеството без да се разговара, односно комуницира.

Ова особено се однесува на политичките, правните, верските, воените или кои било други форми на општествени промени. Најверојатно Француската револуција не би се случила или би имала поинаков тек без Дантон, Мирабо, Робеспјер, без овие жестоки говорници што ја поттикнувале масата.

Слично е и со Октомвриската револуција доколку не биле Ленин и Троцки или ширењето на фашизмот без Мусолини и Хитлер. Во делото „Мојата борба“, Хитлер напишал: „знам дека луѓето може да ги придобијам со пишана реч, но многу повеќе со изговорена…“. Ниту една светска религија не настанала без големите пророци, кои своите верници ги привлекувале со зборови и дела.

Евреите го имаат Мојсеј, христијаните Исус, муслиманите Мухамед. Особено е важно судското беседништво. Да се убедат судијата и поротата што е право, а што не право е голем предизвик за говорништвото. Последно, но многу важно, не може да се замисли демократија без реторика затоа што се темели на силата на убедувањето и слободното одлучување.

Придобивките од реториката се многубројни. Таа е важна за демократијата. Преку борба на спротивставени мислења се доаѓа до најдобрите решенија. Ова важи за секое сценарио: одлучување во политиката, меѓу менаџерите во правните субјекти, во војна, во неформалните разговори меѓу пријатели. Таа е подеднакво значајна за поединецот и за општеството. Реториката е важна за образованието и за воспитанието. Останале запишани голем број говори што се извор на мудрости и поука за сите идни генерации.

Познати се безброј мудрости и мисли што ја опишуваат моќта на зборот. Понекогаш велиме: „убавиот збор железни врати отвора“. Или како што рекол Платон: „зборот може да го запре стравот, да ја отстрани болката, да предизвика радост и да го зголеми сочувството“. 

На ова би се надоврзала мислата на Цицерон: „беседништвото може со мудрите мисли да го обземе духот, со убавите зборови да го помилува увото, да го покрене срцето на народот, да го отстрани сомнежот кај судиите, понуди одлучувачки совети, да ги заштити невините, да им помогне на неволните, да ги спаси потиштените, да ги ослободи прогонетите, да ги отрезни заблудените, да ги охрабри слабите, да ги понижи дрските, да ги надвладее противниците, да ги придобие колебливите, да ги преобрати сомничавите, да ја поткрепи правдата, да ја одврати неправдата и со иста сила да се брани и да напаѓа“. Според Тацит, реториката е ќерка на слободата.

Реториката и етиката

Прашањето на односот помеѓу реториката и етиката било третирано од многумина, почнувајќи од Платон, Аристотел, Цицерон, Квинтилијан, Шопенхауер, Кант, Перелман и др. На ова прашање може да се пристапи од два аспекти, класично и ново сфаќање.

Класично сфаќање 

Во античкото доба, етиката заземала силна позиција. Се сметало дека говорникот треба да биде добар и етичен човек и дека реториката треба да се темели на етиката. Тоа не било случај со софистите, кои за примарна цел го имале самото убедување, по секоја цена. За нив било поважно да убедат и победат, отколку да бидат етични. За Платон, софистичката реторика е штетна затоа што дава привидна вистина, додека правата вештина на убедување треба да биде во служба на моралот. Затоа, сметал дека во идеалната држава нема место за говорниците – софисти. И Аристотел сметал дека говорникот треба да биде етичен. Сметал дека самото политичко здружување преку формирањето држава има за цел да оствари добробит. Истиот став го застапувал и во делата „Никомахова етика“ и во „Реторика“. Особено во второто дело, во неколку наврати ја нагласува врската меѓу етиката, реториката и правичноста.

Цицерон имал посебен, но нецелосно доследен однос кон етичноста на реториката. Од една страна, тој сметал дека идеалниот говорник треба да биде чесна личност: oratur probus esse debet. Од друга страна, Цицерон сметал дека реториката може да послужи како средство за постигнување некоја цел, а патот до таа цел не мора да биде сосема прав. За да се убеди судот или сенатот, „потребно е твојот говор мудрите да го доживеат како измама, а будалите како вистина“. И Квинтилијан посветил внимание на односот помеѓу реториката и етиката. Во својот учебник по реторика, тој посветил цела глава на ова прашање, насловена како „Само чесен човек може да биде говорник“. Квинтилијан и на сликовит начин направил паралела помеѓу реториката и етиката: како што добриот мечувалец, кој својата вештина ја користи за злосторство, не може да се нарече херој, така и злиот човек, кој реториката ја користи за неморални цели, не може да се смета за прав говорник. 

Во средновековието, христијанската омилитика заземала централно место. Со самото тоа, црковната реторика, која пред сѐ служела за зацврстување на верата, била подредена на строгите начела на христијанската етика. И самите Аристотелови списи имале голема популарност затоа што се вклопувале во христијанските етички начела.

Ново сфаќање 

Во новото време, евидентно е губењето на врската помеѓу реториката и етиката. Реториката добива примеси на софистиката, поважно е да се убеди отколку да се каже вистината. Како критичар на ваквите тенденции се јавува Хаим Перелман, кој сметал дека одвојувањето на реториката од етиката, на вистината од аргументацијата, е последица на ставот што содржи длабок презир кон реториката. Постојат и ставови според кои во целина реториката е аморална вештина. Таква позиција застапуваат Роуленд и Вомек. Иако е јасна тенденцијата на губење на врската помеѓу реториката и етиката, треба да се констатира дека говорникот и во современото време треба да биде насочен кон барањето на вистината. Јасно е дека е тешко да се следи вистината како една од компонентите на етиката, сепак на неа треба да се настојува. Особен предизвик е да се гаи однос кон вистината кај некои видови говори, како, на пример, во воените говори (вистината и воената пропаганда немаат многу заедничко) или политичките говори (целта ги оправдува средствата), но и за адвокатот што се обидува по секоја цена да го заштити својот клиент за кој знае дека е виновен. Полоши се последиците од говорењето невистини отколку да се говори вистината.

Наместо заклучок, да се навратиме на целите на трите видови говорништво поставени од Аристотел: вистината треба да биде крајна цел на судската реторика, доброто и корисното да бидат цел на политичката реторика, а убавото на пригодните говори. Сите три цели на посебните видови реторика се поврзани со етиката.

ЈОВАН АНДОНОВСКИ

Јован Андоновски е доктор на правни науки

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...