Интервју со Ема Анчевска, Managing Director во Idea Lab – агенција за маркетинг и односи со јавност
Агенцијата за маркетинг и односи со јавност, IDEA LAB, успешно работи и постои веќе осум години. Кажете ни дали ги постигнувате целите, кои што ги поставивте уште на самото основање на агенцијата? Дали со досегашното работење го постигнавте посакуваното ниво?
Приказната за IDEA LAB започна многу интересно и брзо заедно со мојот партнер во агенцијата Димитар Атанасовски. Најпотребната основа за преземање на чекорот кон новиот предизвик беше меѓусебната доверба како и самодоверба во нашето искуство, експертиза и желба за успех. Со таква моќна мотивација, работата во нашата „лабораторија за идеи“ започна веднаш со темпо кое што е со иста моќ и денес, дури 8 години подоцна. Секако на почетокот го имавме познатиот страв од непозната територија и од претстојните предизвици, кои што нè очекуваа, но истиот е неизбежен во било која нова ситуација во животот, па поради истата причина не е паметно да се избегнува туку напротив, да се соочи. Претпазливите почетни чекори рапидно прераснаа во предизвик и мотивација, кои што создадоа уникатна глетка кон реализираните идеи и клиентите од различни индустрии, кои што постојано се зголемуваа. Желбата, храброста, ентузијазмот и креативноста беа појдовните точки за сите нови успешни кампањи и задоволните клиенти. Првичните и основни цели, кои што ги поставивме заеднички уште при основањето, мислам дека многу одамна ги постигнавме, а со досегашното работење го надминавме посакуваното ниво, со што сега постојано си поставуваме нови, поголеми и многу попредизвикувачки цели, кои што ни ја зголемуваат визијата за успешниот нагорен премин на IDEA LAB на многу повисоко ниво од она на кое што е сега. Секако и минатиот и сегашниот и идниот времеплов на нашата агенција изгледа сè побогато, а најголемата вредност на нашиот агенциски времеплов е тежината на тимските успеси, нивото на задоволството на нашите клиенти од успешно реализираните кампањи и проекти, како и од професионалниот пристап и експертиза кои што се евидентни во секој член од нашиот тим.
Неодамна се закитивте со партнерството во PROI Worldwide, издвојувајќи се како единствена PR и маркетинг агенција во државата, која што е дел од овој водечки глобален конзорциум. Каква дополнителна вредност добивте благодарение на ова партнерство?
Токму така, во мај оваа година IDEA LAB беше избрана за партнерство во PROI Worldwide, како единствена PR и маркетинг агенција од нашата држава која што е дел од PROI. Среќни сме што ја имаме оваа уникатна привилегија да бидеме први и што сме дел од овој водечки глобален конзорциум на водечки претприемачки агенции за комуникации, како и што сме дел од 55-те земји, кои што се дел од ова партнерство. Секогаш се трудиме да го зголемуваме нашето ниво на квалитет, креативност, уникатна форма за имплементација и давање живот на смислените идеи, како и постојано да ги следиме светските трендови и новитети и истите да ги вметнуваме во нашето секојдневно функционирање и работење. Досега сме имале бројни соработки со агенции од Балканот за најразлични кампањи и тоа за глобални брендови кои што се присутни и на нашите простори, но партнерството во PROI Worldwide е секако најголемиот локатор на IDEA LAB на европската и глобална мапа и истото секако ја потпомага и забрзува нашата визија за географско проширување на нашиот опсег на делување.
Кажете ни нешто подетално во врска со партнерството во PROI Worldwide? Кои се добрите страни на ова партнерство?
PROI Worldwide опфаќа повеќе од 80 агенции за односи со јавност и комуникации во 165 градови и 55 земји, кои што се докажани лидери во своите домашни пазари. Можноста да се соработува со агенции и клиенти надвор од нашите граници е нешто непроценливо, а тоа дефинитивно го нуди партнерството во PROI Worldwide. Овој водечки глобален конзорциум ја користи моќта на најамбициозните претприемачки комуникациски компании во светот. Можностите, кои што се отвораат благодарение на ова партнерство се многу големи и предизвикувачки. Во 2020 година, PROI бележи 80 партнери со 6.900 вработени, со што благодарение на комбинираниот приход од над 913 милиони американски долари, се рангираше на 5 позиција помеѓу консолидарните комуникациски групации. Комуникацијата со претставници на агенциите партнери на PROI е доста честа, а споделувањето на искуства, совети и можности за соработка, како и запознавање нови експерти во нашиот домен, е највредната привилегија, која што ја поседува IDEA LAB.
Со оглед на тоа што имате голем број на клиенти и проекти, најважна е мотивацијата на вработените. Кажете со колкав тим располага IDEA LAB и како успевате да ја одржите мотивацијата на највисоко ниво, со цел максимално задоволство на вработените и клиентите?
Имајќи во предвид што секој ден во годината има некаков настан или проект или постои можност и веројатност за истото, можам да кажам дека работиме 365 дена. Секако, имаме денови и за одмор, но работата на нашиот тим никогаш не застанува затоа што реалноста на маркетинг светот е доста јасна, — креативноста не спие никогаш. Моментално како тим сме 11 луѓе, поделени сме во повеќе оддели во кои се распределени во групите на акаунт менаџери, графички дизајнери, PR менаџери и креативци, како еден основен минимум, но покрај оние, кои сме во канцеларија секојдневно, имаме и огромен број на надворешни соработници, со кои работиме на реализација на сите проекти и настани и кои се значителен дел од нашиот успех. Понекогаш се случува еден човек да организира и води еден проект и кампања, но има моменти кога за еден настан се потребни и над 50 луѓе за целосна реализација. Минатата година го организиравме и реализиравме 5-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал „КинеНова“ , на кој работеа над 10 луѓе во тим. Исто така како дел од многуте успешно имплементирани настани е и настанот #ВозможноЕ, кој што беше реализиран како хибриден онлајн настан годинава и истиот беше во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP). Зад себе имаме „еден-мал-милион“ настани и изготвени кампањи, реализирани и преку краткорочни, но и во склоп на долгорочни и годишни соработки со клиенти, кои што доколку почнам да ги набројувам мислам дека ќе ни треба минимум една недела за да ги опфатиме сите. Затоа ќе кажам дека за сите успешно реализирани активности наједноствано и буквално се „виновни“нашите вработени, кои несебично даваат сè од себе во текот на работата за да се задржи и креативноста, а воедно и квалитетот на зацртаното, смисленото и реализираното. Мотивацијата не се гради преку ноќ. За истата да биде на највисоко можно ниво треба да се работи секојдневно. Бројните тим билдинзи, кои што ги чуваме во нашата архива на бесценети спомени, како во канцеларијата, така и надвор од неа, придонесуваат за мотивацијата на нашиот тим, но секако и дружбите во и вон канцеларија, заедничките паузи, се дефинитивно неизоставен дел од нашето работење и заедничко функционирање пред сè како пријатели, а потоа како колеги и членови на една група од ентузијастични и креативни индивидуи.
IDEA LAB како агенција постои повеќе од 8 години. Со какви досегашни реализирани кампањи може да се пофали тимот на IDEA LAB? Кои се клиентите кои што ја имаат донесено вистинската одлука да се дел од вашето портфолио на задоволни клиенти?
Осумгодишното искуство е фраза и епитет на кој што веќе се навикнавме и која што секако звучи побогато и повредно на секој роденден на агенцијата. Горди сме што нашето портфолио секој ден наликува на една многу долга полица каде што секој изминат и постоечки клиент како и имплементирана кампања и проект стои како еден вид на наш личен оскар. А истите со секој изминат месец сè потешко ни е да ги преброиме сите. Бројните организирани настани и реализирани кампањи согласно детално разработени комуникациски стратегии за големи имиња се круната на IDEA LAB. Од многуте би ги издвоила Општина Вевчани, Скопски Маратон и Сојуз на спортови Скопје, Авицена Женска Трка Phoenix Pharma (LIVSANE и BETTY аптеки), Skopje City Mall, Ramstore Маркети, Ramstore Mall, Capitol Mall, Point Retail Park, Државната Изборна Комисија, Фондот за население на обединетите нации (UNFPA), Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), UN Women, Samsung, Visa, Nike, Yaemina Beauty, Nestle, Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје (Council of Europe), Фудбалскиот Сојуз на Македонија (ФФМ), UEFA, ФК Манчестер Јунајтед, ФК Реал Мадрид, Град Скопје, Општина Кратово, МИКРОСАМ, Скопски Саем / ERA Групација, Julius Meinl, Меѓународниот Филмски Фестивал КинеНова, TOYOTA, Швајцарската Амбасада во Скопје, Амбасада на Јужна Кореја во Бугарија, НЕПТУН Македонија, LISCA, Скопје ЗОО, Виталиа, Vivax, Favorit Electronics, Млекара Здравје Радово, Вемилк, Универзитетот од Љубљана – Факултет за Економија – Скопје, OEMVP – Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија, Асоцијација на менаџери на Македонија, Министерство за земјоделство, SWISSCONTACT, Shell Lubricants (Orbico), Pharmanova, Далма Корпорација, Anti-Aging center by PROMOITALIA, СОС Детско Село, Проект Среќа, SYNERGY Fitness & Spa, PATOS, PATATOS и уште навистина многу. Кампањите, проектите и настаните, и сите пропратни активности, се исто така главната алка, која што нè поврзува како агенција со задоволните клиенти. А од сите досегашни, како многу мал издвоен дел се секако организирање на неутралната фан зона во центарот на градот во склоп на UEFA Super Cup 2017 Skopje како и брендингот на градот, кампањата и организацијата на неколку-дневниот климатски камп „Од Тебе Зависи“ кој што исто така го имаме реализирано повеќе од еднаш, светски познатиот „Вевчански карневал“, кој што го имаме реализирано два пати во две различни непоследнователни години, од кои последниот го реализиравме во 2020 година насловен како „Кеојш?“, онлајн настанот „#ВозможноЕ“ за UNDP кој што исто така се реализираше за зголемување на свеста за глобалниот проблем со климатските промени, Виз Ер Скопскиот Маратон, Авицена Женска Трка, Skopje 10K Run, Две конференции за сајбер криминал за Советот на Европа – Романија, и една онлајн регионална конференција за трговија со луѓе за Канцеларијата на Советот на Европа – Скопје, опсежната кампања „Што гледаш?“ за зголемување на свеста за трговијата со луѓе за La Strada / Отворена Порта, кампањата „Замени ги незаменливите“ за СОС Детско село, организација на Денот на Обединетите Нации во Битола,… Листата е навистина долга, а сите ние во тимот со задоволство ја продолжуваме и зголемуваме. А и кога ги гледаме нашите успеси како наши лични оскари, зарем е можно да не постои мотивација за нови подвизи и идеи?
И за крај, кажете ни кои се плановите и целите за во иднина?
Доколку се замисли IDEA LAB во некаква визуелна форма, најправилната слика и форма за она кое што го претставува нашата агенција никогаш не би била статична. Тимот на IDEA LAB ја оддржува агенцијата во постојано движење следејќи ја насоката за напред, затоа што едноставно нашите минати успеси се нашиот ветер во грб, а нашите сегашни успеси се градење на следните скалила до идните успеси. Со квалитетно поткован тим, со висок степен на искуство и желба за креативност, со висок степен на емоционална интелигенција и емпатичност, нашата агенција е отворена кутија, која што 24/7 е подготвена да се соочи со секакви предизвици. Со тим како нашиот, во нашето широко периферно поле, IDEA LAB цели кон нови и глобални успеси, затоа што сме сигурни во нашето искуство и во она кое што го имаме заслужено и кое што сме сигурни дека е нашата иднина, а тоа е додавање на глобални имиња до името на агенција и тоа во сферите на светски познати брендови, институции, организации, како нешто кое е дел од нашата голема to-do листа. А можеби истата ќе ја дополниме и со водење на личен PR на некоја голема светска ѕвезда. Или можеби повеќе од една? За IDEA LAB ниту еден сон не е доволно мал за да биде трансформиран во реалност.
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link