Интервју со проф. д-р Аце Миленковски, Ректор на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје
Како ја оценувате состојбата во македонското високо образование? Кои реформи се потребни за да ги подигнеме стандардите?
Состојбата во нашиот образовен систем е повеќе од катастрофална. Значи, не станува збор само за виското образование туку за целиот образовен систем во државата. Министрите кои го водеа нашето образование од осамостојувањето на нашата држава направија толку многу неуспешни експерименти што образованието го симнаа на најниско можно ниво. До сега се воведени многу проекти кои требаше да одиграат реформска улога во образованието. Меѓутоа, освен потрошени пари за несоодветна имплементација на непилотирани промени, кои при тоа дадоа негативни резултати, до сега неаме ништо друго. На македонското образование му е потребна сериозна реформа која ќе започне токму од високото образование. Денес високото образование се наоѓа во многу незавидна состојба. Иако, како држава се обврзавме да се изедначиме со високото европско образование, тоа сепак, не се случи.
Имено, ЕКТС (европскиот кредит трансфер систем) само декларативно е прифатен. Освен определување на кредити на предметите, што исто така е дискутабилно од аспект на тоа како се определени броевите на кредити по предмети, друго ништо не е направено. Непостоењето на критериум за начинот на предавање, бројот на студенти по паралелки, начинот на оценување… доведува до неусогласеност на работата на професорите во рамките на еден факултет што работата ја прави хаотична. Дури и самите професори протежираат укинување на примената на ЕКТС бидејќи не ги дава посакуваните резултати. Меѓутоа, се наметнува прашањето: Како, ако нешто не сте имплементирале и само декларативно тврдите дека го применувате, може да даде резултати?
Она што треба да се направи во македонското високо образование е под итно да се донесе закон со кој ќе се обезбеди изедначување на македонското со европското високо образование. Освен промена на законот за високо образование потребно е и да се назначи компетентен министер за високо образование, кој ќе ја препознае својата улога и ќе знае како треба да го организира, подготви и постави националниот образовниот систем, за изедначување со европскиот. Во изработката на националната стратегија треба да се вклучат најкомпетентните лица, професионалци со соодветно искуство и знаење, со познавање на образовните системи во пошироки рамки. Врз база на вака создадената стратегија треба да следи реализација, започнувајќи од високото образование.
Дали тоа што се нуди во високообразовните институции одговара на актуелните потреби на пазарот на трудот?
Потребите на пазарот на трудот треба да бидат под континуирана опсервација на секоја високообразовна институција. Интензивната соработка со бизнис секторот им дава можност на универзитетите да ги освежуваат информациите кои ги имаат за потребите на пазарот на трудот. Универзитетите имаат задача да создадат квалитетен кадар кој ќе ги помести границите и ќе наметне брзо темпо во стопанскиот развој. Оваа соработка со бизнис секторот се наметнува како можност и предизвик во исто време за да се создаде вистинска база на човечки капитал кој ќе ги задоволи сегашните и идните барања на пазарот.
Во соработка со бизнис секторот УТМС се обидува да ги воочи можностите и предизвиците, нудејќи им на студентите сеопфатно портфолио на производи и опции за нивниот професионален развој. За таа цел на Универзитетот се создадени советодавни одбори во кои најуспешните професионалци од нашата држава заедно со академскиот кадар работат на размена на знаења и искуства фокусирајќи се на главната цел која вклучува креирање и подобрување на образовните програми. На тој начин најдиректно ги обликуваме професионалните капацитети на студентите според актуелните потреби на стопанството.
Кои стандарди се применети во работењето на УТМС и зошто студентите ги избираат ваштите програми?
УТМС во целост ја применува методологијата која обезбедува комплетна примена на ЕКТС. Со самото тоа јасно е дека универзитетот ги применува европските стандарди за квалитет во наставата. Како резултат на практицирање на квалитетот во наставата УТМС се стекна со TedQual диплома, за висок квалитет на наставата од Обединетите нации. Работата на УТМС е перманентно ревидирана на секои 3 години од Обединетите нации преку Светската туристичка организација. ООН создадоа TedQual систем за сертификација, кој е составен од серија критериуми за евалуација – универзално применливи за секоја едукација, обука и истражувачка програма – што овозможува да се измери ефективноста на педагошкиот систем, како и до кој степен се опфатени потребите, посебно на туристичкиот сектор, граѓанското општество и студентите во вакви програми.
Фактот што од преку 25.000 универзитети во светот, само 98 од нив ги исполнија строго пропишаните критериуми да се стекнат со TedQual диплома, меѓу кои и УТМС доволно говори за нашиот успех и квалитет во светски рамки. Нашите студенти се горди што на нивните дипломи стои знакот за квалитет на Обединетите нации, овозможувајќи им на тој начин светска диплома која ги вбројува во меѓународно најбарани професионалци во нивната област.
УТМС важи за универзитет со добро развиена мрежа за меѓународна соработка. Која е користа за вашиот универзитет и студентите?
Соработката меѓу универзитетите на меѓународно ниво може да биде ефективна алатка за зајакнување и забрзување на развојот не само на соодветните образовни институции туку и на целото општество. Тоа вклучува создавање, адаптирање, пренесување и споделување на знаења и искуства за подобрување на човечките капацитети во функција на побрз економски раст и развој искористувајќи ги максимално постоечките ресурси. А нам ни е потребна вистинска база на човечки капитал која ги задоволува сегашните и идните барања на пазарот и ја зголемува конкурентноста и одржливоста. Осознавајќи го овој факт УТМС разви извонредна мрежа за соработка со најквалитетните високообразовни и стручни институции ширум светот под капата на UNWTO Academy (Академија на Организацијата на обединетите нации). На тој начин оваа ексклузивна мрежа на образовни и високо профилирани организации се обидуваат да ги зајакнат и развијат капацитетите и компетенциите на својот академски и професионален кадар во нивните клучни акциони области, како и да споделат знаење и алатки на практичен и интерактивен начин.
Во рамките на веќе споменатите проектирани стратешки определби, Универзитетот започна агенда за соработка со земјите од централна Азија. Целта се конкретни проекти за поттикнување и интензивирање на соработката со државите од овој регион во областа на образованието и туризмот. Со потпретседателот на владата на Узбекистан веќе се договорени конкретни чекори и почеток на интензивна комуникација за долгорочна соработка со оваа пријателска држава. Меѓународната соработка е врвен приоритет на менаџментот на УТМС. Преку таа соработка, градиме препознатливост и ги отвораме вратите на нашите студенти да размислуваат надвор од националните рамки за својот професионален развој. Токму затоа сме единствени!
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link
-
РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА#molongui-disabled-link