Connect with us

Hi, what are you looking for?

Интервју

ПАТОТ КОН ПОДОБРО ОБРАЗОВАНИЕ НИКОГАШ НЕ Е ЗАВРШЕН

Политиката во самостојна Македонија за жал многу малку го почитува знаењето. Образовните политики никогаш не изградиле култ кон воспитанието и образованието како најважен ресурс, како клучна потреба за создавање на функционално и просперитетно општество. Во држава во која образованието е целосно потценето, маргинализирано, девалвирано и понижено, ништо не треба да не изненадува. Со тоа е понижен и секој млад човек кој гледа некаков просперитет во својата држава.

Интервју со проф. д-р Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки на универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип.

Професоре, минатата учебна година помина со многу предизвици поврзани од здравствената криза, пришто се соочивме со состојба којашто претходно не беше позната за нас како општество. Дали може да се направи проценка кои е бидат последиците од начинот на кој се изведуваше наставата, дали нашиот образовен систем беше доволно подготвен, и какви поуки можеме да извлечеме?

Се надевам дека МОН но и други институции направиле и прават анализи. Сериозните и добро организирани образовни системи тоа го прават постојано. Всушност, од тие анализи на секторите произлегуваат стратегиите и одлуките кои понатаму треба да се спроведуваат. За жал, ние имаме веќе предолг временски период „запуштен“ и „збунет“ образовен систем кој има многу предизвици пред себе и кој бара суштинско менување на секој дел од него.

Околу тоа дали бевме доволно подготвени, лично мислам дека искуствата се различни. Некои институции  и индивидуи брзо се подготвија, некои други помалку, генерално мојот впечаток е дека не сме подготвени за вакви сериозни кризи како систем.

Но, какви поуки можеме да извлечиме!? Мислам дека има неколку работи за кои сметам дека треба сите во системот да размислуваме и делуваме. (1) Целата скепса која постоеше за онлајн учењето повеќе нема да може да се негира, и сите во системот од основно до високо образование, ќе ги развиваат своите капацитети во платформите на дигиталното образование. (2) На глобално и локално ниво, образованието ќе стане пофлексибилно за периодите на учење и што е тоа почеток и крај на учебна година, за формите на учење, за алтернативните модели и неформално образование кое може да има голем придонес, (3) Сѐ помалку ќе се троши за несуштински патувања, ќе се зголемат онлајн конференциите, (4) Конечно, повеќе ќе се студира во сопствената држава, што е момент за пресвртница на македонското образование и сериозно вложување во него, бидејќи Македонија нема друга надеж без квалитетно образование.

Кои се Вашите очекувања од новата учебна година? Дали конечно нашите ученици, студенти и професори ќе можат да се вратат на нормалните, вообичаени образовни активности?

Институциите веќе ги носат своите одлуки околу начинот на настава, вежби, оценување. Сите одлуки се поврзани од тоа какви препораки дава Комисијата за здравство. Многу е сложена оваа тема. Не сум многу оптимист дека ќе се вратиме во нормалните и вообичаени услови. Може да се започне, но веројатно тешко ќе оди. Постојат многу прашања во моментот кој се комплексни и бараат интердисциплинарен пристап во нивното решавање.  

Покрај образовната компонента, кои се предизвиците на нашите училишта во однос на воспитанието на учениците? Во кој правец се движи процесот на воспитување, може ли да се увидат слабостите на тоа поле, и како тие да се поправат?

Според мене ова е едно од клучните прашања за развојот на општеството. Воспитната компонента на образованието вградена во образовниот систем до 1990 г., соодветсвуваше на потребите на тогашното време. За жал, тогаш се промовираше конформизмот како вредност, и на дипломата се гледаше како на средство за поудобен живот („Учи за да не мора во иднина напорно да работиш!“). Ние за жал се уште имаме такви „вредности“ во општеството.

Денес, на образованието, односно на учењето треба да се гледа како на исклучително важен медиум за оспособување на граѓаните полесно да се прилагодат на потребите на современиот начин на живеење кои веќе не се статични како што биле порано, туку се многу динамични и зависни од пазарот на трудот. Ние пропуштивме при промената од едно уредување во друго, да го прилагодиме воспитниот аспект на новите потреби. Наместо тоа, дозволивме воспитната компонента скоро да се исклучи од образованието, со што беше оневозможено образованието систематски да влијае врз развојот на систем на вредности, соодветен на современите потреби.

Во последните 20 г., се подигна свеста за детството. Два периоди во животот на децата – раното детство и тинејџерството бараат сериозно внимание од возрасните, семејството и образовниот систем.

Клучната цел на училиштето како општествена институција е да придонесува за развојот на личноста на ученикот. Оваа цел не треба да се поистоветува со совладувањето на наставните содржини и распоредот на наставните предмети, иако и тие посредно помагаат ученикот да ги развие своите потенцијали. Оваа цел е регулирана дури и со законот за основно образование каде што се истакнува одговорноста и обврската на училиштето да ја воспитува и образува личноста во духот на љубовта и негување на  сопствениот национален и културен идентитет, развивање свест за припадност кон државата и општеството, воспитување за културни и цивилизациски вредности, развивање самодоверба и свест кај ученикот за сопствената индивидуалност и  одговорност за своите постапки.

Накратко, општеството нормативно утврдило и на педагогијата и ја дала една од најглавните и најтешките задачи, особено на основното образование, да ВОСПИТУВА.

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме е т.н. одлив на мозоци, пришто голем дел образовани млади луѓе се одлучуваат да ја градат својата кариера надвор од државата. Имаме ли механизам тоа да го спречиме, пред да биде предоцна?

Квалитетните општества се континуитет на повеќе продуктивни генерации кои создаваат и не растураат, кои градат а не грабат, кои мислат за иднината на сите во државата, но пред сѐ на младите. Продуктивноста на повеќе доследни генерации ги создале општествата и државите по кои нашите млади, но за жал и сѐ повеќе возрасни копнеат да работат и живеат. Всушност тоа е копнеж по ред, дисциплина и почитување на реално сработеното.

Во кого треба да верува еден млад човек во Македонија, кога е оставен на притисоците на партиите, целосно осамен и дезориентиран, кога гледа и доживува дека оној кој „добро трчал“ и кој е лојален во партијата, има поголем просперитет и надеж од оној кој треба да студира и предава математика или која било друга научна дисциплина.

Имаме ли одговор на прашањата: Зошто да се образува еден млад човек и да копнее да остане во оваа средина? Зошто, каде и како да имаат развој во кариерата? Зошто државата го плаќа образованието, кога најдобрите не се вработуваат на најважните места?

Младите сфаќаат дека вредноста овде не се почитува и тоа веќе предолго. Дека овде има систем за истерување на знаењето и протерување на креативните и способните. Дека индивидуализмот се казнува и тоа во средината, работното место, општеството.

Реформите на образовниот систем се континуиран процес. Според Вас, кои се итните приоритетни чекори кои треба да бидат спроведени? Колку време ќе ни треба да се доближиме до образовните стандарди во Европската унија?

Процесот на промени е занает, повторно вежбање и учење во контекст на системот, тоа е соживување со педагогијата. Тука нема нешто од системот што се гледа изолирано или помалку важно, целта е подобрување на колективниот капацитет на луѓето и институциите. Патот за подобро образование никогаш не е завршен, тоа е напорна работа и добриот систем треба да знае како да ја задржи кондицијата на трошење енергија со цел да продолжи да се движи напред –  без да го стори тоа, системот може да се врати, и со тоа се заканува на нови предизвици.

Анализирани се системи кои имаат долга историја на реформи и постојано се на патот на подобрување, другите се оние кои имале ветувачки старт, добар почеток. Квалитетот на секое училиште  влијае на секој аспект на животот на учениците, обликувајќи ја личната судбина и капацитетот на општеството за креативност и квалитетен развој. Затоа умните држави во реформите секогаш работат заедно со синдикатите, универзитетите, пазарот на труд, родителите и политичките лидери. Секогаш, кога е во прашање квалитетот на образованието  страстите се зголемуваат и дебатата е вжештена. И тоа е секаде во светот.  

Истражувањето на успешните образовни системи покажува дека сите споделуваат заеднички карактеристики за она што тие имаат направено но и како го направиле тоа. Сите што направиле чекор напред во реформите тргнале од центарот (од визијата на државата). Но, потоа како системот се подобрува, моторот за подобрување се префрла на училиштето и наставникот и примарно се управува од нив, тие стануваат и се претвораат во заедници и центри за учење.

Но овој модел е можен и успешен само кога секој во државата си ја знае својата улога во секоја фаза од реформата, без тоа, секогаш ќе биде премногу лесно секој да се меша во сè и од дрвото да не може да ја види шумата. Така се прикрива нашата заедничка одговорност, и тоа е клучниот момент, зошто тешко поминуваат реформите кај нас, и сега и порано. Само со ресчленување на точната улога на секој во државата е можно да се види и идентификува шумата. Дрвото е дрво, но тој поглед и фокус на него може да биде целосно промашување на шумата. Тоа во литературата на реформите се вика архитектура на сличности и правилно именување на деловите. Нешто кое ние не сме го разбрале добро.

Кое е влијанието на квалитетот на образованието врз останатите општествени сегменти? Постои ли свест кај политичките елити за потребата од вложување во образовниот систем, во сите негови степени?

Образованието има најголемо влијание. Социјалниот идеал на демократската заедница е многу тесно поврзан со моралниот идеал на воспитувањето.

Џон Дјуи  основачот на прагматизмот, токму преку воспитувањето ја гледа реформата на општеството и надминување на неговите спротивности. Тој вели дека „Демократијата е социјален, што значи, морален концепт, и врз неговото етичко значење се базира неговото политичко значење“. Оттука, многу општества сфатиле дека концептот на демократија неизбежно се повикува на воспитувањето и образованието. Доброто образование влијае на сите сегменти, и токму затоа демократијата е повеќе од форма на владеење, таа е пред сè, форма на заеднички живот, заедничка размена на искуства.

Политиката во самостојна Македонија за жал многу малку го почитува знаењето. Образовните политики никогаш не изградиле култ кон воспитанието и образованието како најважен ресурс, како клучна потреба за создавање на функционално и просперитетно општество. Во држава во која образованието е целосно потценето, маргинализирано, девалвирано и понижено, ништо не треба да не изненадува. Со тоа е понижен и секој млад човек кој гледа некаков просперитет во својата држава.

Свеста за тоа колку е важно образованието и како да се подржи е се уште на ниско ниво. Ние имаме примери кога цели локални заедници трчаат да обезбедат и по 100 000 евра за концерти, а нема таква волја да се обезбедат средства за училиштата и градинките во својот град. Тоа е поразитилно за тоа како ние ги проценуваме приоритетите во општеството.

Кои се професиите кои во иднината ќе можат да ја подобрат конкурентноста на Македонија како дестинација за инвестиции?

Многу педагози сметаат дека училиштата треба да се посветат на четирите К: критичко размислување, комуникација, колаборација и креативност. Во поширока смисла, училиштата би требало помалку да се фокусираат на пренесување на технички вештини и да почнат повеќе да ги истакнуваат генералните животни вештини. Најважна од сите би била способноста за справување со промени, за учење нови работи и за одржување на менталната рамнотежа во нови ситуации. За да фатиме чекор со светот не само што ќе треба да измислуваме нови идеи и производи туку ќе треба, пред сè, секојпат одново да се измислуваме самите себе.

Во книгата „21 лекција за 21 век“, напишана од Јувал Ноа Харари израелски интелектуалец, професор по историја на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, објаснува актуелни теми чиј главен интерес е денешната состојба и блиската иднина на човекот. Што се случува во моментот? Кои се нашите најголеми предизвици и одлуки денес? Какво ќе биде образованието? Што треба да ги учиме нашите деца?

Индустриската револуција ни ја остави во наследство теоријата за образованието како производна лента. Една зграда, со многу идентични простории, секоја од нив наредени со клупи и столови. Кога ќе ѕвони ѕвончето, одите во една од тие простории заедно со триесетина други деца родени во истата година како вас. Секој час во просторијата влегува по некој возрасен и почнува да зборува. Еден ви кажува за обликот на земјата, друг за минатото, а трет за човечкото тело.

Овој концепт, животот на човекот го дели на два комплементарни дела: период на учење, по кој следува период на работа. Во првиот дел од животот се стекнувате со знаење, развивате вештини, создавате сопствен светоглед и градите стабилен идентитет. Во вториот дел од животот вие ги користите акумулираните вештини за да се водите низ животот, да заработувате и да придонесувате во општеството.

Во средината на 21 век, брзата динамика на промените и продолжениот животен век ќе доведат до застарување на овој традиционален модел. Чудното ќе станува нормално, многу искуства на човештвото нема повеќе да бидат сигурен водич во животот. Луѓето како поединци во се поголема мера ќе наидуваат на нешта со кои никој претходно не се соочил. Како треба да постапувате кога сте преплавени со енормни количества информации кои никако не можете да ги апсорбирате, ниту пак да ги анализирате.

Дали се посветува доволно внимание на системот на предучилишни установи? Покрај на децата, колку ни е потребно и образование на родителите?

За овој потсистем неопхподно е градење капацитети за поголем опфат на децата. Тоа претпоставува градење на нови и адаптирање на алтернативни просторни услови, Обезбедување на соодветен дидактички материјали и јакнење на капацитетите на човечки ресурси во овие институции.

Живееме во време кога улогите во семејството се распаднати. Патријархалното воспитание  но и патријархалната структура на општеството кое траеше 1000 години исчезна. Таквото општество не дозволуваше проблемите кои ги имаше да испливаат на површина, се криеја проблемите. Се мислеше дека нешто ако не се гледа и не постои. Сега е сè на површина.  Отуѓеноста, мрзливоста, емоционални, физички и ментални болести, брзи распади на бракови, истополови бракови, посинување деца ….многу предизвици.

Школата за родители, но и факултетите од општествените и хуманистички науки каде постојат предметните програми од семејна педагогија треба да влијаат во развивањето и подигањето на родителските вештини. Како родителите да бидат уште подобри во воспитувањето. Како да воспоставуваат квалитетен однос со децата, како да се реагира во специфични околности во одредена возраст на детето, како да се користи дома компјутерот и телефонот, како да го критикуваат детето, како да го казнат, како да го наградат, а при тоа да не се развиваат покорни, фрустрирани, агресивни, исплашени деца, кои се новите улоги на родителите кои ги наметнува 21 век, и многу други прашања.

РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...