Во својата книга “Зошто нациите пропаѓаат: Потеклото на моќта, просперитетот и сиромаштијата“, економистите Дарон Аџемоглу и Џејмс Робинсон, сумирајќи ги резултатите од низа истражувања, ја докажуваат тезата дека разликите во економскиот и социјалниот развој на различни држави се должат на квалитетот на политичките и економските институции, додека останатите фактори (географијата, климата, генетиката, културата, религијата) имаат второстепено значење.
Според авторите не постои однапред дефинирана економска судбина на една држава која би зависела од нејзината географската локација или културните карактеристики на земјата. Главната разлика помеѓу државите произлегува од квалитетот на нејзините институциите, кои определуваат дали земјата е богата или сиромашна.
Според нивните карактеристики, авторите ги делат институциите на два вида:
– Институции кои што го исклучуваат најголемиот дел од општеството од процесот на донесување на политички одлуки и од распределбата на доходот (институции од затворен тип – екстративни);
– Институции кои што ги вклучуваат широките слоеви од општеството во економскиот и политичкиот живот (институции од отворен тип – инклузивни).
Исклучување на широките слоеви на општеството од процесот на донесување политички одлуки, неминовно води кон ограничување на економските права на сите оние што не и припаѓаат на елитата, а недостатокот на сигурни гаранции за сопственичките права ја ограничува можноста за економски раст и просперитет. Затоа, во отсуство на отворени политички институции, невозможно е да сé обезбеди одржлив развој, од причини што луѓето на власт водени од нивната алчност настојуваат да ја преземаат целосна контролата врз системот, со што го поткопуваат целокупниот општествен прогрес.
Втората поделба на институциите, според авторите, е на политички и економски институции. Преку политичките институции се врши распределбата на овластувањата помеѓу различните власти во земјата, додека економските институции ги уредуваат имотните односи на граѓаните.
Економските институции од отворен тип, ги штитат правата на сопственост на широките делови на општеството (не само на елитата), истите не дозволуваат неоправдано отуѓување на имотот и им овозможуваат на сите граѓани да учествуваат во економските односи со цел да остварат профит.
Не е можно постоење на економски институции од отворен тип, без постоење на политички институции од отворен тип, кои обезбедуваат учество на најголем дел на општеството во носењето на одлуки за управување со земјата. Постоењето на ваквите институции е основа на она што денеска се нарекува модерна либерална демократија. Во отсуство на економски институции од отворен тип, политичката моќ е узурпирана од мал слој на луѓе во општеството, која ја користат за стекнување дополнителни економски привилегии, или за да ги нападнат сопственичките права на останатите.
Вториот тип на економски институции се оние од затворен тип, кои што го исклучуваат учеството на најголемиот дел од населението од распределбата на доходот , создаден од неговите економски активности. Овие институции ги спречуваат сите останати, освен елитата да имаат корист од учеството во економските односи, а на елитата и е дозволено дури и да го отуѓува имотот на оние што не и припаѓа.
Овој вид на економски институции е пропратен со политички институции од затворен тип, каде што целата политичка моќ е концентрирана во рацете на мала група на луѓе (елита). Државите со економски и политички институции од затворен тип иако формално создаваат привид дека се демократски, имаат устав и избори, преку структурите на моќта: армијата, полицијата и судството се целосно во служба на елитата. Најчесто изборите во овие држави се нечесни, политичките конкурентни немаат подеднаков пристап до медиумите, а гласањето се спроведува со бројни поткупи и прекршувања, односно изборите имаат само формален карактер, со однапред познат исход.
Кои се заклучоците што можеме да извлечеме за карактерот на економските и политичките институции во Македонија?
Главната карактеристика на економските институции, а со тоа и на политичките институции во Македонија во континуитет, почнувајќи од раните деведесетти години на минатиот век, е нивната затвореност. Законите поврзани со имотните прашања (приватизација, денационализација) беа носени со цел да се задоволат интересите на елитите (најчесто поврзани со претходниот комунистички систем), кои пак водени од нивната алчност настојуваа да го приграбат целокупниот општествен капитал за себе и сопствените блиски, додека во исто време го оневозможуваа пристапот на најголемиот дел од населението до капиталот, распределбата на доходот и до процесот на носење на одлуки.
Овие институции го штитеа монополот на елитите и ја оневозможуваа конкуренцијата, преку креирање на бариери за влезот и развојот на нови компании на пазарот (преку носење на регулатива која што ја ограничува конкуренцијата или која е во функција на определени елити, преку злоупотреба на инспекциски служби, корумпиран систем на издавање на лиценци, систем на јавни набавки и сл.)
Сето тоа доведе до создавање на економски институции од затворен тип, кои го одржуваа системот на нееднаквост во распределба на богатството и кои не обезбедуваа заштита на сопственичките права, со што беа главна пречка во создавањето на конкурента економија и економски просперитетна држава, која би го штитела интересот на најголемиот дел од нејзините граѓани. Во исто време низ бројни примери во последниов период се покажа дека вака креираните институции се целосно нефункционални и неспособни да ги извршуваат сопствените задачи во интерес на македонските граѓани.
Највисоката стапки на смртност во Европа на заболените од Ковид-19, колапсот на здравствениот систем, неспособноста за самостојно справување со шумски пожари, нефункционалниот образовен систем, неможноста граѓаните да го остварат сопственото право за добивање на лични документи, се само примери кои што јасно покажуваат, дека државата Македонија ги има сите карактеристики на неуспешна држава.
Сé додека оние што раководат со институциите, во своето делувањето не се водат од државниот интерес, наместо од личниот или од интересот на тесна економска и политичка групација и сé додека истите не покажат силен морален и етички кодекс, систем на вредности, чувство на солидарност и одговорност низ пример на личното практикување на власта, избегнувајќи ги непотизмот, негативната селекција и корупцијата, Македонија нема да биде во можност да создаде економски и политички институции од отворен тип, како предуслов за економски просперитет на нејзините граѓани, туку сите ќе ја живееме реалноста на пропадната држава.
КИРИЛ МИНОСКИ
Д-р Кирил Миноски е поранешен министер за финансии
-
КИРИЛ МИНОСКИ#molongui-disabled-link