Министерството за надворешни работи на Република Македонија во август 2021 извести за новиот проект за дијаспората, и јавно преку медиумите беше презентиран лично од министерот за надворешни работи Бујар Османи.Како што беше најавено од министерот, се донесло одлука за назначување и испраќање во мисија на ,,посебни дипломати” што ќе се грижат за дијаспората.
Новиот проект за дијаспората бил донесен врз основа на добиените сигнали од страна на наши граѓани во странство. Се поставува прашањето, на какви сигнали мислат во МНР, кога знаеме дека нашата дијаспора и нашите иселеници во изминатите години повеќе се побројни во иселување и трајно заминување надвор од татковината?
Од МНР најавуваат позачестени контакти со дијаспората, а како се планираат да ги направат истите, тоа сеуште не е јасно, иако се знае дека долги години постоеле (и сеуште постојат) низа институции и организации во државата наменети за контакт и соработка со дијаспората. И во склоп на министерство за надворешни работи – МНР постои сектор за дијаспора, и Агенција за иселеништво на Република Македонија, која има долгогодишна соработка и комуникација со дијаспората.
Според ова се поставува прашањето, од каде произлегува потребата, Министерството за надворешни работи да ги засили своите капацитети по амбасадите, каде што својот фокус би го насочиле кон засилена грижа за дијаспората ?
МНР со новиот проект за дијаспората, планира да работи со ,,посебни дипломати” кои ќе работат на поголема политичка вклученост на дијаспората и остварување на граѓанските и социјалните права кон матичната држава.
Планирано е и проширување на соработката со дијаспората во областа на образованието, науката и спортот и младите, како и воспоставување на посебни врски во различни области за зачувување на идентитетот и културното наследство за идните генерации. Ангажманот на овие ,,посебни дипломати” паралелно ќе се користел и за мапирање на демографската структура на дијаспората, односно, за создавање база на податоци каде што точно ќе се евидентираат овие луѓе, вклучувајќи го и нивното занимање и образование.
Искуството на многу побогатите и поорганизираните држави ни кажува дека, во денешно време, време на информатичка експанзија, оваа активност се прави “online”, со помош на интернет апликации кои се многу лесни и едноставни за пополнување и аплицирање.
Горенаведеното мапирање, кај нас е спроведено и со овогодинешниот попис.
Затоа, логично се наметнува прашањето, дали Македонија направи доволно за да ја заинтересира и придобие дијаспората, бидејќи целта на овој проект е овие дипломати да придонесат за зајакнување на врските меѓу дијаспората и татковината, а со тоа и да ги согледаат вистинските потреби на дијаспората. Дали на овој начин ќе се охрабри дијаспората и директно ќе се вклучи во економските политики кај нас, времето ќе покаже.
Досегашните анализи ни укажуваат на фактот дека треба посебна агенда, т.е. посебен концепт и понуда, со што би ги привлекле претставниците на дијаспората да посакаат да инвестираат во татковината. Можеби проект за “Отворени инвестициски фондови” се решението за соработката на дијаспората со татковината, а со тоа инивна директна вклученост во стопанските прилики кај нас. На тој начин ќе се воспостави еден (своевиден) партнерски однос на дијаспората и татковината, а со текот на времето, тој партнерски однос само би се зголемувал и проширувал на сите полиња. Само така би можеле да фунционираме како и останатиот свет.
Исто така, не помалку ефикасен начин на комуникација со дијаспората е профилирање професионални лица, како што се “економски промотор” или “економски лобист”, кој ќе потекнуваат директно од дијаспората. И за крај, но не и помалку значајно, е влијанието на верските заедници, кои што имаат директна врска со нашата дијаспора. Затоа, не смееме да ги запоставиме нашите верски претставници во странските држави, кои неспоредливо би биле покорисни од било кој “професионален дипломат”.
Се надевам дека искуството на другите поразвиени држави од нас, ќе ни помогне и нам, и ние да можеме да развиеме комуникации со нашата дијаспора, во областа на образованието, спортот, науката и културата. Само така, и само на тој начин ќе можеме да го зачуваме културниот идентитет и културното наследство на нашите во светот.
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК
Никола Блајбершник е делегат на меѓународната асоцијација “Пламен на мирот“
-
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК#molongui-disabled-link
-
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК#molongui-disabled-link
-
НИКОЛА БЛАЈБЕРШНИК#molongui-disabled-link