“Која е која е имигрантската политика и стратегија на Република Македонија?“ Одговорот на ова прашање е дека државата освен некои pro forma документи нема никаква јасна позиција и визија по ова прашање. Ваквиот одговор не е никакво откритие, затоа што и не е за очекување една државата, која нема никакви определби дури ни за традиционалните и фундаменталните аспекти на нејзиното постоење, да има јасна стратегија за имиграцијата – како феномен со кој што нашата држава и општество немале некакво значително историско искуство.
Токму тоа отсуство на стратегија и цели прави нашата држава да реагира стихијно на било какви предизвици поврзани со ова прашање. Овие реакции варираат од наивни гестови на хуманост (кои се всушност празни гестови за сервилно подлизување кон западните партнери) до хаотични изблици на ксенофобија и популизам (кои всушност се фасада позади која се крие несамодовербата во нашата нација, култура и држава). Така, нашата држава и во оваа сфера е ставена во позиција емотивно да реагира на една реалност која што се чини дека е надвор од наша контрола и влијание, а за сметка на тоа таа не успева да влече потези и да се прилагодува глобалните текови со цел да ги остварува своите интереси и да ја креира својата реалност.
Сепак, историјата и рационалното размислување покажуваат дека секоја закана или предизвик можат да бидат трансформирани во предности, кои што повеќекратно може да ја зајакнат позицијата на државата и значително да ги унапредат нејзините интереси. За тоа да се случи треба да се разбере природата на проблематиката, потенцијалните предности, како и начинот на кои што тие ќе се реализираат.
Како е креирана нашата перцепција за имиграцијата?
Додека нашата држава и општество имаат големо искуство со емигрантите (луѓе кои што ја напуштаат нашата држава за да се населат во друга), ние немаме никакво значително искуство имигранти (луѓе кои што од друга држава се населуваат во нашата), особено од култури далечни на локалната.
Така, имиграцијата во свеста на нашите граѓани не е дефинирана од некои долготрајни историски искуства, туку таа свест е дефинирана од два настана кои што темата на имиграција ја вметнале во јавниот дискурс или колективно памтење. Најсвежиот настан е бегалската криза во 2015-та година, кога колоните на бегалци од Блискиот Исток ја преплавија Европа во 2015-та година. Ова свежо памтење е интерпретирано низ негативно чувство кое што го создаде Косовската бегалска криза во 1999 година, кога Македонија прими над 250.000 бегалци. Таа криза ја стави државата под огромен економски и безбедносен притисок, а ветуваната помош од меѓународната заедница никогаш не дојде во соодветна мера. Некои веруваат дека оваа Криза значително допринесе и до конфликтот во 2001-та година.
Од тие причини, секој разговор за имиграција буди кошмари за огромни бранови на луѓе, бегалски кампови и загрозување на безбедноста и овдешната култура. Но реалноста е дека имиграцијата само во исклучителни случаи подразбира огромни бранови на бегалци. Под категоријата имигранти спаѓаат и луѓе кои што од економски, политички или други побуди сакаат да ја напуштат својата земја, како и класични бегалци кои што се прифаќаат во мали групи. Едно паметно прифаќање, па дури и привлекување на овие луѓе може да донесе големи економски, културолошки и политички придобивки за нашата држава.
За бенефитите и искуствата за различните аспекти на една паметна имигрантска и интеграциска политика јасно говорат многу држави и култури од историјата. Учејќи од тие примери можеме и ние да добиеме јасна слика за предностите и ризиците од овие текови, како и врз основа на тоа да изградиме една јасна политика базирана на нашиот државен интерес.
Дали имиграцијата може да ја искористиме во наша полза?
Имигрантската политика може да ја искористиме да ги унапредиме свои краткорочни и долгорочни интереси во сферата на економијата, политиката и културата. Унапредувањето на тие интереси ќе дојде во форма на: i) трансфер на богатството на имигрантите од нивната матична во нашата држава; ii) збогатување на човечкиот капитал со индивидуи со претприемнички, стручни, културни и научни потенцијали; iii) прилив на економична работна сила; iv) информации, знаење, деловни врски и политичко влијание во однос на матичните држави на имигрантите; v) збогатена домашна културна понуда во форма на уметност, храна, и забава.
Гледано низ дисторзираната призмата на стекнатите предрасуди, ваквиот став може да се доживее како наивност или неинформираност, а порадикалните читатели ќе го оценат и како предавство. Сепак, тие што до крај ќе го прочитаат текстот ќе увидат дека овој текст не заговара едно недискриминирачко отворање на границите за било кој што ќе сака да се насели во нашата држава, туку за едно прагматично и екстремно селективно одбирање на кој ќе му се овозможи таа привилегија. Така, и горенаведената листа е резервирана за цели преку кои што ќе се остваруваат интереси на нашата држава во контекстот кој што подолу ќе биде објаснет, додека алтруистичките фрази на солидарност или човечност ќе бидат само додатен бенефит за подобрување на меѓународниот углед на нашата држава.
Поширокиот контекст на имиграциските движења во светот – Случајот со Хонг Конг
Погрешна е перцепцијата дека секој имигрант е бегалец, дека има ниско ниво на вештини и образование, и дека ја напушта својата разурната земја каде што и тој малку имот што го имал бил проголтан од пламенот на војната. Реалноста е дека луѓе од различни региони и социјални класи, со различни вештини и богатство, а пред се од различни мотиви ги напуштаат своите матични држави.
Како за пример, паралелно со егзодусот на луѓе од Авганистан, се случува уште еден тивок одлив на луѓе во еден од најбогатите региони во Светот – Хонг Конг. 7,5-те милиони луѓе кои што живеат на оваа територија не само што не се сиромашни, туку се рангирани на 16-то место по БДП по глава на жител (далеку понапред од најголем дел Европски земји). Додатно, според индексот на човечки развој (кој мери образование, здравје и приходи) тие се наоѓаат на четврто место во светот.
Граѓаните на Хонг Конг не ја напуштаат својата земја поради тоа што таа е разрушена од војна, ниту пак поради економски причини. Причината за нивната миграција е се посилниот обрач кој што централната власт на Кина го затега околу оваа посебна административна зона, која што до неодамна имаше многу голема автономија во однос на централната власт. Тие сметаат дека останувањето ќе ги загрози нивните човекови права, ќе значи национализирање на нивното богатство и оневозможување да се води бизнис во една слободна пазарна економија. Овој тренд особено се засили по задушување на тамошните протести во 2019/2020 година, па денеска се смета дека по 1.000 луѓе дневно ја напуштаат оваа поранешна Британска колонија.
Нивната имиграција во други држави значи едно големо преливање на финансиски и човечки капитал. Така, тие ги трансферираат своите фондови и бизниси во државите кои што ги населуваат, додека самата нивна имиграција значи дека државите кои што ќе им дозволат влез ќе добијат сериозни бизнисмени, менаџери, доктори, инженери, уметници и слично. Нормално, со цел да оневозможи ова тамошните власти прават опструкции за добивање на документите кои се потребни за да се добие престој во друга држава. Но, сериозните држави со цел да го привлечат ова население ги релаксираат критериумите за добивање на престој во однос на овие луѓе.
Помалку атрактивните, но сепак одлични имигранти
Друг пример се многу млади луѓе кои што имаат професии или бизниси за кои што немаат фиксно место на работа, а кои што живеат во држави кои што не се безбедни или пријатни за живеење. Најголем базен за овие луѓе се наоѓа во Индија. Факт е дека во таа огромна држава најголем дел од населението е екстремно сиромашно, а нивото на јавно здравје е ужасно. Сепак, во една ваква држава од 1,4 милијарди луѓе има огромна бројка на образовани и успешни индивидуи. Тие индивидуи, колку и да се добро ситуирани се приморани да живеат во општество кое што е генерално бедно и опасно. Затоа многумина од нив се населуваат во западните држави и од далечина ги водат своите бизниси или истите ги префрлуваат во нивните нови татковини. За земјите што ги примаат, тоа значи зголемени даночни приходи, влез на странски валути, поголема домашна потрошувачка и нови работни места.
Но и имигрантите кои што не се богати индивидуи или не се од богати држави можат да дадат голем допринос за економските, културните и политички интереси на државата. Да го земеме примерот со Авганистан. Додека е точно дека тоа е држава со една од најниските нивоа на човечки развој, сепак во неа не живеат само Талибанци и тотално нестручни луѓе. Имено, тоа е држава со 38 милиони жители односно само 1% од нив да се луѓе кои што имаат значајна економска, културолошка или политичка вредност, тоа значи дека има 380.000,00 индивидуи кои што би имале интерес да ги земеме во нашата држава, како на пример доктори, инженери, добри работници, готвачи, уметници, лидери, бизнисмени, политички дисиденти и слично. Покрај што тие би дале одредено директно збогатување на нашиот домашен живот, по стабилизирањето на Авганистан (кое кога тогаш ќе дојде, макар и да е под палката на Талибанскиот режим) тие ќе можат да бидат врската преку која што ќе се остваруваат наши политички и економски интереси во таа држава.
Очекувано е некој на ваквите тврдење да возврати со прашањето, дали некој со вакви значајни карактеристики би имал интерес за имиграција во нашата држава, ако може тоа да го стори во некоја поразвиена земја. Но, додека е точно дека одредени други земји се поатрактивни места за живеење од Македонија, сепак таму има поголеми трошоци за живот, поголема конкуренција на пазарот и нивните општества се поксенофобични од нашето. Македонија, со сите свои мани, е лоцирана на одлично место (два часа лет до било која европска метропола и два часа возење до грчката ривиера). Додатно, таа е слободна, демократска држава, со ниско ниво на насилен криминал и која е членка на НАТО. Трошоците за живот се многу ниски, додека понудата за убав живот и не е така лоша за секој што има капитал. Последно и многу важно, индивидуите во општество се научени да живеат поред луѓе со различни верски, културни, па и расна карактеристики. Тоа го прави нашето општество многу по потолерантно према имигранти од други култури т.е. тие овде би се чувствувале подобро и би се интегрирале полесно од што во некое на пример западноевропски општество.
Каде лежи проблемот и како да го надминеме?
Проблемот на нашата држава не лежи во тоа што прима имигранти – по мое мислење, таа тоа го прави и премалку – туку во тоа што имигрантите ги прима без било каква јасна идеја зошто тоа го прави. Така, од една страна без многу размислување реши да ги прими авионите со бегалци од Авганистан, кои што не ги наполни ни самата, туку нејзините партнери ги наполнија за неа. Од друга страна, невозможно луѓе од Хонг Конг да дојдат легално во нашата земја и тука да го инвестираат својот финансиски и човечки капитал, од причина што се спречени да ги добијат потребните документи за напуштање на нивната држава, а нашата држава не ги прима без тие документи.
Ова не е аргумент за да не се примат бегалци од Авганистан, туку да се има една сеопфатна стратегија за имиграција, која што е клучна за нашата држава на која што и недостасуваат финансиски и човечки ресурси. Имено, ова е аргумент државата преку една реформирана машина за надворешна политика и разузнавање мора континуирано да ги следи постоечките и новите извори на имигранти. Тоа ќе овозможи државата да има точни и свежи информации, кои што ќе и овозможат да носи експедитивни и промислени, за разлика од моменталните брзоплети и емотивни реакции.
Пред се нашата држава треба да утврди во кои региони има интерес за емиграција кон Македонија. Тоа треба пред се да бидат региони не каде што има конфликти, туку и каде што условите за живот не се пријатни поради репресивни државни апарати, ниско ниви на јавна безбедност, лоша животна средина, или слично. Ова од причина што тука е поголема веројатноста дека ќе може да се привлечат луѓе со виски вештини, деловен потфат или капитал. Потоа, преку алатките на јавната дипломатија треба да стави до знаење на тамошното население дека државата е отворена за секој што ги задоволува наведените критериуми. Доколку, се утврди дека заинтересираните ги исполнуваат критериумите и ги поминат безбедносните проверки, тогаш државата треба да најде начин да им асистира со пренесувањето на нивниот имот и бизниси во нашата држава, како и да ги поврзе со приватни лица кои што ќе ги застапуваат во сите правни и имотни работи. По нивното доаѓање во државата, треба да им бидат обезбедени супер-интензивни курсеви по македонски јазик, особено на они кои што доаѓаат врз основа на критериумот вештини, а не бизнис или имот.
Од друга страна нашата држава – од хуманитарни, практични или политички причини – во одредени ситуации ќе биде приморана да прима мигранти кои што доаѓаат од земји кои што и не би биле прв избор за привлекување на имигранти, како што е на пример Авганистан. Во тие ситуации државата преку своите инструменти на надворешна политика и разузнавање мора да ги антиципира овие ситуации. Правејќи го тоа, таа ќе може уште пред експлодирање на бегалските кризи да има селектирано луѓе со кои што ќе ја пополни квотата која што околностите ќе ја наметнат. Потоа, државата ќе може – со механизмите кои ги гради во нормални услови – да помогне тие луѓе со себе да понесат што поголем дел од својот имот и вештини во нашата држава, како и што побрзо да се интегрираат во истата.
Со една ваква политика државата ќе биде во позиција да може да ги задоволи барањата на нејзините сојузници и да се презентира себеси како хуманитарна држава – што значи зголемување на нејзиниот меѓународен кредибилитет, кој може да се користи за влијание во други сфери на меѓународните односи. Така, државата и во овие навидум неповолни и наметнати ситуации државата ќе може да ги зајакнува своите економски, безбедносни, културни и политички интереси. Со еден збор државата веќе никогаш нема да биде ставена во позиција стихијно да прима авиони со бегалци кои што некој друг ги натоварил.
ВЛАДО БОШЊАКОВСКИ
Владо Бошњаковски е адвокат
-
ВЛАДО БОШЊАКОВСКИ#molongui-disabled-link