Connect with us

Hi, what are you looking for?

Македонија

ИСПОВЕД НА ЕДЕН МАКЕДОНСКИ ВРСНИК

Расневме и се развиваме рака под рака. Заедно ги правевме првите чекори и првите грешки. Еве 30 години подоцна и Таа и јас ништо од грешките не научивме и повторно влетуваме во истите замки. Но нејсе. Каде Таа одеше одев и јас со неа. Во што Таа веруваше верував и јас.

Ова не е анализа, ова е исповед. А можеби и двете. Слатка и горка истовремено. И рацио, и емоција. Иако велат тие две не одат рака под рака.

Беше тоа пред 30 лета. Се родивме во растојание од 12 дена. Прво Таа, па јас. Прво Таа, за да можам јас да се родам во слобода. Независен и суверен. Суверен врз својот дух, ослободен од стегите на зависноста и потчинетоста кон другите. Дојдов на овој свет во време на еуфорија. Барем така ја опишуваа моите родители. Често знаат да кажат: “детето ни е врсник на Републиката. Се роди Република а ние добивме син.” Еуфорија по улиците и еуфорија во нивните срца. Тие веќе претходно живееа во две политички уредувања. Моите баби и дедовци во четири. А за мене имаа желба да живеам во едно. Во она вистинското. Она за кое се стремеа, го сонуваа и го дочекаа. “Да живее Независната Република. Ура”

Расневме и се развиваме рака под рака. Заедно ги правевме првите чекори и првите грешки. Еве 30 години подоцна и Таа и јас ништо од грешките не научивме и повторно влетуваме во истите замки. Но нејсе. Каде Таа одеше одев и јас со неа. Во што Таа веруваше верував и јас. Без неа ниту јас ќе бев тој што сум денес. Заедно ги славевме успесите и не не обесхрабруваа поразите. И како врвеа годините бев воспитуван во моралните закони и принципи. Бев воспитуван во духот на човечкото достоинство, исконската порив за правда и желбата за доследност кон принципите за кои нема компромиси. Јадра кои чинев ќе бидат и стожерот на Републиката. Дека што и да се случува никогаш нема да ги напуштиме. Ниту Таа ниту јас. Оти без нив ќе бидеме само “вејки на ветрот.” Верував и дека нема лесно да бидеме заплашувани. Оти стравот е алатка на моќните, а трпението мудрост на доследните. Си велев дека сè ќе помине. Само треба да се истрпи. И арното и лошото. Ништо не е до века. Денес се повеќе гледам дека линијата помеѓу трпението и наивноста е се потенка.

Во 30 години видовме сè. Видовме многу повеќе од што некои републики гледаат за 100. Видовме работи кои не требаше никогаш да ги видиме. Онакви какви што и на “душман” не се посакуваат. Видовме и онакви работи кои од кога ги видовме нè заслепија. Видовмe радост. Видовме колку е важно да се избориш за своите приниципи и своето место под сонцето. Видовме верба во себе, но поверувавме и на другите кои ни ја нудеа само својата срдечност. Подоцна видовме дека никогаш не биле искрени. Но ние верувавме. Видовме што значи да се гради Република. Видовме поединци кои навистина веруваа во колективната добробит и со секој свој збор, дело и промисла, ја славеа и зацврстуваа Неа. Видовме уметници, спортисти, научници и докажани индивидуи кои блескајќи по светот секаде со гордост го вееја своето знаме највисоко. Ја пееја својата химна најгласно. Го изговараа нејзиното име најгордо: Македонија.

Видовме успеси кои нè обединуваа. Ни ја враќаа гордоста и нè убедуваа дека “ќе нè биде.” Сè што требаше е само да веруваме. Истовремено, видовме и его манијаци на највисоките државни функции. Видовме цели кои ним им ги оправдуваа средствата. Цели од лична корист, средства против здравиот разум. Видовме предавства, убиства, силувања и сквернавења. Видовме лажни авторитети. Видовме на површина многу површни луѓе. Видовме зло кое го оставивме да царува. Видовме бедни луѓе чии души го носеа бајракот на алчноста. Лаги, интриги и отров. Византиски игри. Видовме многу датуми и празни календари. Видовме “тапшања” по рамо кои нам ни оставија само модринки. На секој нож кој меѓусебе си го бодевме во плеќи, некој од страна довикуваше: подлабоко!

Видовме, гледавме, но не догледувавме. Речиси само ѕиркавме и не почувстувавме што се крие отаде моменталната радост и еуфорија. Мислевме дека оваа слобода и оваа Република е освоена еднаш за секогаш. Но најтешкото допрва доаѓаше. А тоа беше, да се дочуваме и да ја дочуваме. Неа. И сите нас. Во еден миг почувствуваме што значи да си свој на своето и да никому не должиш ништо (а оние кои ни должат нам, ни го земаат и она малку што ни остана – или сами им го дадовме). А ние и со тоа “малку”, бевме среќни. Распарчени, поделени, сквернавени, поробувани. Но на крај радосни. Го добивме тоа што ни припаѓа. A среќата траеше кратко. Иво Андиќ вели дека е чудно колку малку ни е потребно да бидеме среќни, а уште почудно е како нам баш тоа малку ни недостасува. А ни недостасува достоинството за да бидеме среќни.

Години подоцна некој се посомнева во волјата и достоинството  на народот, и реши истите да ги стави пред искушение. За среќа, се покажа залудно. Тогаш победи верата над сомнежот, победи надежта над стравот, победи љубовта над омразата. Победи македонскиот народ. Но иако победи, некој насилно му го погази достоинството. Оти нашето прашање не е политичко. “Македонското прашање е прашање на човечко достоинство.” Така говореше Шатев, но лесно заборавивме. И оти забораваме си ги повторуваме грешките. И поради тоа го губиме она што ни припаѓа. Нам, и на секој народ. Правото на самоопределување.

Чудно е како човек може да западне во сопствената летаргија и да дозволи да биде покорен од стравот токму тогаш кога треба да се бори за своето достоинство и за својата чест. Уште почудно е како човек може да дозволи да го загуби својот разум и да ја продаде својата душа напуштајќи го оној идеал кој всушност не му припаѓа нему. Тој и припаѓа на Неа. Тој припаѓа на оние кои не се повеќе меѓу нас и е позајмен од оние кој допрва ќе дојдат на овој свет и ќе ги населат истите овие места по кои ние сега чекориме, размислуваме и (не) дејствуваме. На првите им се буричка во душите кои го напуштија овоземскиот живот, а на вторите им се одзема правото, гордоста и честа да бидат она што се. Ни повеќе, ни помалку. Да бидат Македонци.

Македонците и без движење патувале и патуваат. Патуваат низ времето. Ни една генерација на Македонци живеејќи на исто тло, не се родила и умрела во една иста своја држава. Во една иста своја Република. Постојано други располагале со нашето време и со нашиот простор. Но не и со душите. Патуваат живите, патуваат и мртвите. И во просторот и во времето. И на живите и на мртвите им се ничкосува времето и им се ситни просторот. Времето на невиност и просторот за раснење на душите.

Македонскиот народ одново ја загуби својата Република, но не и Татковината. Татковината е метафизички концепт и ни една злотворска рака не може да ја осквернави. Републичките уредувања ни се менувале. Ни калемеле туѓи вредности, туѓи пароли, туѓи зборови. Ни калемеле “живот” кои не ни припаѓал нам, оти не извирал од нашата нескротлива порив за достоинство и непокор. Ништо повеќе не сме барале а и сега не бараме, оти и “ние имаме право да живејме како и другите живот што живеат.” И сето тоа било благодарение на љубовта кон Татковината. Какво и да ни било окружувањето, чија ли чизма да не газела, чии отрови да сме пиеле, чии туѓи јазици да сме говореле, сме ја чувале Татковината во себе и сме сонувале за своја Република. И да ни ги убивале републиките, татковината не можеле. И не можат. Оти овде, таа е синоним за душа. Таа е синоним за чест. Без неа, немаме почит кон себе. А и не треба да бараме почит од другите. Оти достоинството наспрема себе го создава позитивниот однос на другите кон тебе, рече Конфуциј. И да не жалиме кога другите не нè почитуваат оти ние самите себе не се почитуваме и сакаме доволно. И така… Републиката нè напушти. Повторно. Нè напушти  затоа што некој реши да ја убие, а народот гледаше од страна. Можеби гледаше и низ неа. Низ сопствената погибија. Таа сега почива во немир осквернавена до бол. Нејзе и ја зедоа снагата, нам ни ги сотреа идеалите. Оние на прародителите. Најсветите. Или можеби не ги сотреа. Само ги заспаа и заплашија. Сакам да верувам дека е така.

Верувам во тоа, оти ако некаква поука извлековме од нашата историја тоа е дека ни едно црно сценарио никогаш не се остварило до крај. Верувам дека овој народ, некаде длабоко во себе е горд што е Македонски. Верувам дека овој народ знае дека е Народ а не заедница. Верувам дека овој народ ќе стави прст на чело и ќе се запраша: Шчо напраифме и шчо треба да попраиме? Време за тажење нема. Но и време за летаргичност нема. Ја исплакавме Републиката секој на свој начин. И оние кои не плачеа. Не им судам. Ним времето ќе им покаже. Но ќе си судам самиот на себе ако останам и сега нем. Ќе си судам ако ништо не сторам, ништо не кажам. Онолку колку што можам, умеам и знам. Впрочем секој од нас треба да стори онолку колку што може. Секој во својот домен.

Верувам во родители кои ќе знаат што треба да направат. Кои ќе се охрабрат да им раскажуваат на своите деца за она што некој денес го забранува. Денес повеќе од било кога ќе биде валидна констатацијата дека домашното воспитание и образование се најважни. Верувам во тоа оти не му верувам на формалното образование кое ни ја магли вистината. (зарем Бели Мугри не ја префрлија во изборна лектира наместо задолжителна?).

Верувам дека ова е само лоша епизода. Чунки многу полоши имало порано. Верувам во тоа оти не верувам во оваа насилно креирана и извештачена “држава” денес. Верувам во тоа оти не им верувам на домашните “лицем светци, срцем волци.” Верувам дека вербата е единствениот спас.

Верувам во нови души кои ќе не избават од беспатјево. Верувам во нови херои кои се веќе меѓу нас, но го чекаат можеби правото време. Но Сартр велеше дека можеби има подобри времиња, но ова сега е наше време. Тоа значи и дека немаме време. Нам ни треба време кое нема да биде предодредено од никој друг освен од нас самите. Од македонскиот народ. Ако не ние, кој? Ако не сега, кога? Оти ќе не снема. Веќе не снемува. А нашето време не е време на бонтон и елеганции велеше Гане Тодоровски.  

Во ова време кое неповратно одминува, покажавме дека не сме достојни да имаме своја Република. Да ја имаме својата Македонија.

А до тогаш… Републиката, повторно под земји, ќе закрепнува и ќе ги чува спомените за неродените. Оти таа е поголема од сите нас.

ИВАН ИВАНОВ

Д-р Иван Иванов е доцент по политички науки.

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...