Connect with us

Hi, what are you looking for?

Интервју

ОБЕДИНЕТИ, МОЖЕМЕ!

Би сакале да видиме повеќе повратници во Македонија, и повеќе Македонци од дијаспората да вложуваат во иднината на Македонија

Интервју со Мето Колоски, Претседател на Обединетата македонска дијаспора

Господине Колоски, новата администрација на претседателот Џо Бајден во првите месеци од мандатот започна со реализација на своите политики во областа на меѓународните односи. Кои се Вашите оценки во односите меѓу САД и Македонија во првите месеци од администрацијата на Бајден?

Ви благодарам на прашањето. Се уште е прерано да се оценува поради тоа што првиот приоритет на администрацијата на Бајден беше, и е – справување со пандемијата и враќање на некаква нормала во животот и во економијата. Ќе трае тој процес.

Тоа што може да се забележи во дебатите низ медиумите, низ целиот Американски политички спектар, е дека се на повидок големи промени во надворешната политика на САД.

Посетата на Бајден во Европа пред неколку месеци даде некаква надеж дека Администрацијата цврсто стои зад НАТО, и сака да биде партнер на Европската Унија. Ситуацијата во Авганистан ги направи односите тензични. Односите помеѓу САД и Франција не се најдобри моментално.

За Македонија, администрацијата на Бајден активно ја притиска Бугарија да ја дигне блокадата над Македонија во однос со започнување на преговорите со ЕУ не само во јавни изјави на администрацијата но и зад сцената. Проширувањето на ЕУ во Балканот е еден од највисоките приоритети на администрацијата.

Решавање на спорот помеѓу Србија и Косово е највисока на агендата и номинацијата на првиот амбасадор на САД во Македонија и многу добар познавач на состојбите во Балканот, Кристофер Хил за амбасадор во Белград го враќа вниманието на САД на ова прашање. Особено тоа што Хил има директна линија до Претседателот Бајден.

Обединетата македонска дијаспора традиционално работи на подобрување на билатералните односи меѓу нашите две држави. Кои се активностите што ги спроведувате во тој контекст, после промената на власта во САД? На кои нивоа и во кои институции лобира ОМД?

ОМД е формирана во 2004 со седиште во Вашингтон поради тоа што немаше глас за Македонците, затоа што Вашингтон е светскиот моќен центар каде се кројат политиките, особено за Балканот.

Од 2004 се до денес, ОМД активно ги едуцираат креаторите на политики во Вашингтон, вклучувајќи ги Белата Куќа, Стејт Департментот, останатите владини институции, УСАИД, Конгресот, невладиниот сектор, како и странските амбасади во САД, околу ставовите и потребите на македонската дијаспора. Во Вашингтон има постојан пресврт на вработени во овие институции и нон-стоп треба да се градат релации и одново да се почнува кога ќе има промена на администрацијата. Никогаш не очекуваме дека тие со кои се состануваме знаат за нашите ставови или што и се случува на Македонија.

ОМД е фокусирана на неколку работи моментално –

  1. Зголемување на пријателите на Македонија во Конгресот, групата за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница брои 32 членови моментално.
  2. Подготовка на терен за потпишување на Договор за двојно оданочување помеѓу САД и Македонија.
  3. Признавање на месец септември како “Месец за Македонско-Американско Наследство“ во сојузните држави како живеат Македонци, како и во Конгресот и на федерално ниво од страна на администрацијата на Бајден – во август Мичиген усвои резолуција во Претставничкиот дом за Месецот – прв пат во историјата на САД, благодарејќи на активната работа на ОМД и нејзините членови во Мичиген. На 8ми септември, ОМД  организираше подигање на македонското знаме на “Вол Стрит“ во Њујорк во чест на 30 години на независноста. На 21 октомври Конгресот поднесе резолуција да се прогласи септември 2022 како Месец за Македонско-Американско Наследство.
  4. Усвојување на две резолуции во Сенатот и во Претставничкиот дом на САД каде ќе ја услови Бајден Администрацијата да направи Б3 категорија виза за роднини на Американски државјани и тие што имаат зелена карта, да можат да патуваат во САД до 90 дена.
  5. Воведување на Македонија во програмата за укинување на визи на САД, како што наскоро Хрватска ќе добие од 1 декември.
  6. Зголемување на притисокот на САД кон Бугарија и Грција да им ги овозможи сите човекови права на македонските малцинства во тие држави, како и притисок кон Бугарија да престани да ја блокира Македонија.

Честопати во Македонија се водат дебати за разликата на односот кон Македонија во поглед на идеолошката определба на американската администрација. Дали можеме да забележиме суштински разлики во односот на САД кон Македонија, во зависност од тоа дали администрацијата е републиканска или демократска?

Прашањето е одлично, но не е лесно да се одговори. Од неутрална гледна точка најголемата промена на односот од САД кон Македонија беше токму таа помеѓу Администрацијата на Буш и Обама – за време на Буш Македонија имаше огромна поддршка, како и во тоа време се потпиша Договор за стратешко партнерство со Македонија (со гаранција на територијалниот интегритет на Македонија) и Македонија стана дел од Јадранската Повелба. Кога дојде Обама на власт, приоритетите на САД се свртија и Балканот не беше во фокус како во претходните две администрации. Суштински немаше никако унапредување на тој Договор. Втората промена дојде откако Македонија го промени Уставното име, без согласност на народот во време на Трамп Администрацијата, и стана полноправна членка на НАТО. Сега Македонија седи на иста маса со САД и има поголема почит како сојузник.

Американската надворешна политика не се менува многу помеѓу Републиканците или Демократите, само начинот и гледиштата како да се постигне целта е различна. Едно може да се каже со сигурност, САД сака да види стабилен Балкан и тоа значи затворање на сите проблеми, како тој помеѓу Косово и Србија.

Какви се односите на ОМД со актуелните македонски власти? Во кои области е видлива соработка, а каде има простор за подобрување на релациите?

Во март 2018, Бордот на ОМД донесе одлука да ги суспендира комуникациите со Владата на Република Македонија. Поводот беше нелегалниот Закон за двојазичност кој беше против препораките на Венецијанската Комисија – закон за кои ОМД се изјасни јасно против за време на средба со Заев и Димитров во септември 2017 во Њујорк, на маргините на Генералното Собрание на Обединетите Нации, по барање на Владата. На истата средба ОМД понуди соработка околу Грчкиот спор со нашето име, и правни експерти од дијаспората да се вклучат во разговорите. За жал, Владата упорно си продолжи по деструктивниот пат и затоа ОМД започна кампања – Ние Сме Македонија – во Јануари 2018 и во соработка со низа други македонски организации и заедници организираше 40 протести ширум светот против промена на името Македонија.

Инаку, ОМД како невладина организација стои на распологање за соработка во сите полиња од 2004 се до денес. ОМД беше активен учесник во градење на Националната Стратегија за соработката со дијаспората, која за жал е можеби ставена во некоја фиока во зградата на Владата. Оти како што гледаме дијаспората се гледа низ очите на политичките субјекти во Македонија а не како потенцијал да се унапреди Македонија. Во САД, се уште нема амбасадор, три години, и Австралија и Канада дури пред некој месец добија амбасадори. Во трите земји каде има една од поголемите Македонски заедница во светот, дипломатскиот конзуларен персонал е намален.

Летово, министерот за надворешни работи Бујар Османи организираше прием со дијаспората во Скопје, и ОМД се зачуди дека никој од ОМД или нашите партнер организации не беа поканети да присуствуваат. ОМД нема да го признае името “северна“, но тоа не значи дека ОМД ќе престане да работи за Македонците ширум светот и за Македонија.

Кои се активностите на ОМД на другите континенти?

Во последната година, огранокот на ОМД, ОМД Австралија ги зголеми своите активности околу претставување на интересите на Македонците во Австралија, пред нивните државни институции. Пред неколку недели ОМД беше дел од средба со министерката за надворешни работи на Австралија околу влошувањето на признавањето на македонскиот идентитет во Австралија и сирум светот по Преспанскиот договор. ОМД Австралија имаше излагање пред два собраниски комитети за македонско-австралиската заедница. ОМД Австралија имаше активна кампања за пописот во Австралија за што повеќе Македонци да се изјаснат на пописот. Слична кампања имавме оваа година и во Канада, и минатата година во САД.

Во Канада, нашиот едукативен огранок и партнер “Нова Генерација“ додели над 25 “Битов стипендии“ на македонски студенти во изминатава година.

Во Европа, за време на пандемијата ги зголемивме кадрите на ОМД низ Европа, и наскоро е во план да се официјалисира огранок и за цела Европа. ОМД има официјално партнерство со македонската заедница во Романија, како и соработка со македонски заедници во Франција, Италија, Германија, Хрватска, Словенија, Малта, Турција, Полска, Шведска, Австрија, Унгарија.

Не би сакал да заборавам да спомнам тука редовна комуникација со македонските малцинства во Албанија, Бугарија, Грција и Србија и редовно информирање на нивните пролематики пред надлежните светски институции за човекови права. ОМД финансира изучување на македонскиот јазик во Егејска Македонија како и грантови на македонскиот летен фестивал во Мала Преспа.

Видлива е вашата работа и во хуманитарните акции за помош при елементарните непогоди во Македонија. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за минатите и актуелни акции во оваа област?

За време на пандемијата минатата година, ОМД донираше 50,000 долари за Клиниката за пулмологија во Скопје, и е во дискусии за дополнителна донација од 50,000 долари – во целост 100,000 долари за справување со КОВИД-19. Исто така, ОМД заедно со една партнер организација во Мичиген е во преговори за донација од медицинска опрема во вредност на 500,000 долари за болниците во Македонија.

ОМД отвори фонд за ситуацијата во Македонија со пожарите и веќе дел од средствата се донирани во хуманитарната организација “Свети Спас“. Другиот дел ќе бидат наменети за опрема за пожарникари. Пред неколку месеци помогнавме и со облека со “Сју Рајдер“ домот во Битола за стари лица, и до фамилии погодени од пожари.

За време на поплавите во 2016, пред 5 години ОМД ја реновираше амбулантата во Стајковци. Од 2004 година, ОМД има донирано над 250,000 долари на хуманитарни цели во Македонија.

Кои се вашите планови за наредниот период, и во Македонија, и во државите кадешто имате свои претставници?

ОМД има во план да отвори канцеларија во Македонија и вработување на екипа која активно ќе работи да подлабочување на односите помеѓу дијаспората со татковината. Би сакале да видиме повеќе повратници во Македонија, и повеќе Македонци од дијаспората да вложуваат во иднината на Македонија. Како што кажал Крсте Петков Мисирков: “Македонците и се нужни на Македонија; само со Македонците Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив.”

Исто така, имаме во план да организираме научни и информативни конференции во Америка, Канада, Австралија, и Македонија по повод 30 години од независноста. Следното лето во 2022, планираме да продолжиме со проектот “Родум од Македонија“, која 5 години по ред носеше студенти од дијаспората во Македонија на три-неделна пракса во различни институции да се запознаваат со татковината.

Најголемата работа на ОМД е градење на поактивна и повлијателна дијаспора во државите каде што живееме. Обединети, можеме!

РЕДАКЦИЈА АНАЛИЗА
Click to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Можеби ќе ве интересира

Свет

И покрај долгогодишните воени присуства, ниту една држава нема успех да воспостави трајна власт во Авганистан, поради што оваа земја се нарекува и “Гробишта...

Европа

Одредени европски лидери, асоцијации, и медиумски центри во континуитет го обвинуваат Орбан за диктатура, исламофобија, кршење на човековите права, блиски односи со Русија и...

Европа

Блокадата на македонската евро-интеграција се зацврстува, и Македонија мора да наоѓа начини да го одржи ентузијазмот за членство во ЕУ, и со тоа да...

Свет

Либералниот поредок моментално се наоѓа во фаза во која тој за некои мислители прераснува во империјален интерегнум, а за некои во хегемонски интерегнум. Тие...