Канадскиот филозоф Чарлс Тејлор трагајќи по болести кои го отсликуваат модерното време, ќе дојде до заклучок дека иако нашата цивилизација континуирано се “развива” ние и нашите општества и култури чувстуваме загуба и пропаѓање. Како прв индикатор на тоа пропаѓање односно прва болест, Тејлор го зема индивидуализмот и покрај тоа што претставува еден од највредните дострели на модерната цивилизација. Како припадници на “јас-генерацијата” предводена од “нарцизмот” луѓето живеат се повеќе во состојба на перманентна “болна и тажна опседнатост со себеси” во која нема емпатија. (Taylor, 1991). Во таа состојба нема ни свест за повисока цел од партикуларниот интерес. Тој нарцизам е често присутен и кај политичките водачи. Кај нив тој е изразен до висок степен. Тие, како што заклучува Фром, својата харизма не ја користат само во улога на својот политички успех, туку таа цела хистерија околу нив им е потребна и за нивното лично здравје. “Идејата за сопствената големина и непогрешливост суштински е заснована врз нарцисоидната грандиозност, а не врз вистинитите достигнувања на човековото битие.” (Fromm, 1973).
Од таму Фром заклучува дека кога постои групен нарцизам, не станува повеќе збор за индивидуата туку групата во која тој припаѓа во која поединецот може да го исполнува својот нарцизам без ограничување и да го претворат во рационален и вредносен суд, поради фактот што истото мислење го делат и другите членови на групата на која припаѓа. “Тој консензус успева да ја преобрази фантазијата во реалност, бидејќи за мнозинството на луѓе реалноста се состои од општиот консензус и не е заснована врз разум или критичко проучување.” (“Понекогаш консензусот е доволен дури и за мала група – во екстремни случаеви дури и консензус на двајца луѓе.”) (From, 1973). Оваа појава е доста честа внатре во политичките партии.
Повикувајќи се на загубата на херојската димензија на животот, Тејлор расправа дека “луѓето веќе не поседуваат чувство за повисока цел, нешто за коешто би било вредно да се умре” односно “страдање од недостаток на страст”. Тоа можеме да го забележиме и во студијата за кризата на демократијата на трилатералната комисија. Таму меѓу ставовите на видни теоретичари ќе се заклучи дека она што најмногу недостига е храброста. Александар Солженицин во 1978 година во своето обраќање пред дипломците на Харвард изјави: “опаѓањето на храброста можеби е највпечатливата карактеристика што надворешниот набљудувач ја забележува денес на Запад. Западниот свет ја загуби својата храброст, и како целина, и одделено, во секоја земја, во секоја влада, во секоја политичка партија.“ Тој посочува дека “таквото опаѓање на храброста е особено забележливо кај владејачките и интелектуалните елити, предизвикувајќи впечаток на губење на храброста во целото општество.”(Müller, 2011).
Меѓу македонските интелектуални елити денес недостига храброст и обврска кон општеството, односно интелектуална елита која ќе претставува “глас на разумот” (но што кога и тој глас не е доволен кога имате глуви политичари?). Воедно, отсуствува присуството на академскиот скептицизам и сомневањето во онаа “вистина” пласирана од владејачката класа и нејзините медиуми. Следствено на тоа, политичките елити кај нас, отсуството на храброста го компензираат со значителна количина на лудост. Со други зборови она што се случува денес во Република Македонија е против здравиот разум и сите рационални сфаќања за политиката и доброто управување. Отсуството на храброст, надополнета со лудост, кај денешната македонска политичка елита создава егоистични и нарцисоидни појави, за кои можеби социологијата, психологијата и политичките науки и немаат објаснување. Но каде настанува проблемот и недоразбирањето?
Генезата на англискиот збор за храброст води потекло од францускиот збор coeur што значи срце. Од таму, психологот Салман Акхтар ќе запише дека и метафизички и традиционално “срцето” се смета за седиштето на емоциите, духот и силата на карактерот. “Импликацијата на таквата етимологија е јасна: храброста вклучува капацитет личноста да ги поднесе тешкотиите, а “да не трепне”, да се осмели да биде иновативна и да го направи она што е потребно без разлика на застрашувачките последици од тие акции.” (Akhtar, 2012). Така, тој смета дека храбриот човек не зависи од одобренијата на другите и нема потреба од нивната согласност. Нему му се доволни сопствените набљудувања и сопствените мисли. Но ова се одлики на храбар, а не луд човек. Одлики кои им се блиски на одлуките кои почиваат на морални димензии. Од таму, само храбар човек може да се спротивстави на нарцизмот за кој говори и Фром.
За тоа е потребана моралната храброст која Акхтар ја смета за сосема спротивна на “моралниот нарцизам”. Поседувањето на морална храброст подразбира верност кон своите убедувања дури и под околности во кои искреноста не само што не е подржувана туку и е казнувана. Моралната храброст се разликува од моралниот нарцизам поради тоа што таа го подобрува капацитетот за објектни односи, додека пак нарцизмот го уништува. “Уште поважно, моралната храброст дозволува самоизразување и автентичност, додека моралниот нарцизам, напаѓајќи нечии зависни стремежи и интелектуални желби, создава од себе лажна возвишеност.”
Проблемот на кој посочува Фром стана правило, а не исклучок во Република Македонија меѓу владејачките елити. Она што недостига е токму моралната храброст. Одлуките и договорите кои ги посведочивме во изминатите години се производ на нарцизам, а не на морал и храброст. Ерозијата на моралните вредности предизвика наплив на нарцистоидни и неморални тенденции кои најпрвин не го подобрија капацитетот на објектните односи, а воедно ги нападнаа оние стремежи и интелектуални желби на македонските граѓани, за потоа истите тие властодржци да се прогласат за херои и се опседнат и обземат од лажната возвишеност. Акхтр е во право кога вели дека некои акции, благодарение на храброста треба да се превземаат и тогаш кога сме соочени со застрашувачки последици, но ние денес кај нас гледаме само застрашувачки последици кои не беа производ на храброста туку на нечија лична лудост. Во исто време како што заклучува Фром, идејата за сопствената големина и непогрешливост суштински самите тие ја засноваат врз нарцисоидната грандиозност, а не врз вистинитите достигнувања на човековото битие.
Оваа состојба, во голема мера, е производ на недостигот на храброст кај нас како граѓани, и лудиот нарцизам кај владеачката структура која од нас создаде летаргични и заплашени индивидуи. Можеби е време храброста и лудоста да си ги сменат местата. Тејлор повикувајќи се на Ниче ќе заклучи дека сме во состојба на една “удобност достојна за жалење”. И навистина, индивидуализмот денес прераснува во она што британскиот рок состав “Пинк Флојд” го нарекоа состојба на “удобна вкочанетост”. Оваа состојба во целосна смисла ќе ја долови истакнатиот српски филозоф Радомир Константиновиќ во своето дело Филозофија на Паланката, издадена 1969, која до ден денес претставува едно од најавтентичните филозофски промислувања на територијата на тогашна Југославија.
Имено, Константиновиќ ќе заклучи дека духот ни е “паланечки”, мислејќи на духовната состојба на индивидуата, која е заглавена некаде меѓу селото и градот. Живот кој е рутински и кој се чувствува сигурен преку онаа сигурност која му ја нуди самата рутина. Во овој свет индивудата стравува од непознатото и од ветувањата на стилската поливалентност која е распространета во светот. (Константиновиќ, 2000). Од тука може да заклучиме дека за да се дојде до каква било трансформација, потребно е да се избегне препуштањето кон нешто, и пасивноста како две негативни активности. Два индикатори кои го поставуваат прашањето дали е изгубена индивидуата во овој свет на глобализацијата?
Токму Тејлор ќе ја увиди таа мрачна страна на индивидуализмот преку “фокусирањето на себеси, што ја укинува длабочината и широчината на нашите животи, ја осиромашува нивната смисла и не прави помалку заинтересирани за другите и за општеството”. Полека индивидуализмот прераснува во егоизам кој нема намера ниту можност да делува за општото добро. Поради таа летаргија и тој егоизам се доведуваме да ги мешаме поимите на оптимизам и песимизам. Нешто слично на онаа состојба за која Фром вели дека оптимистот не превзема ништо бидејќи смета дека сè е во ред, а песимистот не делува бидејќи смета дека не може ништо да промени. Оваа состојба на вакум мора да се напушти што поскоро.
Доведувајќи се во состојба на летаргичност и краен конформизам, индивидуата е се помалку заинтересирана за општото добро и идеалите кон кои стреми секое општество. А тоа е самите тие да бидат креатори на сопствената иднина, дури и тогаш кога државата тоа не им го дозволува. Највеќе тогаш!
Извори:
Taylor, Charles, The Malaise of Modernity, Charles Taylor and the Canadian Broadcasting Corporation, 1991
Fromm, Erich, The Anatomy of Human Destructiveness, Holt, Rinehart and Winston, 1973
Akhtar, Salman, Good Stuff – Courage, Resilience, Gratitude, Generosity, Forgiveness and Sacrifice, Jason Aronson, Inc, 2012
Müller, Jan-Werner, Contesting Democracy – Political Ideas in Twentieth-Century Europe, Yale University Press
ИВАН ИВАНОВ
Д-р Иван Иванов е доцент по политички науки.
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link
-
ИВАН ИВАНОВ#molongui-disabled-link